Министерот Димовски домаќин на работниот состанок на министрите за земјоделство од ЈИЕ

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (SWG) во петок и сабота ќе бидат домаќини на петтиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа (ЈИЕ).

На состанокот, министерот Љупчо Димовски ќе го преземе претседавањето со SWG од неговиот хрватски колега Петар Чобанкович кој годинава ја извршуваше оваа функција.

Освен со министрите за земјоделство од регионот и од ЈИЕ, Димовски ќе се сретне и со Лорета Дормал Марино, заменик генерален директор на Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската комисија.

Иднината на регионалната соработка и претстојните реформи во земјоделството и руралниот развој со цел приближување на регионот и на ЈИЕ кон ЕЕ, ќе бидат главни теми на состанокот. Учесниците ќе разменат искуства и за реформите на Заедничката земјоделска политика на ЕУ за периодот 2014-2020, за иднината на ИПАРД, како и за стратешките насоки за идната регионална соработка во Југоисточна Европа во земјоделско-прехранбениот сектор во рамки на SWG платформата.

Во рамки на состанокот ќе биде претставена мрежата на факултети за земјоделство во Југоисточна Европа, а делегацијата ќе посети и неколку реномирани винарски визби од земјава, како и компании од земјоделско-прехранбениот сектор.

Целите на регионалната соработка меѓу земјите од ЈИЕ се рационално користење на предристапната странска помош и на националните ресурси во градење и зајакнување на капацитетите за  поддршка на руралниот развој, како и за зголемување на економската конкуретност на руралните средини. Ова се постигнува преку обезбедување на платформата за размена на искуства, проток на информации за земјоделство и рурален развој, за политиките и мерките, како и преку синхронизирање  на напорите  за иновативен  развој на руралните области.

Постојаната работна група за регионален рурален развој е меѓународна владина организација која ги вмрежува владините институции одговорни за рурален развој во повеќе земји од ЈИЕ. Формирана е во јуни 2005 година на Форумот за земјоделство „Рурален развој - можности за соработка во Југоисточна Европа“ што се одржа во Репблика Македонија и Србија. Цел на SWG е обезбедување конструктивна и постојана соработка меѓу министерствата за земјоделство во рамки на нивните одговорности во тековниот процес на интеграција кон ЕУ. SWG обзебедува координирана соработка за развој на руралните средини особено на  пограничните региони.