Промовирани нови 50 дела од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“

Нови 50 дела  беа промовирани денеска во рамки на едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“. Проектот, кој содржи врвни дела од светското книжевно творештво, современи класици, познати бестселери, мемоари... е крупен чекор во етаблирањето на Република Македонија како држава која ги почитува и афирмира светските книжевни вредности и нивниот придонес во општиот цивилизациски развој.

Идејата за освежување и надградување на македонската книжевна ризница, како што истакна во обраќањето пред присутните премиерот Никола Груевски, Владата ја реализира во континуитет преку повеќе капитални проекти од оваа област, од кои еден е и оваа едиција „Ѕвезди на светската книжевност“, со 560 врвни дела од светската книжевност.

- Во рамките на овој проект денеска присуствуваме на третата промоција на нови 50 ремек дела на врвните мајстори на убавиот збор. Пред нас се делата на Вилијам Шекспир, Браќата Грим, Франческо Петрарка, Даниел Дефо, Чарлс Дикенс, Дорис Лесинг, Томас Ман, Луиџи Приандело и уште многу други ѕвезди на светската книжевност. Нивните дела се вечна инспирација за многу љубители на книгата ширум светот. Денес благодарение на овој проект ги имаме пред нас на македонски јазик, рече премиерот Груевски.

Додаде дека заедно со книгите од претходните две промоции вкупната бројка на досега преведени, испечатени и промовирани книги од овој проект се искачува на 149 книги. Останатиот дел од книгите планирано е да се реализираат до крајот на 2014 година или почетокот на 2015.

- Една убава мисла вели „Добрите книги се исто што и добрите пријатели - ги имаме малку, но сепак добро одбрани“. Токму во духот на оваа мисла, пред нас се книги кои се добро одбрани, дела од разни жанрови и временски периоди. Она што е нивна заедничка нишка, е што сите овие книги веќе го имаат поминато ситото на светската читателска критика, веќе се имаат докажано и промовирано како врвни мајсторски дела. Таквите карактеристики ги прават вечно барани во секоја развиена земја во светот, па и во Република Македонија, истакна македонскиот премиер.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека едицијата ги афирмира нашите заложби сето она што е етаблирано во светски рамки да го донесеме дома и на македонските читатели да им ги доближиме врвните дела кои се создавани во светот на литературата изминатите години и векови.

- Книжевните дела од овие едиции внесоа нова димензија во поимањето на тајните на светската книжевност, а раскошот на нашиот македонски јазик овозможи да се согледа сопствениот придонес во исцртувањето на големиот пејсаж од културни вредности. Ѕвездите на светската книжевност овозможија за првпат на македонски јазик да се преведат книжевни творби кои се од исклучително значење за светската литература и ќе отворат нови коридори за уметничкиот израз на младите македонски автори, рече таа.

Додаде дека Проектот „Ѕвезди на светска книжевност“ е множество на жанрови од источната култура, старата грчка и римска книжевност, средновековни дела, дела создадени во времето на ренесансата, барокот, класицизмот, пред романтизмот, романтизмот и реализмот.

Претседателот на Комисијата за проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ академик Митко Маџунков рече дека успешните преводи стануваат оригинали во моментот кога ќе се појават во нова јазична средина и оти на таков начин самиот јазик добива светска важност.

Со оваа едиција, додаде Митко Манџуков, треба да се надомести се она што било испуштено со децении наназад и оти поради тоа е потребна ваква поддршка на Владата, која, како што рече, е единствениот гарант и за духовниот опстанок за секој народ и за високата книжевна артикулација на неговиот јазик.