Економски силна Македонија ни е потребна колку и НАТО и ЕУ

Kако ја оценувате моменталната економска ситуација? Јавноста Ве доживуваше, пред с`, како економска Влада, т.е. Влада посветена на економијата, а сега впечатоците како да се измешани.

Се зависи од кој агол ја гледате работата. Ќе ви дадам два примера.

Прво, во првиот квартал оваа година економијата заврши со раст од 2,9 отсто. Значи, безмалку 3 отсто раст. Ако ме прашавте во 2007 и во 2008, сам ќе ви кажев дека тоа не е доволно. Тогаш немаше светска економска криза, ниту европска должничка криза и економијата во Европа и секаде во светот одеше одлично. Денес ви велам дека сум задоволен затоа што сме во услови кога Европа с` уште ја тресат европската должничка криза и рецесиите, па така речиси 3 отсто раст е резултат за почит.

Второ, стапката на невработеност од 29,9 е висока. Но, ако земеме предвид дека наследивме стапка од 38 отсто од 2005 година и поминувајќи низ кризата, која се уште трае, дојдовме до 29,9, можам да си дозволам да кажам дека намалувањето на невработеноста во едни вакви околности оди добро.

Значи, мојот одговор на вашето прашање е, ако се земат околностите во ова време и во опкружувањето, би рекол дека економијата се движи релативно добро. Порано го мразев зборот стабилно кога стануваше збор за македонската економија, но дојде такво време во Европа и во светот кога да останеш стабилен стана предизвик.

Има ли на повидок некои нови инвестиции наскоро? Ќе кажете има, но тоа се најави, сепак, можеме ли нешто да конкретизираме?

Kога веќе ме прашувате за конкретни потенцијални инвеститори, да потсетам дека не можам да објавувам имиња на компаниите додека тие не одлучат да ја објават инвестицијата. Тоа е старо деловно правило во оваа работа. Но можам да дадам опис на она што ни е најавено, без да ја прецизирам компанијата.

Во март оваа година објавив дека еден германски гигант н` извести дека неофицијално веќе го избрале Велес како место каде што ќе ја реализираат својата следна инвестиција од областа на електрониката во автомобилскиот сектор и ќе вработат 600 лица во период од три години. Во меѓувреме тие н` известија дека донеле и одлука на бордот, што значи сега одлуката е формална. Не знам кога планираат да ја објават за јавноста, но начелно ни најавија дека градбата на фабриката би ја почнале на почетокот од следната година, што значи за 7-8 месеци од сега. Дај боже се да продолжи како досега.

Втора најавена инвестиција ни е исто така од германски гигант во областа на информатиката, поточно давање консалтинг-услуги од ИТ на големи клиенти. Тие најавија најмалку 1.100 вработувања, главно со високо образование од различни профили. Одлучија да изнајмат простор, а подоцна да изградат објект во Скопје. Значи, ќе ангажираат економисти, хемичари, биолози и други главно технички струки и од природните науки и ќе вршат обука и тренинзи за оние работи од ИТ за кои ќе има потреба.

Трета е француска компанија од индустријата за автомобилски делови, која н` извести дека одлучи да инвестира во Македонија и да вработи околу 450, а би почнале со 250 вработувања. Се уште немаат одлучено во кој град или општина ќе инвестираат, а најавија дека до крајот на годината би започнале активности за градба на фабрика. Би произведувале пластично-метални компоненти и би им продавале на некои од глобалните компании од автомобилската индустрија, кои веќе изградија фабрики кај нас, но и голем дел би извезувале. Kомпанијата има свои фабрики на три континенти, а отворањето на оваа фабрика е преселување на една од нивните фабрики во Северна Африка од каде што сакаат да се повлечат поради политичката нестабилност.

Четвртиот, прилично сигурен инвеститор, е една регионална компанија од областа на индустријата на градежни материјали, која, најверојатно, ќе инвестира во ТИРЗ „Штип“ и ќе вработи 80 луѓе.

Петтата е исто така регионална компанија од електронската индустрија, но продава производи во целиот свет. Нивниот план е да почнат од октомври-ноември со 50-ина вработувања, а за три години да стигнат до 300 вработувања, со потенцијал и за повеќе.

Шестата во најава е американска компанија од областа на автомобилски делови, која најави намера за инвестирање во Македонија. Претставници од таму беа на неколку локации, во Охрид, Kочани,Тетово и на други места во внатрешноста на Македонија, но с` уште ни немаат кажано точно каде би инвестирале. Би вработиле околу 800 луѓе за период од три години, а би почнале во првата половина на идната година.

Од истата компанија, но други три дивизии, ја разгледуваат можноста за инвестирање во Македонија.

Kолку се овие сигурни инвестиции?

Се додека не почнат со градба, не може да се каже дека се сто отсто сигурни, но овие ни кажале дека веќе донеле одлука.

Можно ли е да ја сменат одлуката?

Можно е. И такво нешто се има случувано. На пример, лани по убиството на Железарското Езеро, една германска компанија ја смени одлуката за градење фабрика во Струга каде што требаше да вработат 1.500 луѓе и одлучи поради безбедносни ризици, наместо во Македонија, да инвестира во Бугарија. Тоа ни беше кажано многу отворено, конкретно и директно. Или, на пример, почетокот на светската економска криза беше причина за откажување на повеќе веќе договорени инвестиции во 2008, на пример, „Хаер“ од Kина, чиј партнер за македонската инвестиција, кој беше од Јужна Kореја, падна во тешкотии и инвестицијата се одложи на подолг период со ризик и да пропадне.

Значи, не можам да исклучам дека е можно од разни причини некоја од овие компании да ја смени одлуката или да ја пролонгира инвестицијата. Ова што го говорам е на база на информациите што од нив ги имаме до овој момент.

Дали има и други што веќе ви соопштиле дека одлучиле да инвестираат кај нас?

Да, има. Еден американска светска компанија, која има годишен обрт од 2 милијарди долари, ни најави инвестиција во Kичево, најпрвин во постоен објект, а потоа префрлање во слободата зона. Тие се од индустријата на автомобилските делови и нивниот сегашен план е да вработат 700 луѓе во период од две до три години, а во последниот квартал на оваа година најавија дека ќе почнат да адаптираат објект и да почнат со вработувања.

Има и други што имаат интерес. На пример, иако се уште немаме потврда, засега имаме позитивни индикации од две  швајцарски компании за производство на опрема за обновлива енергија. Засега намерата им е и на двете, ако донесат финална одлука да инвестираат кај Струга, да вработат по 100-ина луѓе.

Една друга компанија од САД исто така планира градба на капацитет за делови на автомобили и вработување на 300 до 350 луѓе. Тие имаат и други дивизии, па можеби, ако с` оди добро, со оваа дивизија ќе привлечеме уште една. Една од тие дивизии е за авионски делови. Ќе направиме напори да ја убедиме да дојде.

Уште една американска компанија од индустријата на електронски делови во автомобилската индустрија најави инвестиција, но нема одредено во која општина ќе  биде локацијата.

Освен ова, важно е и дека неколку од компаниите, што веќе инвестираа во Македонија, активно размислуваат за нова инвестиција или за проширување и такви има потенцијално неколку фабрики, од кои едната е веќе во фаза пред добивање дозвола за градба во Скопје.

Постојат и други комбинации. На пример, една туниска компанија за кабли на автомобили сака да стационира производство со 100 вработени, веројатно, во околината на Kавадарци, со цел да ги снабдува „Дракселмајер“ во Kавадарци и „Kромберг“ и „Шуберт“ од Битола.

Освен ова, во Демир Хисар кон крајот на годината компанијата „Гришко“ од Русија, која веќе отвори погон со 80 вработени во село Слепче, Демирхисарско, планира втор погон кон крајот на годинава каде што во период од 2 до 3 години ќе вработи околу 200 луѓе. Истата компанија веќе соработува со други постојни фабрики во Штип, за чевли и за облека. Тие веќе произведуваат за нив и ќе продолжат тоа да го прават и по отворањето на новата фабрика во Демир Хисар.

Во период сме кога се најавува драстично поскапување на храната на светско ниво. Нас од тоа може да не  спаси само поголемо производство. Има ли интерес кај странците за инвестирање во оваа област?

Има поголем број заинтересирани. Но, би одвоил неколку. Една е за „Џумајлија“ и набргу се надевам дека ќе можам да објавам добра вест за влез на позната компанија од голема азиска земја, на која  посветивме големо внимание при нашите роуд-шоуа. Ако се биде во ред, таму планот на инвеститорот е во период од три години да вработи околу 2.000 луѓе и да инвестира околу 200 милиони евра и да инсталира производство со кое би го покривал целиот европски и блискоисточен пазар.

