Груевски на Конгрес на ЕПП: Не бараме посебен третман за влез во ЕУ, само истите услови како и другите земји

Граѓаните на Република Македонија ги споделуваат европските идеи и ја гледаат својата иднина во ЕУ. Ние не сакаме посебен третман ги сакаме истите услови под кои другите земји и се приклучија на Унијата. Билатералните прашања не треба да го попречуваат процесот на пристапување, порача премиерот Никола Груевски во обраќањето на Конгресот на Европската народна партија што се одржува во Букурешт. 

Тој додаде дека и во неодамна усвоената стратегија за проширување на ЕК јасно стои дека билатералните прашања не треба да го попречуваат процесот на пристапување на земјите во Европската унија.

- Ќе кажам дека процесот на проширување може значително да помогне во решавање на билатералните прашања. Владата ќе продолжи посветено да работи на спроведување на реформите и на забелешките нотирани во последниот извештај, како и на обврските кои ги носи дијалогот на високо ниво кој се води со ЕУ, рече Груевски.

Потврда за посветеноста на реформите, според него, е фактот што Европката комисија четири години по ред препорачува отпочнување на преговори за членство во Европската унија.

- Во шест изборни процеси по ред, парламентарни, претседателски и локални, граѓаните на Македонија во континуитет ни даваат доверба нам. Најсилна потврда за нашиот реформски курс и ЕУ агенда е ЕК кој четири години по ред во својот извештај за прогресот на Република Македонија дава препорака за отворање на пристапните преговори за членство и меѓу нив последниот од 2012 кој регистрира најголем напредок и е најпозитивен во споредба со претходните, истакна Груевски во обраќањето на Конгресот на ЕПП.

Присуството на Конгресот на Европската народна партија, како што најави Груевски пред почетокот, ќе биде искористено за остварување контакти со повеќе претседатели на партии нејзини членки, како и важни личности од европските земји за лобирање за интересите на Македонија.

- Ова е добра можност да се направат формални или неформални средби со поголем број претседатели на партии кои што се членки на ЕПП, премиери, луѓе кои што се во нивните делегации, министри за надворешни работи, на некој начин да се лобира, да се споделат информации да се дадат наши видувања на некои работи, да се чујат нивните видувања, изјави Груевски, кој заедно со повеќечлена партиска делегација присуствува на Конгресот на ЕПП.

На Kонгресот на Европската народна партија (ЕПП) учествуваат 2.000 членови, вклучувајќи 16 шефови и премиери на држави-членки на Европската унија. Меѓу присутните во Букурешт кои ќе се обратат на Конгресот се германскиот канцелар Ангела Меркел, претседателот на ЕК Жозеф Мануел Баросо, актуелниот лидер на Европската народна партија (ЕПП) Вилфред Мартенс...

На Конгресот на ЕПП учествува и бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој цврсто застанал зад ставот дека визната либерализација која беше овозможена за неколку земји од Балканот, меѓу кои и Македонија, треба да остане и дека не треба да се доведува во прашање.

Во своето обраќање на Конгресот, Борисов пред претседателите на политичките партии од земјите од Европа кои ја сочинуваат ЕПП, меѓу кои и 16 шефови на државии влади на земји членки на ЕУ, истакнал дека доделената визна либерализација носи придобивки за граѓаните на балканските земји и како таква е добра политика која ЕУ ја спроведува кон овие земји. Борисов воедно дал и подршка на проширувањето на Европската Унија со поранешните социјалистички држави.

ЕПП е најсилната политичка групација во Европскиот парламент. Влијанието на Европската народна партија е одлучувачко на повеќе нивоа, вклучувајќи ги раководните функции на трите најзначајни европски институции Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент.