Нова владина мерка - едно евро квадрат откуп на земјиштето од дивоградбите

Земјиштето кое се наоѓа под дивите градби, а е државно, секој граѓанин ќе може да го легализира за едно евро по метар квадратен, предвидува новата владина мерка донесена на последната седница на Владата, која стапува на сила веднаш.

Ова денеска го изјави премиерот Никола Груевски, кој рече дека одлуката ќе се рефлектира на речиси 360.000 семејства, бидејќи најголемиот дел граделе дивоградби на државно земјиште, мал дел имаат изградено на приватно или на нивно земјиште.

- Најголемиот дел од овие 360.000 семејства практично ќе ја имаат можноста по симболична цена за едно евро по метар квадратен да си ги откупат и дворните места, да можат после тоа да имаат не само легализирана куќа, туку и свој двор, да можат доколку во иднина сакаат да ја срушат старата куќа, да изградат нова, да ја доградат, да ја надградат или да ја продадат, да ја дадат под залог за да има поголема вредност да земат кредит, истакна Груевски по пуштањето во употреба на спортска сала во средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во општина Бутел.

Со оваа одлука, тој посочи дека го комплетираат прашањето на сопственоста на имотите во целост, по мерките за денационализацијата, враќањето на старите заробени девизи, легализацијата на дивите градби и дворовите за едно евро по метар квадратен.

Нагласи дека проблем за граѓаните за кој долго време комуницирале со нив најчесто на трибините бил токму за земјиштето под дивите градби.

- Значи некој има изградено дива градба на државно земјиште и сега ја легализира дивата градба, но земјиштето се уште не е негово. Тоа е државно, а тој треба да плаќа или закуп или да гарди нелегално ако сака да догради или ако е стара куќа сака да ја сруши да изгради нова или да ја надгради, тој не може бидејќи секое поместување ќе значи нова дивоградба за која тој штотуку се ослободил. Затоа одлучивме и земјиштето кое се наоѓа под дивите градби, а е државно, секој граѓанин да може да го легализира за едно евро по метар квадратен, додаде премиерот Никола Груевски.