Реконструиран објект во Психијатриската болница во Бардовци

Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посетија реконструираниот објект во Психијатриската болница во Бардовци во кој се сместени првото акутно одделение и одделението за психогеријатрија. Со ова успешно е заокружена првата фаза од проектот за реконструкција на две одделенија во таа јавна здравствена установа.

Премиерот Груевски истакна дека реконструкцијата на објектот чинела 1,1 милион евра. Реконструкцијата, која е темелна, најави Груевски, продолжува на уште два објекта и вкупно ќе чини 2,5 милиони евра.

- Во минатото имаше многу негативни коментари и извештаи за Македонија од меѓународните институции во врска со овој тип болници, дека тие не се во добра состојба и треба да се реконструираат. Имајќи го предвид тоа, но и реалната ситуација на теренот, ние преземавме мерки и инвестиравме средства со кои темелно ја реконструиравме оваа Психијатриска болница. Ова е дел од големиот проект за реконструкција и градба на болници во Република Македонија, рече премиерот Груевски.

Појасни дека ова е првата фаза во која се инвестирани или се во тек инвестиции во вкупна вредност од 25 милиони евра во инфраструктурата во здравството и оти со градбата на новиот Клинички центар, реконструкцијата на трите згради кои ќе останат во рамки на Центарот, како и изградба на нова болница во Штип, севкупните инвестиции ќе достигнат 120 милиони евра.

Премиерот Груевски истакна дека првичната проценка била дека во инфраструктурни проекти во здравството ќе се инвестираат 100 милиони евра, но оти таа сума се зголемила на 120 откако била донесена одлука наместо реконструкција да се гради нова болница во Штип, но и нов Клинички центар во Скопје.

Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека во Психијатриската болница-Скопје во Бардовци се третираат лица со многу тешка патологија и оти приодот и начинот на функционирање е многу поразличен од начинот на кој се дава лекарски третман или нега во другите установи.

- Од тие аспекти разговараме за поголема едукација не само на докторите туку и на средниот медицински персонал, а особено на понискиот медицински персонал како што се болничари кои директно се вклучени во негата на овие болни, посочи Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека генерално нивната политика во здравството е силна инвестиција во здравствената инфраструра. Тоа, потенцира Тодоров, е веќе тука направено и потоа следната фаза која веќе ја работиме на големо во целата држава е едукација односно инвестирање во човечкиот потенцијал.

- Имаме одлична соработка и со повеќе психијатриски центри во светот кои се постојано отворени за едукација за нашите лекари. Во втората фаза ќе продолжиме со едукација и на овој персонал кој директно работи со пациентите, а нема соодветна медицинска едукација, додаде Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека тенденцијата на зголемување на трошоците во здравството е континуирана и сите здравствени власти треба да добијат што е можно поголем буџет.

Според него, она што е побитно прашање и кое го разговараат веќе подолг период е тоа дали е продуктивно да се плаќа партиципација за некои од овие категории лица особено за оние кои го добиваат третманот во дневните болници.

Од една страна, информира министерот, ако не се плаќа партиципација здравствената каса губи, а од друга страна ако се плаќа партиципација тие луѓе не одат во дневна болница и потоа доаѓаат директно тука каде што третманот е многу поскап.

- Тука ја гледам следната реформа не толку во делот на покачување на средствата кои се плаќаат за пациенти колку во овозможување дополнителни средства или откажување од едни средства за да може еден добар дел од пациентите да добиваат третман во дневните болници кој е значително поевтин и потоа нема потреба од нивна хоспитализација или подолг третман каде се дава скапа услуга. Така ја гледаме ситуацијата и во тој правец ќе делуваме, додаде Тодоров.

Директорот на Психијатриската болница-Скопје во Бардовци, Идриз Неџипи рече дека моментално имаат 350 до 370 пациенти.

- Во дневните болници има 228 пациенти плус зависниците чиј број изнесува 428, посочи Неџипи.

Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека имаат недоволно кадар кој ќе им недостига особено во новиот објект.

- Првпат на Балканот се отвора ваков вид установа, апартмански тип на лекување за кој ќе треба повеќе персонал, додаде Неџипи.

Министерот Тодоров рече дека разговарале со Неџипи за вработувања на 25 лица.