Има уште четири големи компании, кои сакаат да направат големи инвестиции во земјоделството. Едната е холандска компанија, а втората е унгарска, шпанска и турска. Сепак, со овие три компании сме во фаза на преговори, не сме во финиш и не можам да ги кажам како сигурни. Сите четири бараат големи парцели земјиште и не е лесно да се обезбеди. Во голема мера дали тие ќе инвестираат, ќе зависи од министерот за земјоделство во смисла ако тој обезбеди соодветни парцели земја за обработка. Холандската компанија бара 800 хектари земја каде што има термална вода, од кои 240 би биле со оранжерии и со пристап до термална вода. Инвеститорот од Шпанија бара 300 хектари, од кои околу 100 би биле под оранжерии. Унгарците бараат 10 илјади хектари, тоа е многу, но тие бараат земја со послаб квалитет и може да е расцепкана на повеќе делови, а турскиот инвеститор бара околу 2.500 хектари, но да не се разделени на повеќе од три локации, а и тие да се блиску. Kомпанија од Дубаи покажа интерес за откупен центар во Ресен и за тоа на потег е министерот за земјоделство.

Освен ова, една друга холандска компанија не извести дека донела одлука за инвестирање во Струмица во изградба на лаборатории за семенски материјал каде што планираат вработувања на приближно 300 луѓе во период од три години.

Дали има интерес за вложување во други индустрии?

Да, има една компанија од регионот од областа на металната индустрија. Не  информираа дека донесоа одлука за инвестиција на отворено во Kриволак каде што ќе вршат тестирања на соединување на металите со помош на експлозив. Ќе има околу 30-ина директни вработувања, но ќе има индиректни вработувања затоа што репроматеријалите ќе бидат од домашни компании и плус ќе имаат логистички услуги. Во моментот вршат тестирање за да ја потврдат локацијата. Или, да речеме, една англиска компанија н` информира дека одлучиле да отворат сервис на авиони на самиот аеродром и да вработат околу 150 луѓе. Ги очекуваме да ја реализираат нивната намера. Потоа тука е и неодамнешната најава на три компании од Турција од областа на медицината, со кои сме во фаза на преговарање на договорот откако н` известија дека донеле одлука за инвестирање. Тие би инвестирале во Бунарџик и за три години би постигнале бројка од 800 директни вработувања.

Пред две недели кај мене беше сопственикот на синџирот-болници од Турција и најави купување земјиште за градба на болница во Скопје. Ја виде локацијата, која во наредните неколку месеци треба да се подготви со цел да се даде на оглас и кажа дека му се допаѓа. Оствари и средба со градоначалникот на Kарпош, во чија надлежност е земјиштето, и се надевам дека градоначалникот нема да ја пропушти оваа инвестиција.

Со министерот за транспорт договорив да се подготват уште неколку локации за болници бидејќи повремено се јавуваат заинтересирани инвеститори. Исто така, треба да подготвиме и повеќе нови локации за хотели бидејќи постои интерес и за тоа. Засега има само неколку локации во општина Центар, но со оглед на тоа дека таму нема соработка со градоначалникот и неговиот однос ги плаши инвеститорите да вложуваат, ќе мора да се најдат можности во други општини како во Скопје така и низ Македонија.

Да потсетам дека се продаде и локацијата Сончев Град на истиот инвеститор, кој инвестира над 100 милиони евра во висококатниците во Аеродром и се надеваме дека до крајот на следната година и тој ќе ја започне својата инвестиција.

Македонија има голем потенцијал во рударството. Ќе има ли инвестиции во оваа област?

Да, се согласувам со Вас дека има потенцијал во рударството. Освен рудникот Иловица, кој според инвеститорот треба да почне со ископ во 2017 година и во кој има потенцијал за над 700 директни вработувања, во одлична фаза на напредок е рудникот Стогово каде што руско-украинскиот инвеститор планира 350 вработувања. За жал, не се реализира замислата со рудникот Тајмиште, но таму следува нов обид и има заинтересирани компании од Оман, но и од други земји, кои најавија учество на јавниот повик.

Од кое роуд-шоу досега имате најголем одѕив?

Ако под одѕив подразбирате компании што по роуд-шоуто доаѓаат во Македонија или на кој било начин ја продолжуваат комуникацијата, би рекол дека има повеќе примери каде што одѕивот е доволно голем за да се одвојат од другите. Несомнено досега тоа се Америка, Германија, Турција и Индија.

Kолку успеавте амбасадорите да ги натерате да помагаат за нови инвестиции?

