Субрата Рој: Комплексот во Охрид ќе биде меѓу најдобрите десет во светот

Tуристичкиот комплекс што на крајбрежјето на Охридско Езеро ќе го гради индискиот бизнисмен Субрата Рој ќе биде меѓу најдобрите десет дестинации од тој вид во светот.

- Целиот проект пред се е инициран од аспект на бизнис. Проектот е мошне амбициозен, предвидува дури над сто илјади соби. Нашите заложби не се тоа да биде некој просечен туристички комплекс, туку една дестинација меѓу најдобрите пет до десет од таа област од целиот свет, рече Рој на денешната прес-конференција во Охрид.

Тој потенцира дека се што прави неговата компанија тоа го прави големо и така ќе биде и овојпат со овој, како што рече, амбициозен проект од кој ќе имаат полза и двете страни, и Република Македонија и Сахаријан Груп.

Како и претходниот пат, изрази воодушевување од климата, од луѓето тука и повторно тоа го нагласи како дел од причините поради кои решил да инвестира. - Климата игра мошне важна улога во вакви проекти. Бев тука во лето, сакав да видам како е во зима и токму поради тоа се реализара оваа посета. Кога работите со бизнис од туризмот, мора да се води сметка за сите работи, па и за климата. Тоа е причина повеќе што сме тука. Тука мора да додадам дека со првото доаѓање ја засакав оваа прекрасна земја, нејзините убавини, но пред се нејзините луѓе. Тие се вистинското богатство. Не можам со зборови да објаснам, дури Охрид како да бил дел од мојот претходен живот. Токму тогаш почнаа нашите планови, додаде Рој.

Во врска со плановите околу почетокот на активностите околу изградбата на проектот, Рој истакна дека се работи забрзано, заеднички од страна на двата тима на големиот број прашања што треба да се уредат, но забележа дека ќе се отпочне со работа кога ќе биде обезбедена потребната дозвола за градба.

За конечниот изглед на проектот, како сето тоа ќе изгледа, Рој сликовито појасни дека никој од канцеларија не може да каже однапред како сето ќе изгледа на терен, но истакна дека во секој случај мора да биде нешто вонсериско во светски рамки.

- Никој на светот не може да предвиди каков ќе биде конечниот изглед на проектот. Не сме тука да правиме нешто осредно, просечно. Зошто некој би доаѓал тука? Затоа тоа мора да биде нешто од врвна класа, нешто меѓу петте, максимално десетте најдобри дестинации во светот, рече тој потсетувајќи дека партнери на „Сахара груп“ се компании што граделе познати туристички дестинации како „Бурџ Ел Араб“ во Дубаи, кои во својата работа практикуваат да работат како брзо, така и високо квалитетно.

Економската оправданост во проектот Рој ја гледа преку таргетирање елитна клиентела од целиот свет, пред се од Индија, Русија, Кина, Европа. - Милиони Индијци верувам дека би дошле тука како туристи. Тука се и Кинезите, Русите, Европејци. Не очекувам голем број гости да дојдат од Канада и САД. Однапред е тешко да се каже кои се би биле гостите тука, но можам да кажам дека овој проект дефинитивно ќе ја подобри економската состојба во вашата земја, додаде индискиот милијардер.

Неговиот домаќин, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека веќе е формиран координативен тим од триесетина експерти, како на надлежните институции во Македонија така и на Сахара групацијата, за да се уредат сите правни, економски, еколошки прашања за да се забрза реализацијата на проектот.

- Се работи за исклучително голем, комплексен проект, поради што е потребно да се формира тим од двете страни, Ние веќе формиравме управувачки комитет, со повеќе од 25 лица, претставници од различни државни институции кои работат на неколку сета прашања, како правни прашања односно легислативата, финансиски и даночни прашања, инфраструктурни прашања и маркетингот. Тие тимови на највисоко ниво потоа ги разгледуваат прашањата и на оперативно ниво, и ги расправаат со претставниците на Сахара груп, во таа насока ќе оди и придвижувањето на проектот наредните неколку месеци, со цел да се решат прашањата, истакна Ставрески.

Тој истовремено насласи дека во тимот се вклучени и сите државни институции од областа на заштитата на животната средина со цел проектот да биде еколошки прифатлив како од аспект на заштитата на животната средина, така и од аспект на заштитата на Охридското Езеро како богатство заштитено од УНЕСКО.

- Посебна екипа работи на прашањата од областа на заштитата на животната средина. Министерот за животна средина, Хидробиолошкиот завод од Охрид, како и институциите надлежни во делот на УНЕСКО односно заштитата на културно-историското наследство. Договор имаме со Сахара дека сите тие стандарди ќе бидат максимално почитувани, со цел  проектот да биде и транспаретно подготвен, но и да одговори на сите стандарди за заштита на Охридското Езеро, нагласи Ставрески.

Тој додаде дека е предвидено на локацијата да биде формирана туристичка развојна зона, и секако согласно легислативата да бидат обештетени сите граѓани кои имаат имот на локацијата каде е предвидена изградбата на „Сахарјан Македонија“.

За цената на целиот проект беше истакнато дека не може однапред да се каже, но како што рече индискиот бизнисмен, секако дека се работи за неколку стотини милиони долари. Инаку, неговата компанија за свои потреби веќе го го купи хотелот „Ино спектар“.