Првите четири услуги од електронското осигурување до крајот на годинава

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,


Владата се стреми кон континуирано подобрување на здравствената заштита, грижа и нега, но и на унапредувањето на здравствениот системот на функционирање и негова модернизација, за да биде полесен и поквалитетен системот и за граѓаните осигуреници, и за здравствените работници, но и за бизнис заедницата.

Владата на минатата седница одлучи да ја спроведе финалната фаза од проектот Електронско осигурување со која што системот ќе стане оперативен и ќе се стави во функција, на задоволство на граѓаните, на медицинарите и на компаниите.

Проектот опфаќа изработка и ставање во употреба на WEB портал преку кој ќе се овозможат многу новитети, комуникација помеѓу ФЗО и корисниците на системот по електронски пат, ефикасност во работата, намалување на трошоците и брзо задоволување на потребите на заинтересираните.

Проектот е поделен во две фази. Договорот за изработка и ставање во употреба на софтверот е потпишан, во тек се обуките на вработените. Проектот значи дека во следните 6 месеци етапно ќе биде овозможено околу дваесетина услуги за кои досега беше потребно да се оди на шалтер и да се поднесе предмет, сега да се добиваат по електронски пат, односно преку електронски систем да се испраќа поднесокот.

Во првата фаза со овој систем ќе бидат овозможени следните услуги за осигурениците, фирмите и здравствените установи:

-електронска пријава и одјава во здравствено осигурување;
-електронско спроведување на пријавите и одјавите за избран лекар;
-електронско аплицирање за издавање на електронски здравствени картички за фирмите и
-електронска проверка на статусот на издадено здравствено осигурување.

Сите четири услуги ќе бидат воведени најдоцна до крајот на годината со што ќе се заокружи првата фаза.
Електронската пријава и одјава во здравствено осигурување ќе овозможи фирмите по електронски пат да го известуваат ФЗО за овие промени. Тие нема да треба да дојдат во просториите на ФЗО за да достават документи, и да губат и пари и време, туку тоа ќе може да го вршат по електронски пат.

Електронско спроведување на пријавите и одјавите за избран лекар, ќе им овозможи на здравствените работници по електронски пат да го известат ФЗО дека тие се избрани за матичен лекар на некој граѓанин. Наместо да одат по шалтери лекарите ќе може да го посветат своето време на лекување пациенти. Граѓаните пак ќе може да го известат ФЗО дека се одјавиле од претходно избраниот лекар и се пријавиле кај друг и тоа по електронски пат.

Електронското аплицирање за издавање на електронски здравствени картички за фирмите ќе овозможи раководниот орган на компанијата или од него овластено и евидентирано лице да поднесува барања за здравствена картичка по електронски пат, без да има обврска да оди на шалтер и да дава поднесок, а тоа време да го искористи за работа на бизнисот.
Електронска проверка на статусот на издадено здравствено осигурување ќе овозможи лекарите да проверуваат дали некој граѓанин е здравствено осигурен, фирмите да проверуваат дали нивните вработени се осигурени и да избегнат евентуални непријатности, а за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да одат во здравствена установа без физички да ги носат сините картони затоа што лекарот ќе има евиденција дали тие се осигуреници или не се, и да им ги овозможи правата по основ на осигурувањето.

Оваа фаза од проектот ќе биде ставена во функција најдоцна до крајот на годината и ќе има огромно значење и за пациентите, и за фирмите и за здравствените работници. Со воспоставувањето на овој систем, за добивањето на овие услуги ќе се избегнат непотребни финансиски трошоци, нема да се одземе време за поднесување на предмети на шалтер за овие услуги, ќе се избегнат гужвите пред шалтерите и непотребните нервози. Ќе се овозможи и поголема ефикасност на вработените во ФЗО затоа што, за овие услуги целото свое слободно време ќе го насочат кон работа на предметите, а не на примање на поднесоци на шалтер и евидентирања при што ќе имаат загуба на време. Ова ќе овозможи и поголема мобилност на вработените затоа ќе се избегнат тесните грла во процесот. Сега ќе се воедначи работата со што ќе се зголеми ефикасноста и брзата обработка и одговор по предметите, затоа што просторниот аспект веќе нема да има влијание. Вработен во една подрачна единица кој има мал број на предмети за дневна обработка(пример Берово) по завршувањето на истите, ќе се преориентира на работа на предмети од друга подрачна единица која има пребукираност со предмети(пример Скопје). Предметите автоматски ќе се распоредуваат и побрзо ќе се обработуваат, се во интерес на граѓаните.

Втората фаза од проектот опфаќа можност за електронско поднесување на барања за осигурениците, чија рамка се однесува на:
-надоместок за боледување и типови дијагнози, поврат на средства за лекови на рецепт, за болничко лекување, за ортопедски помагала, за патни трошоци, за повеќе наплатена партиципација, за медицинска рехабилитација, за ослободување од партиципација по повеќе основи, за заверка на ортопедско помагало и слично..
    
За придобивките од оваа фаза би информирале при нејзиното започнување, а втората фаза се очекува да биде комплетирана следната година.

Овој проект носи огромни придобивки и за граѓаните и за фирмите и за здравствените работници, но и за институциите, и внесува нов квалитет во системот на здравствено осигурување.