Обраќање на премиерот Груевски на Годишното собрание на НАТО во Прага, Република Чешка

Почитуван Претседавач,­­­­

Екселенции,

Почитувани пратеници,

Почестен сум што сум поканет да се обратам на Годишната сесија на Парламентарното собрание на НАТО. Би сакал да ја изразам и мојата голема почит кон нашите извонредни домаќини во Чешката Република.

Задоволството што сум овде е дотолку поголемо што знам дека говорам пред орган на НАТО кој е осведочен приврзаник на политиката на проширувањето на Алијансата и кој во континуитет испраќа силни пораки за поддршка на зачленувањето на Република Македонија во НАТО. Тоа се случи и пред последниот самит на НАТО во Чикаго. 

Дозволете ми, почитувани пратеници, за момент да се навратам на вашата пролетна сесија во Мадеира во 2007-та година, кога за прв пат се обратив пред ова Собрание.

Во тоа време, неполна година пред одржувањето на Самитот на НАТО во Букурешт, јас со гордост ве информирав за штотуку успешно завршената реализација на осмиот и започнатото планирање на деветтиот циклус на Акциониот план за членство на Република Македонија во НАТО.

Тогаш, со голема доза на ентузијазам и уверување, реков дека тоа е последната Национална програма пред зачленувањето на Република Македонија во Алијансата. Мојот тогашен ентузијазам не извираше само од големата желба и огромната поддршка на македонскиот народ за приклучување кон НАТО, туку уште повеќе, тој доаѓаше од уверувањето дека до Самитот во Букурешт земјата ќе ги исполни потребните критериуми за членство и заслужено ќе стане членка на Алијансата. Да - признанието за исполнетите критериуми дојде, но поканата за членство беше условена.

Верувавме и дека Самитот во Чикаго е одлична можност за тоа, иако како што знаете, за зачленувањето на Република Македонија не е потребен Самит.

Имавме и силни аргументи во пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Во тој контекст, апелиравме до земјите-членки на НАТО да ги преиспитаат своите позиции и да се заложат за постигнување консензус за ефектуирање на заслужената покана за членство на мојата земја што е можно побргу.

Сепак, и покрај фактот што значителен број на наши пријатели во НАТО имаат разбирање за нашите аргументи, Република Македонија денес се уште чука на “отворената“ врата на Алијансата.

Почитувани пратеници,

Политиката на проширувањето на НАТО, меѓу другото, имаше цел да изгради кредибилни и компатибилни партнери на НАТО и идни одговорни членки. Исправноста на оваа политика одамна се рефлектира во Република Македонија.

Таа се потврдува не само со постојаното одавање признанија од страна на Алијансата за постигнатите стандарди, туку и со нашите непоколебливи заложби за постојано унапредување на реформите. Реформи кои во континуитет ги спроведуваме не само заради зачленувањето во НАТО и Европската Унија, туку затоа што тие се во интерес на граѓаните на Република Македонија. Оние граѓани, кои веќе 20 години, во исклучително висок процент од 80 до 90%, го посакуваат и поддржуваат зачленувањето на земјата во НАТО.

Таа се потврдува и со препознатливата посветеност на Република Македонија во придонесот кон светскиот мир и безбедност, која секогаш високо се вреднува од страна на сојузниците. Често од нашите партнери можеме да слушнеме дека Република Македонија е de facto членка на НАТО, особено со придонесот во мисиите и операциите на Алијансата. 

Се разбира, иако за нас е големо признание, тоа не може да ни биде утеха, а уште помалку замена за одамна заслуженото место на масата на Северно-атлантскиот совет во Брисел.

Говорејќи за нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност, сакам да ве информирам дека продолжуваме со учеството на нашите сили во Авганистан се додека е тоа потребно. Наши војници се дел и од регионалниот тим за обука и менторство на авганистанските безбедносни сили, што претставува регионална контрибуција на членките на Јадранската повелба во воено-полициската школа во Кабул. Подготвени сме, согласно потребите на Алијансата и нашите можности, да партиципираме и во новата Мисија во Авганистан предводена од НАТО по 2014, за советување, обука и поддршка на авганистанските власти.

