Почна изградбата на регионалниот пат за населбата Сончев Град

Во присуство на премиерот Никола Груевски денеска во општина Сопиште  беше означен почеток на градба на регионалниот пат што ќе ја поврзува населбата Сончев Град која ќе ја гради турската компанија „Џеваир холдинг“ со општина Центар и со Сопиште.

Регионалниот пат ќе почнува од населбата Водно и ќе има вкупна должината од 4,4 километри, со две коловозни ленти од по три метри, четири крака и банкини од по еден метар од двете страни. Се предвидува изградбата да биде завршена за 18 месеци, а вкупната инвестиција ќе чини 6,7 милиони евра, средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија.

Премиерот Груевски рече дека изградбата на овој пат е од големо значење за општината Сопиште, бидејќи ќе значи дополнителна атрактивност  и ќе го зголеми интересот на граѓаните за изградба на викендички и домови.

– Со неговата изградба жителите на Сопиште веќе нема да треба да одат по заобиколниот пат од Кисела Вода, туку дирректно ќе се поврзат со центатрот на градот. Со регионалниот пат се отвора и можност покрај населбата Сончев Град да се изградат уште три други слични блока, рече Груевски.

Во моментов, нагласи, се градат околу 120 километри регионални патишта, автопатот Демир Капија-Смоквица, а наскоро ќе почне и ревитализацијата на патот Велес-Кадрифаково во должина од 23 километри.

- Владата им помага на општините и за изградба на помали локални патиште со должина од околу еден километар. За годинава е планирана изградба на околу 100 такви патишта со вкупна должина од 140 километри. Предвидени се и 140 милиони денари за санација на четри мостови и 100 милиони денари за осветлување на сообраќајните клучки за поголема безбедност во сообраќајот, рече Груевски.

Тој посочи дека реализацијата на сите овие проекти има за цел подобрување на транспортната инфраструкутра како основа за повисок животен стандард, поголема безбедност на сообраќајот, но и привлекување странски инвеститори. 

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески рече дека со изградбата на овој пат пополека, но сигурно почнува изградбата на инфраструктурата неопходна за населбата Сончев Град.

- Оваа делница ќе придонесе за развој на инфраструктурата во Сопиште. Покрај тоа што ќе ја користат идните жители на населбата Сончев Град, која ќе биде лоцирана веднаш над патот, ќе можат да ја користат и сите жители на Сопиште, рече Јанакиески и изрази надеж дека идната година ќе почне и изградбата на населбата.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски рече дека со изградбата на овој пат ќе се обезбеди подобра комуникација на општината Сопиште со градот Скопје.

Тој додаде дека, покрај изградбата на овој пат, во тек е изградбата на повеќе регионални патишта во вкупна должина од 120 километри во вредност од 940 милиони денари.

– Во 2013 година завршени се 28 локални патишта во вкупна должина од 40 километри и вредност од 202 милиони денари. Во тек е изградбата на 44 локални патишта со вкупна должина од 81 километар и вредност од 440 милиони денари. Набрзо се планира отпочнување со работа на  уште 26 локални патни правци во должина од 24 километри и вредност од 174 милони денари, рече Георгиевски.

Градоначалникот на општина Сопиште, Стевче Трпковски рече дека изградбата на регионалниот пат покрај директното поврзување со општина Центар ќе овозможи и поголем локален економски равој, како и подобрување на стандардот на граѓаните.