Вицепремиерот Пешевски на средба со штипските бизнисмени

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска оствари средба со дваесетина бизнисмени од Штип и соседните градови со цел  директно да се информира на кој начин и со кои мерки дополнително треба да се подобри бизнис климата. 

- Објавен  е буџетот, барем онака како што го има донесено Владата, но ќе видиме кои ќе бидат амандманите во Собранието на Република Македонија. Но, сепак, она што со сигурност може да се каже е значително зголемената стапка за капитални инвестиции, што е главниот поттик за економијата и сите оние мерки што значат поевтинување на работењето за компаниите ќе продолжат и во наредниот период,  изјави Пешевски.
Тој додаде дека во тек на овој период треба да се биде внимателен, бидејќи светската економска криза зема повторно замав, а на политичарите во Европа им требаше време да најдат начин некои од проблемите и да се разрешат. Но, според него, нашиот банкарски сектор е стабилен, се очекува и раст на економијата и Владата ги следи сите состојби, доколку е потребно да се реагира.

Претставниците на текстилните конфекции во Штип на денешната средба  побараа рамноправен третман помеѓу домашните и странските инвеститори. 

Вицепремиерот Пешевски оцени дека е добро што во Штип во наредниот период ќе се реализира инвестицијата на „Џонсон контролс“, која ќе влијае и на зголемување на платите на работниците во текстилната индустрија.