Безвизниот режим за граѓаните на Русија, Украина, Казахстан и Азербејџан продолжен до 15 март 2014

 

Владата на Република Македонија на последната седница донесе одлуки за еднострано времено укинување на визите за краток престој за државјаните на Руската Федерација, Украина, Казахстан и Азербејџан за периодот од 15.03.2013 до 15.03.2014 година и на овој начин се продолжи позитивната практика која важеше во текот на изминатата година, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

- Со оваа одлука државјаните на овие земји во текот на наведениот иден период ќе може во Република Македонија да влегуваат под исти услови согласно практиката која важеше и во изминатата година, со што очекуваме да се придонесе кон зголемувањето на бројот на туристи од овие земји и да се динамизира туристичката соработка, а секако дека оваа одлука ќе има позитивно влијание и во подобрување на можностите и условите за зголемување и интензивирање и на општата економска соработка и трговската размена. Останува отворена и можноста да биде зголемен временскиот интервал на важноста на одлуките, односно овој период од една година да биде продолжен по неговото завршување или додека периодот се уште трае, за што дополнително би информирале во иднина, информира Ѓорѓиев.