Ан-Грете Стром Ериксен: Норвешка сака да ја види Македонија во НАТО што е можно поскоро

Норвешка ќе продолжи да ги поддржува амбициите на Македонија за членство во НАТО и жалам што Алијансата се уште не е во можност да ви упати покана. Се надевам дека ќе најдете решение за името што е можно поскоро, истакна норвешката министерка за одбрана Ан-Грете Стром Ериксен на заедничката прес-конфренција во Скопје со македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими.

Двајцата министри оценија дека Норвешка претставува значаен партнер на Република Македонија во остварувањето на нејзината стратешка цел за евроатланската интеграција и оти двете земји имаат исклучителна соработка во повеќе сегменти од одбраната.

- Македонија е кредибилен партнер и се надевам дека понатаму ќе ги развиваме нашите односи, додаде Стром Ериксен. Нагласи дека Норвешка ќе остане континуиран поддржувач на реформите во одбраната во Македонија и оти ќе помогне во реализација на проектите како што се прераснувањето на Регионалниот тренинг центар за комуникации во Центар за обука на Партнерството за мир, поддршка на Воено-медицинскиот центар и проектот за ресоцијализација на воен персонал „Лепеза“.

Министерот Бесими потеницра дека НАТО останува стратешки приоритет на Република Македонија и оти за тоа во земјата има политички консензус и поддршка од граѓаните.

- Земјите - членки на НАТО и Норвешка може да сметаат на Република Македонија како на кредибилен партнер во остварувањето на заедничката цел за глобален мир, рече Бесими.  

Тој изрази благодарност за донацијата од Норвешка на лесно-маневарската полска болница ROLE-2, што официјално ќе биде предадена за време на медицинската вежба „Безбедна патека-2012.

- Тоа е проект што докажува дека концептот на здружување на потенцијалите секогаш е успешен и дава резултати. Ова е основа за еден иден проект на регионално ниво наречен Балкански проект на медицински тимови во регионот во кој Република Македонија ќе биде пратнер со осатнатите земји од регионот за екипирање на медицински тим за меѓународните мировни мисии, појасни Бесими.

Двајцата министри разговарале и за развојот на капацитетите за сместување на кадетите од Воената академија и за размена на искуства и кадри, како и за можноста за промоција и развивање на диверситетот во Армијата од аспект на половата структура.

На заедничката прес-конференцијата на министерката Ан-Грете Стром Ериксен и беше врачена благодарница за континураната поддршка од Кралството Норвешка и за примопредавањето на лесно-маневарската полска болница ROLE-2 со која се очекува да се подобрат медицинските и оперативните капацитети на вооружените сили на Република Македонија.