 На планот на националните реформи, продолжуваме со унапредувањето на стандардите во повеќе области. Го усовршуваме изборното законодавство, висок приоритет во агендата на Владата има и натамошната имплементација на Охридскиот договор, со што се јакне мултиетничкиот карактер на македонското општество и капацитетите на институциите. Со реформите во јавната администрација настојуваме да создадеме професионална и одговорна администрација, способна да пружи високо квалитетни услуги на граѓаните и на бизнис- заедницата. Јакнењето на независноста и ефикасноста на судството, како и справувањето со сите облици на корупција и организиран криминал се наши високи  приоритети и области во кои се преземаат потребните пакет-мерки. Во услови на глобална економска криза, имаме цел да ја подобриме и економијата, со привлекување странски и домашни инвестиции, со цел да постигнеме зголемување на економскиот раст и да создадеме солидни услови за отворање нови работни места.

Со еден збор, настојуваме во секој поглед да ги унапредиме состојбите во нашето општество, а со тоа да продолжиме да делуваме и како одговорен член на меѓународната заедница.

Сепак, почитувани пратеници, верувам ќе се сложите со мене дека подготвителниот процес за зачленувањето на Република Македонија во НАТО трае веќе премногу долго.

Никој повеќе од нас не сака да се отстрани последната пречка што ни стои на патот за реализација на нашите европски и евроатлански цели. Дури и највисокиот меѓународен суд во својата пресуда потврди дека Република Македонија пристапува и се однесува со добра волја во разговорите за надминување на пречката за нашето евроатланско интегрирање.

Со исто толку добри намери и во насока на унапредување на добрососедските односи, иницираме конкретни активности, предлагаме одржување средби на различни нивоа, како и реализација на бројни билатерални проекти со нашиот сосед.

Ова го правиме затоа што сметаме дека развојот на односите со нашите соседи и  унапредувањето на регионалната соработка се придобивка за целиот регион, кој сакаме што поскоро да го видиме целосно интегриран во НАТО и во Европската Унија.

Се разбира, тоа е придобивка и за НАТО и за Европската Унија, имајќи предвид дека двата процеси се меѓусебно поврзани и комплементарни. Напредокот во едниот процес, воедно значи позитивен исчекор и во другиот, што сметаме дека е природен тек, како за земјата, така и за двете организации.

Како пример, воспоставувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската Комисија, несомнено беше катализатор за унапредување на реформските процеси во земјата и придонесе за значителен напредок во голем број од клучните области. Европската Комисија го констатираше тоа во нејзиниот овогодишен Извештај за напредокот на Република Македонија. И оваа година, веќе четврти последователен пат, Комисијата препорача отворање на пристапните преговори со Македонија за членство во Европската Унија.

Се надеваме дека наредниот месец, Советот на Европската Унија ќе ја земе предвид препораката на Комисијата и ќе го одреди датумот за почеток на пристапните преговори со мојата земја.

За жал во рамките на НАТО, и покрај горенаведениот напредок, статусот на Република Македонија е непроменет веќе неколку години. Убеден сум дека никој не очекуваше дека тоа ќе биде така во времето кога се носеше одлуката во Букурешт. Очигледно е дека е повеќе од потребно итно надминување на оваа  status quo состојба.

Одредено охрабрување за нас и јасна потврда за важноста што Алијансата ја придава на проширувањето и политиката на отворени врати, е фактот што на последниот Самит на НАТО во Чикаго беше испратена порака дека тој беше последен Самит без проширување.

Сепак, имајќи ги предвид специфичностите на нашиот случај, а особено фактот дека за ефектуирање на поканата за членство на мојата земја не е потребен Самит, сметам дека во периодот непосредно пред нас, Алијансата може и треба да донесе храбра и визионерска одлука, како што тоа многупати досега го правела.

Одлука со која Република Македонија конечно ќе го добие одамна заслуженото членство во НАТО.  

Се надевам дека ова Собрание, кое и досега беше вокален поддржувач на нашата интеграција во Алијансата, ќе ја прифати валидноста на изнесените аргументи, и ќе направи се што е во неговата моќ за што побрза реализација на оваа, убеден сум, заедничка цел.

 

Ви благодарам на вниманието.