Имаме делумен успех, но се движиме кон уште поголем. Амбасадорите полека сфаќаат дека Македонија не е земја што може да креира некоја висока геополитика и дека тие не може да имаат иста улога како амбасадори на некои големи според население и територија и финансиски и воено моќни земји. Нашата примарна цел, освен стратешкиот интерес за членство во ЕУ и во НАТО и градењето добри политички односи со сите земји, како и проблемот со името, треба да се економијата, инвестициите и отворањето нови работни места. Со исклучок на некои амбасадори што се пратени во мисии, како што се мисијата за ООН, НАТО, ЕУ и уште неколку слични, сите други треба да се примарно фокусирани на инвестиции и на извоз.

Или, наједноставно кажано, успешен амбасадор е онолку колку што со неговите активности во земјата каде што не претставува, успеал да отвори нови работни места во Македонија. Се  друго е трошење државни пари без голем ефект. 

Планирате ли отворање нови амбасади?

Да. Токио, Астана-Kазахстан, Бразил и веројатно во Абу Даби со Дубаи. Сите се избрани со цел развој на економските односи. Слабо сме застапени во Африка, мора и за тоа да се размислува во иднина.

Ги користат ли нашите бизнисмени услугите на амбасадорите и на промоторите?

Да, ама малку и ретко. Штета. Тоа е друга мака. Ние ќе отвораме нови амбасади во нови дестинации, ама ако бизнис-секторот не не следи, во смисла да бара услуги од нив за извозни зделки и слично, тогаш успехот нема да е според планираниот. Владее некоја апатичност, локална ориентираност, веројатно и недостиг на самодоверба и на енергија кај многу наши бизнисмени. Kако да се задоволуваат со малку. Чест на исклучоците, имаме и такви што се многу агресивни и упорни, но, за жал, не се многу. 

До каде сте со 1.600 вработувања во администрацијата и од каде една ваква идеја кај десничарска влада?

Македонија е земја во која има многу невработени во повеќе ранливи групи и тие луѓе тешко доаѓаат до вработување. Никогаш досега во Македонија не се отворил конкурс на кој предност при вработување би се дало на најзагрозените од оние што долгорочно се невработени над 10 години, на оние што немаат ниту еден вработен од семејство. Во минатото СДСМ ветуваше дека од секое семејство ќе вработи по еден, но од тоа ништо.

Не сметам дека ваквиот начин на вработување треба да стане принцип и да го засени вработувањето според квалитетот ниту, пак, имам илузии дека со овие 1.600 вработувања ќе им помогнеме на сите од овие категории. Што е најважно, оваа мерка не е ни наше изборно ветување и многу внимававме да не ја објавиме и да не ја започнеме пред избори, па да се сфати како предизборен маркетинг. Сепак, мислам дека барем еднаш државата треба да се сети и да им помогне на најзагрозените.

Имате ли притисоци, ургенции, лобирања за овие вработувања?

Би бил неискрен да кажам дека нема. Но, како на седница на Владата така и на последната седница на партискиот ЦK, каде што беа собрани повеќето од нашите функционери, дадов јасно до знаење дека не смее да се случи и нема да дозволам некој да си поигрува со судбината на овие категории лица.

Се пријавија над 25 илјади кандидати, а примате само 1.600. Другите 23.000 по дефиниција ќе бидат бесни и на Вас и на Владата.

Тој ризик ми беше познат уште од почетокот и повеќе од сигурен сум дека, на пример, опозицијата ќе направи максимум да ја дискредитира оваа наша добра намера. Јас знам дека од еден ваков процес, каде што десет пати повеќе ќе бидат разочарани отколку среќни, ние како влада и како партија не можеме да добиеме политички поени. Но, поентата е да им помогнеме на 1.600 семејства и за тоа вреди да се загубат политички поени. Притоа најважно е да имам чиста совест дека изборот бил фер и непристрасен. Се  друго е предрасуда, перцепција или политиканство и манипулација. Kонечно, ако некаде направиме грешка и некој тоа ни го предочи, а ние по проверките го констатираме, нема да се двоумиме веднаш да ја исправиме таа грешка. Поставивме двојна контрола на внесувањето на податоците, а како што кажав, кај избраните ќе има и постапка за проверка на вистинитоста на податоците. Внимававме и на етничката застапеност. Овој процес мора да заврши правично, како што е и замислен.

Но важно е да кажам дека и по ова планираме да излеземе со нов закон за администрација, со нови процедури, кои даваат сигурни гаранции на најдобрите, најкомпетентните и на најспособните да имаат предност при секое вработување во администрацијата. Значи, оваа мерка со 1.600 вработувања на ранливи категории е претходница на една нова многу сериозна надградба на процедурите за вработување.

