Богов: Кризата во еврозоната сериозна, се очекуваат удари во реалниот сектор, банките остануваат стабилни

Кризата во еврозоната е сериозна и македонската економија ќе има одредени удари особено во реалниот сектор, но банките ќе ги издржат тие удари без поголеми проблеми, изјави попладнево гувернерот на Народната банка, воедно и член на Економскиот совет при Владата на Република Македонија, Димитар Богов.

- Наша констатација е дека кризата во еврозоната е сериозна. Должничките проблеми во периферните земји може да ескалираат, можни се сите сценарија. Ние ги правиме сите подготовки и анализи. Сметаме дека нашата економија ќе има одредени удари меѓутоа банкарскиот сектор е отпорен и ќе ги издржи сите тие удари без поголеми проблеми. Депозитите се сигурни и не треба да постои грижа и страв кај граѓаните, изјави Богов по денешната седница на Економскиот совет на која ги информирал членовите за најновите макроекономски случувања во еврозоната и нивното влијание врз македонската економија. 

Во реалниот сектор се очекува намалување на извозот и производството. - Застојот во еврозоната е очигледен. Тој е веќе неизбежен. Некои аналитичари предвидуваат и рецесија што значи дека нашиот извоз и производство ќе се намали, а можно е потоа и зголемување на износот на лоши кредити во македонските банки. Меѓутоа, тоа во секој случај не треба да биде драматично зголемување, оцени Богов.

Прашан дали по ова ќе се остварат проекциите за раст на економијата за 4,5 проценти, Богов одговори дека тоа се проценки на Владата и оти тие како Народна банка во моментот ги прават нивните проекции и во најкусо време ќе излезат со свои видувања.