Тодоров: Реформите продолжуваат со несмален интензитет, приоритет квалитетни услуги и подобри услови за работа на лекарите

 

Предвидената измена на Законот за лекови и донесувањето на новата методологија за единствени цени на лековите се меѓу најсериозните реформи во здравството спроведени изминатите 100 дена, рече денеска ресорниот министер Никола Тодоров.

- Законската измена ќе овозможи паралелен увоз на лекови и регулирање на пазарот, а новата методологија поголема конкуренција и намалени цени. Тоа секако ќе го почувстуваат граѓаните, истакна Тодоорв на прес-конференција по повод сработеното од доаѓањето на функцијата.

Паралелниот увоз на лекови ќе можат да го вршат и здравствените установи за сопствени потреби, а со измените е предвидена и детална регулација на пазарот од аспект на известување на веледрогериите, односно производителите за нивната намера за повлекување од промет на лек регистриран и ставен во употреба во Македонија. Со новата методологијата за формирање единствени цени на лековите, пак, се доуредува начинот на формирање единствени цени преку компарација на цените во 12 земји од ЕУ. Согласно одредбите на новата методологија ќе се намалат цените на над 500 лекови што ќе придонесе за нивна поголема достапност до граѓаните и поголема заштеда за здравствениот систем.

Осврнувајќи се на планираните активности, Тодоров додаде дека првиот и основен предизвик на Министерството е подобрувањето и унапредувањето на системот на организација на здравствениот систем. За таа цел во фаза на реализација се повеќе пакет-мерки за воспоставување и почитување на строго дефинирани стандарди за организација на ЈЗУ, за унапредување на нивото на обезбедена здравствена услуга, како и за унапредување на условите и стандардите за работа во клиниките, болниците и другите здравствени установи.

- Една од нив е воведувањето сменско работење со цел обезбдување комплетни здравствени услуги за осигурениците во текот на целиот ден, воспоставувањето правила за работа на комисиите за спроведување на постапките за јавни набавки, строго придржување до Законот за евиденции во областа на здравството и уредно водење на медицинската евиденција на здравствените установи, рече Тодоров.

Приоритет е и квалитетот на услугите посебно од аспект на зглемување на задоволството на пациентите. Конкретни чекори во таа насока се строго почитување на протоколите и стандардите за хигиена во јавните здравствени установи во државата, односно за неопходноста од беспрекорна хигиена во сите здравствени установи.

- Тоа мора да се почитува во секое време зашто е основата без која не може да се зборува за подобрување на условите во болниците и за зголемување на квалитетот на здравствените услуги за пациентите, како и за подобрување на имиџот на јавните здравствени установи во државата, посочи министерот.

Меѓу стратешките цели на Министерството е и унапредувањето на условите за работа на лекарите, подобрување на нивниот статус и материјалната состојба, како што се проектот за дополнително наградување на врвните лекари, унапредување на системот на доделувањето специјализации, реконструкцијата на објектите, новата апаратура.

Интензивно се преземаат активности за воведување на Системот за управување со квалитет ИСО 9001:2008 со цел унапредување на условите за лекување во јавните здравствени установи, како и за подобување, односно за унифицирање на квалитетот на обезбедените здравствени услуги.

Во тек е пилот-проектот за упатување на пациентите кој се спроведува на целата територија на Република Македонија и ги опфати сите јавни здравствени установи и ординации по примарна здравствена заштита по општа медицина, гинекологија и општа стоматологија и ПЗУ специјалистички ординации со кои ФЗОМ има склучено договор. На овој начин, се намалуваат и трошоците за здравствениот систем, бидејќи во моментов се вршат рутински услуги на универзитетски клники кои како услуги обезбедени на терцирерно ниво се поскапи, а од друга страна во досегашната практика се заобиколуваше секундарното ниво на здравствениот систем, за кој државата обезбедува кадар, здравствени капацитети, опрема, независно дали пружиле услуга или не.

Во новиот Закон за здравствена заштита е извршено точно разграничување на правата и обврските на двајцата директори на јавните здравствени со цел унапредување на менаџирањето во ЈЗУ. 

Потпишан е и Протокол за соработка за доделување стипендии за менаџери во јавните здравствени установи со што се обезбедуваат 10 стипендии за постдипломски студии (двегодишни) во рамки на Програмата за бизнис администрација во здравството. Министерството во соработка со Шефилд Универзитетот обезбедува 50 проценти од вкупната сума на школарината и добива 50 проценти попуст. Оние кои ќе ги завршат студиите ќе имаат обврска да работат во јавниот здравствен сектор определено време.

Министерот Тодоров се осврна и на уште неколку проекти што се однесуваат на обезбедувањето современа опрема во болниците, како и на стручното оспособување и усовршување на околу 500 здравствени работници во државата и во референтни медицински центри во странски земји. Тој уште еднаш потсет и на воведените системски мерки за ограничување на можноста за злоупотреба на боледувањата.