Учиме од бизнис заедницата

Почитувани,

 

Владата на Република Македонија постојано спроведува низа активности, мерки и проекти со цел унапредување на деловната клима, бизнис опкружувањето и конкурентноста. Оттука, одржувањето на континуиран дијалог со бизнис заедницата е еден од приоритетите на Владата. Во таа насока, во изминатите години успешно беа спроведени и реализирани, а во тек е спроведување на голем број на проекти, меѓу кои е и проектот „Учиме од бизнис заедницата” кој започна во 2010 година, под називот „Посета на 150 компании“.

Реализацијата на овој проект овозможува преку директна комуникација непосредно да се осознаат нови иницијативи и предизвици со кои се соочуваат приватниот сектор, бизнис заедницата, компаниите и здруженијата на компании при своето работење. Проектот овозможува компаниите од целата територија на Република Македонија да бидат посетени од страна на претставници на државните институции и преку непосредна комуникација да се разменат нови идеи и предлози. Континуираното спроведување на проектот во четири последователни циклуси овозможи до сега повеќе од 500 компании да ги изнесат своите барања и иницијативи.

 

Свесни за широките придобивки од спроведувањето на овој проект во септември 2015 година, започнавме со реализација на петтиот циклус на посети на компании преку проектот „Учиме од бизнис заедницата“.

Доколку имате потреба да ги искажете проблемите со кои се соочувате или имате иницијатива која сакате да ја предложите, потребно е да го искажете Вашиот интерес преку пополнување на соодветен образец за пријавување.

Образецот за пријавување во електронска верзија можете да го превземете тука. Истиот, може да се достави електронски на следната е-маил адреса: [email protected]v.mk, по факс на: (02) 3221 506 или по пошта на адреса: Влада на Република Македонија Бул.„Илинден“ бр.2  1000 Скопје , со назнака „Апликација за проект: Учиме од бизнис заедницата“ најдоцна до 31.12.2015 година.

 

Учиме од Вашите предлози, идеи и иницијативи.

Ви благодариме на соработката.

 

Со почит,

Кабинет на Заменик претседател задолжен за економски прашања.