Премеирот Груевски се сретна со црногорскиот министер Лукшиќ

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (четврток, 14.02.2013 година) оствари средба со г-дин Игор Лукшиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора и министер за надворешни работи и европски интеграции.

На средбата беа поздравени одличните пријателски односи кои постојат меѓу двете земји на секое ниво од билатералната соработка, и беше истакната силната посветеност за нивно понатамошно унапредување и продлабочување.

Особено беше акцентирана посветеноста за понатамошно интензивирање на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и соработката на полето на реализација на инвестициите, како и заедничко учество во реализација на крупни регионални инфраструктурни проекти, за што се дискутираа конкретни теми и можности за соработка.

Соговорниците ги истакнаа стратешките определби на Република Македонија и Република Црна Гора за членство во Европската Унија и НАТО, и се согласија дека од значење е размената на искуства и соработката на ова поле.

Премиерот Груевски ги истакна реформите кои Владата ги презема за достигнување на европските стандарди и реализација на реформската агенда во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво кој нашата земја го води со Европската Унија, како и заложбите и иницијативите за унапредување на добрососедските односи.

На полето на економијата соговорниците истакнаа дека од големо значење е креирањето на заеднички пристап за подигнување на нивото на економската билатерална соработка, но и за привлекување странски инвеститори, со оглед на компатибилноста на двата пазари. Беше потенцирана можноста за заедничко учество на трети пазари.

Посебно беа истакнати опциите за зголемување на соработка во земјоделскиот сектор, преработувачката прехранбена индустрија, информатичко-комуникацискиот, текстилниот и градежниот сектор, и на реализација на проекти од областа на патната инфраструктура.
 
Во насока на динамизирање на економските процеси значаен е почетокот на работа на Мешовитиот Комитет за економска соработка меѓу двете земји во најскоро време со што би се операционализирал Договорот за економска соработка.

Двете влади ќе продолжат да ги поттикнуваат соработката меѓу националните стопански комори, организирањето бизнис форуми и други облици на соработка меѓу бизнис заедниците на двете земји.