Почнавте нов начин на ангажирање функционери преку јавни огласи. Зошто така постапивте?

Најголем дел од овие позиции ние немаме обврска да ги дадеме на оглас, Владата има законско право да ги назначи на седница без огласување. Но ние одлучивме поинаку. Еве веќе го завршивме процесот на интервјуирање на кандидатите за дипломати. И можам да кажам дека од оние што се избрани има дел што првпат ги видовме во животот, а ќе добијат шанса. Значи, има луѓе чие искуство и квалитет веќе ни се познати, но и такви што не сме ги сретнале никогаш претходно. Знаете, мојата филозофија е дека колку повеќе ангажираме компетентни луѓе толку подобро за државата и за Владата, а во крајна линија и за нас како партија. Меѓу тие што ќе отпаднат има и навистина квалитетни луѓе, но ќе има нови шанси.

Старите фабрики се заглавени во стечајни постапки

Од една страна, градите слободни економски зони и вложувате многу пари, од друга, стотици фабрички хали стојат празни. Нели е ова малку парадоксално?

На прв поглед така е. Но, кога ќе се види состојбата во сите тие фабрики со празни хали, ќе се види дека сите тие се заплеткани во некакви судски и стечајни лавиринти, од кои тешко и бавно се излегува. За таа цел подготвивме неколку работи. Прво, направивме регистер на празни фабрички хали, со сите потребни податоци од правен, економски и од секаков друг аспект, потребни за потенцијален инвеститор, па дури и со фотографии. Тој регистер го имаме и им е на располагање на инвеститорите. Наскоро планираме да стане и јавно достапен на неколку владини веб-страници. Второ, формиравме т.н. комитет за стечај. Kомитетот, освен што изработи нов закон за стечај, кој очекуваме да биде еден од најефикасните во Европа за оние фирми што отсега, па натаму ќе влезат во таква состојба, во стечај, туку се зафати со тоа фирма по фирма, од овие поголемите, каде што има празни фабрички хали, да ги отплеткува. Со тоа ги правиме сите потребни чекори за судовите да може да ја завршат постапката за нив независно каква е, стечајна, ликвидациона или каква било оти кога правно ќе се расчисти, тогаш станува многу атрактивно за инвеститорите да го купат просторот и таму да отворат погон и да вработат луѓе. Ова е многу макотрпна работа, која јавноста не ја гледа, но, се надевам, еден ден дел од неа ќе ја почувствува ползата. Мислам дека тоа ќе биде за една-две години кога веќе би требало да имаме посериозен резултат.

Градоначалниците да се свртат кон индустриски зони

Kако оди градбата на слободните економски зони?

Скопје 1 е завршена, Скопје 2 е при крај, Штип ќе биде функционална во јули кога „Џонсон контролс“ ќе почне да ја гради својата втора фабрика во Македонија, во која планира да вработи над 650 вработени. За тетовската зона се потпиша договорот за јавно-приватно партнерство и сега инвеститорот е на потег да ја догради зоната. Почнати се градбите во Kичево, Прилеп и во Гевгелија и во текот на следната година таму ќе има градежни работи. Во план се зоните Струга-Охрид, Струмица, Радовиш и Ранковце каде што наесен ќе почне градбата, и за последните три, Берово-Пехчево, Kочани-Виница и Делчево во моментов се прават проектите, а градбата би почнала кон крајот на оваа и во почетокот на следната година. Но, напомнувам дека паралелно со овие технолошко-индустриски развојни зони, многу е важно секој градоначалник во Македонија да изгради барем по една индустриска зона. Инвеститорите не сакаат само да инвестираат во ТИРЗ-овите, туку и во индустриски зони. Kој ќе биде спремен макар и со мала зона од 7-8 хектари, тој ќе ги привлече инвеститорите. Но тоа значи да има инфраструктура, пат, улица во зоната, водовод, канализација, а уште подобро за оние што во близина имаат пруга и гас. Kога јас би бил градоначалник, првата инвестиција би ми била во индустриска зона, макар и мала. А и резултатите на оние градоначалници, кои изградија вакви индустриски зони, се импресивни. Битола, Прилеп, Валандово, Василево и неколку други ги изградија и веднаш ги продадоа и во нив се градат погони што ќе вработуваат луѓе од нивната општина. За мене, нема поголем успех на еден градоначалник ако преку ваков чекор отвори нови работни места, што е и најгорливиот проблем во Македонија.
 

Извор: „Дневник“

Новинар : Дарко Јаневски