Младите се повеќе заинтересирани за претприемништво

Македонија од денеска до 20 ноември по четври пат е дел од Глобалната недела на претприемништво, најголемиот светски настан за промоција на претприемништвото меѓу младите луѓе. Целта е да се поттикнат младите луѓе на претприемништво и да ги реализираат своите идеи.

Според еден од организаторот ПСМ Фондацијата младите се повеќе и повеќе навлегуваат во претприемништвото, но сепак бизнис заедницата смета дека им недостасува храброст за почнува нов бизнис.

Помош при почнување на нов бизнис младите може да добијат во ПСМ Фондацијата, како и во Агенцијата за поддршка на претприемништвото.

- Кој било млад човек кој сака да стане претприемач прво кај нас добива простор по бенифицирана кирија, консултантски услуги, поврзување со други луѓе кои се во ист или сличен бизнис, информира Љупчо Деспотовски директор на ПСМ Фондацијата. Додаде дека најчесто младите прашуваат за финансиски средства за почнување на бизнис, кои ПСМ Фондацијата не може да ги обезбеди, но може да им посочи алтернативни извори на финансирање.

Од Агенцијата за претприемништво истакнуваат дека младите може да добијат бесплатна помош во изработка на бизнис план при почнување на бизнисни. Најчесто младите се најзаинтересирани за брзорастечките сектори како што се ИКТ и извозно ориентираните. 

Соред норвешкиот амбасадор Кјетил Паулсен, за Македонија не е важен секторот во кој ќе почнат бизнис младите, туку е важно тие да се мотивираат да го почнат бизнисот и да отворат нови рабтни места.  

- Она што на Македонија и треба е нови работни места без разлика во кој сектор се. Неопходно е младите да се мотивираат да почнат бизнис да отвораат нови компании кои ќе отвораат нови работни места, истакна Паулсен кој додаде дека со организирањето на Неделата на претприемништвото се повеќе се мотивираат младите да почнат свој бизнис.  

Претприемништвото добива поддршка и од Владата преку средства предвидени во Буџетот на Министерството за економија. Ресторниот министер Ваљон Сарачини пред почетокот на конференцијата организирана во рамки на Неделата на претприемништвото, истакна дека Владата посветува внимание на поттикнување на претприемништвото и оти се предвидени средства во буџетот, формиран е Комитет за претприемништво и иновации, а се реализираат и повеќе проекти. За наредната година најави нов проект со универзитетите во рамки на кој студентите ќе разработат бизнис идеја во текот на годината а на крајот ќеја презентираат пред бизнис заедницата.

Според него, претприемнишвото бара иновации, свежи, нови и атрактивни финансиски и бизнис идеи. Затоа, додаде, токму младите се клучната алка во размислувањето со претприемачки дух. Младите се оние кои ги имаат потребните можности, сили и креативност и тие треба да научат да размислуваат за своите проекти и идеи како и за дел од поголемата слика и да разберат како деталите се вклопуваат и интегрираат во целината. 

Лани во Македонија имало 61.629 мали и средни претпријатија, односно тие се 99,71 отсто од вкупниот број на постојни активни претпријатија. Во нив се вработени 80,22 отсто од ангажираните работници во земјава.

На официјалното отворање на Неделата на претприемништво видео обраќање имаше претседателот Ѓорѓе Иванов кој рече дека како држава мораме да создадеме неопходни услови за развој на претприемништвото.

- Солидната инфраструктура, квалитетно и применливо образование, здрава правна рамка и предвидливост во постапувањето на регулаторните институции. Мораме да бидеме отворени кон повиците за реформи во државните институции, со цел тие да бидат посветени на потребите на граѓаните и на промоција на нивните деловни преокти и планови, рече Иванов во виео обраќањето.  

Глобалната недела на претприемништвото е светско движење на претприемачи, на која милиони луѓе ги ослободуваат своите претприемнички таленти и ги претвараат своите идеи во реалност. Во текот на една недела, од 14 до 20 ноември, сите заинтересирани ќе можат да учествуваат во настаните организирани во стотици градови во светот. Целта е да се создаде новата генерација на претприемачи во светски рамки, со тоа што ќе се инспирираат младите преку активности во своите училници, работни средини и на интернет. Минатата година имало над 32.000 настани спроведени во 88 земји, на кои присуствувале повеќе од 7,5 милиони луѓе.