Ставрески: Македонија останува ниско задолжена

Буџетот и буџетските потреби, како и исплата на обврските за наредната година се целосно обезбедени со најавените средства од Светската банка и други кредитори.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска одговарајќи на новинарски прашања, кој потенцира дека со новото задолжување Македонија ќе остане и натаму ниско задолжена земја. 

- Со Светската банка имаме договорено два аранжманa. Едниот се однесува на буџетска поддршка во износ од 50 милиони американски долари за реформи кои ќе придонесат за конкурентноста на македонската економија  и вториот аранжаман е гаранција на Светска банка за економските политики што ги води земјава и реформите што ги спроведува во делот на повеќе сектори. Со таа гаранција Македонија ќе се појави на пазарот на капитал кај деловнтие банки да побара  финансиски средства во износ од 200 до 250 милиони евра. Колку точно ќе бидат  зависи од условите и понудата што ќе ја добиеме од банките. Но и во едниот и во другиот случај и со тие средства од Светска банка и со средствата обезбедени од другите кредитори, како и домашното финансирање, не само што целосно се покрива буџетот и буџетските потреби за следната година, туку истовремено се обезбедуваат средства за целосна отплата на сите обврски за следната година, изјави министерот Ставрески, додавајќи дека на тој начин значително ќе се подобри ликвидноста на економијата.

Тој потенцира дека со ова задолжување Македонија нема да стане ризично задолжена земја. - Македонија, и со овие средства што ќе ги земеме од Светска банка, останува ниско задолжена земја меѓу петте најниско задолжени земји во Европа, бидејќи во исто време отплаќаме кредити и отплаќаме обврски и по домашно и по надворешно задолжување, истакна Ставрески.

Појасни дека во текот на оваа година Владата исплаќа 145 милиони евра обврски кои значат намалување на долгот, во исто време за следната година предвидени се 345 милиони евра да се вратат по основ на обврски претходно што се земени, од кои 175 милиони евра е еврообврзницата што доспева на 8 јануари. – Значи, половина од вкупните средства веќе ќе ги исплатиме на почетокот на јануари и во целост сме обезбедени со финансиски средства. Така што сметам дека со овие показатели може да се види дека Македонија останува ниско задолжена земја, истакна министерот Зоран Ставрески.