Министерот Кралев се обрати на Меѓународната конференција за превенција на конфликти и училишна медијација

Седумдесетина претставници на владини институции од државите од регионот инволвирани во образовниот процес, како и на невладини организации и меѓународни институции од Балканот и пошироко, учествуваат во работата на меѓународната конференција насловена „Превенција на конфликти и училишна медијација“ што со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Македонија се одржува во Охрид.

Обраќајќи се пред учесниците на состанокот, чија главна цел е размена на најдобрите практики и искуства во решавање на конфликтните ситуации во образовниот процес, министерот за наука и образование Панче Кралев истакна дека образовните институции покрај основната дејност, имаат задача во соработка со невладиниот сектор и надворешните донатори да создаваат услови и да ги учат децата и учениците на различни техники и методи што придонесуваат за соживот, меѓусебно почитување и толеранција меѓу сите членови во заедницата.

- Благосостојбата на општеството во многу апсекти зависи од професионалните и индивидуалните капацитети на поединците, во нивната пособност да ги препознаат и манифестираат најдобрите начини за конструктивно однесување, да ги прифаќаат различностите и да развиваат чувство на заедништво. За среќа, многу држави ја препознаа потребата од креирање образовен процес што покрај основната задача на пренесување знаење, ќе создава предуслови за формирање на учениците во вистински личности. Македонија тука не е исклучок, оттаму што тука постои разбирање дека само образовниот процес во кој се води сметка за развојот на креативни, социјални вештини може да придонесе кон развој во стабилно и напредно општество, рече меѓу другото министерот Кралев.

Тој нагласи дека години наназад македонската Влада работи на создавање услови за имплементирање нови и иновативни наставни активности, преку кои ќе се постигнуваат повисоки цели односно насочување и подготвување на учениците и младите луѓе за живот во комплексни, мултетнички општества какво што е македонското.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, амбасадорот Ралф Брет истакна дека конференцијата во Охрид ги потврдува заложбите на државите од регионот кон изнаоѓање решенија за создавање безбедна образовна средина и ја препознава потребата од посредништвото како ефикасна алатка во тој процес.

- Токму преку образованието и позитивните примери уште во раните фази на школувањето на младите луѓе можат да се препознаат и промовираат вредностите како што се ненасилна демократичност и почитување на различностите. Училиштата не треба да се местата каде се врши просто пренесување на знаење, туку истовремено институции во кои децата ќе се градат во идни лидери кои ќе ги препознаваат и пректикуваат вредностите како самоувереноста, критичкото размислување и вреднување, способноста за решавање проблематични ситуации, рече амбасадорот Брет изразувајќи уверување дека дискусиите и размената на искуствата на собирите како охридскиот ќе придонесат за изнаоѓање заеднички препораки и решенија, спроведливи на дело во сите општества одделно.

Конференцијата во Охрид е дел од напорите на ОБСЕ преку обука на наставниот кадар во мултиетничките заедници, како и со поддршка на новите наставни програми, да придонесе за добрите односи меѓу заедниците, а со тоа и на стабилноста на општеството во целина.

- Веруваме дека убедувањата и ставовите на возрасните личности се востановуваат уште во раните години, и покрај родителите и училиштата можат да придонесат кон развивање на толерантноста кај младите луѓе, Тоа е практично самото јадро на мандатот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, нагласи Брет.