Презентиран Акцискиот план за подигање на квалитетот на грижа во згрижувачките семејства

Дефинирање кој може и кој не може да биде згрижувач, критериуми и воведување нови форми на згрижување се дел од новите решенија од владиниот Акциски план за подигање на квалитетот на грижа во згрижувачките семејства.

Според новиот Правилник, како што информира денеска на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, згрижувач може да биде лице на возраст од 18 до 65 години старост. Старосната разлика меѓу згрижувачот и згриженото дете треба да е помала и приближна на природен однос родител-дете, но не помала од 18 години, ниту поголема од 50 години.

Преку воведување на формите за згрижување, општо, специјализирано, интервентно и повремено, тој нагласи дека згрижувачките семејства постепено ќе се специјализираат.

- Во специјализирано семејство може да се згрижи дете жртва на семејно насилство, со воспитно социјални проблеми, малолетен сторител на кривично дело или прекршок, дете или лице со попреченост и старо лице. Во интервентно згрижувачко семејство се врши итно згрижување на лице или дете кое е грубо занемарено или злоупотребено, или доколку родителот или старателот е спречен да се грижи за него заради болест или смрт, појасни Ристовски.

Во семејствата за повремено згрижување, додаде, може да биде згрижено дете или лице со развојни или здравствени проблеми кое живее во биолошко или згрижувачко семејство заради превенирање на кризните ситуации и зачувување на капацитетот на семејството, согласно неговите потреби. По престанокот на потребата од сместување семејството одново ја презема грижата за децата или лицата.

Ристовски информира дека изборот на згрижувачко семејство се врши според возраста на згрижувачите, степенот на образование, здравствената состојба, моралните подобности, материјалните и станбените услови.

- Во едно згрижувачко семејство може да бидат згрижени најмногу пет деца без родители или родителска грижа, едно дете со воспитно-социјални проблеми или деца жртви на семејно насилство, едно дете малолетен сторител на кривично дело или прекршок, две лица со умерени и тешки пречки или едно со тешки пречки во менталниот развој и три стари лица, рече министерот Ристовски.

Тој појасни дека во едно згрижувачко семејство може да бидат  сместени повеќе лица, но не повеќе од пет во случај кога сместените лица се браќа и сестри.

Згрижувачот добива надоместок за трошоците за сместување и надоместок за згрижување на сместеното лице, за дете од предучилишна возраст 6.604 денари, за дете на училишна возраст 7.620 и за дете со посебни потреби 8.636 денари. За згрижувачкото семејство останува обврската да обезбеди сместување и згрижување во своето семејство, исхрана, нега, општа и лична хигиена, грижа за здравјето, образовение...