Марта Арсовска Томовска

Марта Арсовска Томовска - Министер за информатичко општество и администрација

 

Марта А. Томовска е родена на 01.03.1973 година во Скопје. Со звањето дипломиран електроинженер се стекнала на Електротехничкиот факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј - Скопје, во 1996-та година. Работи на подготовка на магистерска теза на државниот Економски факултет во Скопје.

Одлично ги познава англискиот и јужнословенските јазици, а делумно францускиот и рускиот.

Од 1996 до 2011 година, била на раководни позиции во приватниот сектор, како УНЕТ - првиот Интернет сервис провајдер во Р. Македонија (генерален директор) и Ултра компјутинг (директор на продажба и маркетинг). Учествувала во управувањето со обемни систем-интеграторски проекти, имплементирани во Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за здравствено осигурување, Царинската Управа, Управата за јавни приходи, македонските судови и сл. Била и одговорна за имплементација на повеќе значајни проекти како: дизајн на првото решение за електронска трговија и првото решение за електронско банкарство во Р. Maкедонија, дизајн на колаборативна платформа за дигитални медиуми меѓу компании од Сан Франциско и Р. Македонија, соработка со NTT Docomo центарот за истражување и развој на нови технологии во Токио, Јапонија. На нејзина иницијатива во 2004-та година е реализиран проектот за бришење на Македонија од црните листи на небезбедни земји за интернет трговија и воспоставена е “Култура за интернет безбедност”. Во улога на главен архитект од македонската страна, учествувала во воспоставување на систем за учење на далечина со Универзитетот во Питсбург, САД. Била член на експертската работна група за подготвување на стратегија за имплементација на FWA/WIMAX електронски мрежи во Р. Македонија, како и за развој на електронската трговија. Учествувала во работата на комитетите на МАСИТ, ISOC (Internet Society) и Македонскиот ИКТ кластер.

 

Учествувала на повеќе домашни и меѓународни конференции за ИКТ, како панелист и говорник. За нејзините достигнувања добила различни признанија, меѓу кои признанијата на USAID за извонреден придонес во ИКТ индустријата во Р. Македонија и извонреден придонес во градењето на културата за интернет сигурност во Р. Македонија, како и за придонес на Националниот совет за претприемништво и конкурентност на Р. Македонија. Била избрана и за Топ 10 менаџер на годината (Капитал).

За своите технички познавања во областа на информатиката и телекомуникациите, како технологии за пренос, програмски јазици, бази на податоци, оперативни системи и друго, поседува стручни сертификати. Обучена е за управување со проекти (PMI Institute), управување со организации (Adizes Institute) и Лидерство и управување (National School of Government & Ministry of Defence of the United Kingdom).

Во август 2011 година е именувана за заменик на министерот за информатичко општество и администрација во Владата на Република Македонија. Посветено работи на имплементација на ИКТ проектите во јавниот сектор и на реформата на јавната администрација.

Од јануари 2013 година е член на Големото жири на Светскиот самит за награди (World Summit Awards). Самитот е организиран во партнерство со Обединетите Нации и клучните организации и агенции на Обединетите Нации, кои заедно се грижат за развојот на информатичкото општество. Во септември 2015 година станува и неизвршен член во бордот на директори на World Summit Awards.

Во ноември 2015 година е именувана за министер за информатичко општество и администрација во Владата на Република Македонија.