Редовен месечен надзор во постапките за посвојувње

Поради утврдени неправилности во постапката за посвојување и непочитување на законската регулатива, социјална инспекција ќе врши редовен месечен надзор над работата на стручните работници во постапките за посвојување во сите центри за социјална работа, почнува со работа Комисија за засновување на посвојувањето, а ќе се направат и измени во Законот за семејство.

Ова се дел од мерките кои денеска на прес-конференција ги презентираше министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој рече дека предлогот за упис на дете во регистарот за можни посвоеници Центарот треба да го достави во рок од 10 дена од давањето согласност за посвојување, а казната за стручниот работник кој нема да го почитува тоа, е 1.000 до 1.500 евра во денарска противредност. Глоба во износ од 1.500 до 2.500 евра, истакна Ристовски, ќе се изрече за прекршок на одговорното лице во правното лице, а од 2.500 до 3.500 евра за прекршок за правното лице.

- По добивањето на одлуката на Комисијата за упис на детето во регистарот на можни псовоеници, Центарот треба да изврши избор на најсоодветни посвоители и по елетронски пат во рок од пет дена да ја извести Комисијата. Ако во Центарот нема можни посвоители сите податоци за детето треба да се достават до другите центри, посочи Ристовски и додаде дека казната за стручниот работник за непочитување на постапката е од 1.000 до 1.500 евра.

Глобата од 1.500 до 2.500 евра ќе се изрече за прекршок на одговорното лице во правното лице, а од 2.500 до 3.500 евра за прекршок за правното лице.

- Детето ќе биде дадено на посвојување и без согласност на родителот ако по истекот на една година родителот не покажува интерес, не презема грижа за него и не соработува со Центарот. Ќе се поведат и кривични пријави и престанување на работен однос за лица кои ќе ја злоупотребат службена положба со намера за стекнување имотна или друга корист од овие лица, истакна Ристовски.

Тој нагласи дека ќе бидат покренати и дисциплински постапки и ќе бидат казнети 15 лица од центрите кои не постапувале согласно Законот и ги одолговлекувале постапките за упис на дете.

При надзорот спроведен од Министерството во изминатиот период, додаде Ристовски, е утврдено дека во моментот има 20 здрави деца за кои не постојат пречки за посвојување и тие ќе бидат дадени на адаптација на можните посвоители во најкраток можен рок.

На телефонот 15133 граѓаните можат да се јават и да пријават каква било информација која ќе помогне во насока на разоткривање на неправилностите поврзани со посвојувањето.

Министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека станува збор за сериозна работа и ќе бидат преземени мерки со цел намалување на можноста за злоупотреба од медицински аспект како дел од постапката за посвојување.

- Министерството формира Комисија од 10 педијатри специјалисти и неонатолози кои никогаш претходно не биле вклучени во ниту една комисија за посвојување и ќе имаат задача да направат преглед на здравствената состојба на децата кои се спремни за посвојување. Тие ќе прават и ревизија на веќе направените медицински прегледи на претходно формирани комисии и доктори вклучени во целиот процес, рече Тодоров. 

Констатиравме, посочи Тодоров, една аномалија која често се провлекува - еден определен број деца постојано се водат како деца во ризик без да се знае дали и на кој начин нивната состојба е променета и ќе се преземаат определени здравствени мерки за спречување на ваквите појави.

- Втората активност која ќе ја преземеме е поврзана од опрема за неонатален скрининг набавена неодамна на Детската клиника во Скопје, со која ќе се овозможи пред посвојувањето децата да бидат подложени на ваков скрининг со кој ќе се провери дали имаат заболувања, додаде Тодоров.