Македонија доби „Куќа на фудбалот“

Во присуство на Мишел Платини, претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), денеска  беше отворен новиот комплекс на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), наречен „Куќа на фудбалот“, a изграден со средства добиени од УЕФА и со помош на Владата.

Новиот фудбалски центар содржи нова зграда каде ќе биде сместена ФФМ, и четири терени кои ќе се користат за тренинзи на националните селекции. Во состав на центарот има и мал стадион со капацитет од околу 3.000 гледачи.

На свеченоото пуштање во употреба на објектот присуствуваа и премиерот Никола Груевски, претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски и многу други политички и спортски личности.

Премиерот Груевски оцени дека изградбата на комплексот „Куќа на фудбалот“ е уште една инвестиција што ќе им користи на спортистите и што докажува  дека фудбалот и спортот се едни од највисоките приоритети на Владата.

- Капиталниот проект „Куќа на фудбалот“ е дел од интензивното вложување во спортот. Во интерес на проектот заедно со општина Аеродром и Град Скопје се направени ослободувања околу потребните давачки. Од Владата се инвестираа 780 илјади евра за четирите фудбалски терени, а со поддршката од УЕФА се изгради новата зграда на ФФМ, посочи Груевски.

На новиот тренинг центар, укажа, ќе можат да се подготвуваат сите репрезентативци од македонските фудбалски селекции, а исто така и фудбалските надежи од Спортската академија.

Според Груевски, во Македонија е неопходно инвестирање во спортска инфраструктура и е возможно на сегашните спортисти да им се обезбедат колку што е можно подобри услови.

- Да им помогнеме на спортските работници и клубовите во блиска иднина она што се мисли дека е тешко остварливо да стане возможно, а тоа е македонските репрезентативци во сите спортови да постигнуваат врвни резултати, рече Груевски.

Направивте прекрасна работа, овој фудбалски центар е вистинска сатисфакција за нашата работа, истакна Мишел Платини.

- Ова што го гледам тука е прекрасна зграда, прекрасен центар на фудбалот, а кога ги гледам овие деца што играат тука, најсреќен сум од сите. Наша задача е да им помагаме на националните фудбалски асоцијации да ги привлекуваат младите фудбалери, а со изградбата на овој објект еден голем таков услов е исполнет, рече Платини.

Тој посочи дека фудбалот освен со убавите работи се соочува и со проблеми од типот на допинг, насилство, расизам,...

- Свесни сме за предизвиците кои се присутни во фудбалот, но тука сме да ги решаваме. За неколку дена ќе има регионален состанок во врска со ваквите проблеми и на него ќе се обидеме да изнајдеме решенија за овие предизвици и за еден од најголемите на денешницата, а тоа е местењето резултати кои го носат фудбалот кон пропаст. Обединети треба да се бориме против тоа зло. Токму со таа цел тука во Македонија на регионалниот состанок ќе се обидеме да го одбраниме фудбалот од тие опасности, изјави првиот човек на УЕФА.

Претседателот на ФФМ Илчо Ѓеорѓиоски истакна дека Македонија добива свој фудбалски дом следејќи ги трендовите во европскиот и светскиот фудбал.

- Овој центар на фудбалот е од витално значење за развој на спортот во државата. Како стратешки центар од тука ќе се лансираат идеите и иницијативите за националните првенства. Нашата цел е создавањето. Со ова се надеваме дека ќе создадеме нови вљубеници во спортот и нови резултати со кои ќе можеме да ја испишуваме фудбалската историја на Македонија, изјави Ѓеорѓиоски.

Тренинг центарот е составен од четири терени од кои, два се со вештачка, а два со природна трева, согласно УЕФА стандардите.

Ѓеорѓиоски се заблагодари на УЕФА, ФИФА и Владата на Македонија, без чија помош, како што рече ФФМ немаше го има ова што го добива денес.

Голем придонес во овозможувањето на изградбата на „Куќата на фудбалот“ дадоа и Агенцијата за млади и спорт, Град Скопје и Општина Аеродром на чија територија се наоѓа новиот фудбалски дом на Македонија.