Обраќање на премиерот Никола Груевски на Мечкин Камен

Почитувани,
Браќа часот е велик ... Примерот за саможртвување е пред нас. Да докажеме дека сме корави Македонци, упорни борци и доблесни синови на родината. Од височините на Бела Вода, Македонија ќе го гледа нашиот подвиг.

Со овие зборови, и со висок морал, пред точно 110 години војводата Ѓорѓи Стојанов, од врвовите на Слива ги бодреше своите 300 соборци да се спротивстават на илјадниците противнички војници, знаејќи дека одат во сигурно смрт, но верувајќи дека токму тој пркос и борбата базирана на вредностите ќе помогне генерации и генерации Македонци да го следат примерот на непокорот, самопрегорот, и саможртвата користејќи ги како врвна инспирација во следните битки и победите за Македонија, и знаеше војводата дека само со пример кој ги надминува границите на просторот и времето, ние денеска, наследниците на македонскиот род после 110 години ќе го споменуваме како пример за почит и ќе му благодариме.

Цела Македонија го гледа подвигот кој го направија овие смели луѓе пред 110 години. Мажите и жените, децата и старците, земјоделците, занаетчиите, сточарите, трговците жестоко и до последен здив ја бранеа Македонија, завршувајќи ја својата епопеја токму овде на Мечкин Камен со македонската стрелба. 110 години потоа ние сме тука, за да им одадеме почит, за да ги славиме, да ги споменеме, и да се заблагодариме на нивното дело, на нивната чест. Делчев велеше, “во жртвата нема степен, таа завршува со чест и име”. Имињата се забележани, а честа е огромна, вие не паднавте залудно, вие паднавте и од споменот на вас и вашата идеја Македонија смогнува сили и се издига на мапата на државите.

Тој ден Крушево падна, но не беше поразено. Не, тој ден се роди идејата, големата идеја која продолжи да живее во секој од нас, идејата со чие што сеќавање македонскиот народ оствари големи победи. Таа идеја живееше и не можеше да биде угаснета ни во Балканските војни и Првата Светска Војна, кога и покрај неправдите, поделбите, убиствата, преселбите продолжи да се засилува на кријлата на ВМРО и под закрила на Македонската Православна Црква.

Токму таа идеја придонесе на 11 октомври 1941 година Македонија да се крене против окупаторскиот јарем на Хитлер, и жестоко над 100 илјадна македонска војска да продолжи да се бори со своите сојузници против фашизмот, за на крај да победи. Светлиот Илинденски непокор продолжи да живее, за на 2 август 1944 година македонскиот народ да го одржи АСНОМ и да ја печатира заслужената победа гарантирана со Атлантската повелба која гарантира самоопределување, самоименување и самоорганизирање во држава.

Кузман Јосифовски- Питу, идеологот на НОБ и АФВ кој во своето име го додаде името на славниот крушевски револуционер, кое покрај храброста на Кузман која беше како онаа на Гули, го симболизираше и покажуваше и историскиот континуитет на двете борби, на 2 август 1943 година и на само една година пред АСНОМ, во рефератот поднесен на Преспанското советување по повод 40 годишнината од Илинденското востанието испраќа порака до сите слоеви од македонскиот народ и народностите кои живеат во Македонија за приклучување во Народноослободителната борба за остварување на нивниот вековен идеал - слободна Македонија.

Меѓу другото, Кузман вели:

„На 2 август 1943 година се навршуват 40 години како избувна славното ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ, откако заврши херојската Илинденска епопеја на македонскиот народ... Денеска, кога македонскио народ се најдува пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба појке от секојпат да светли пред очите на целио македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кој ја сакаат својата земја. .. Користејќи го илинденското искуство и знаејќи ги поуките, који оно ни ги дава, да створат све от себе  за остваруење на еден нов победоносен Илинден“.

Една година по ова, во манастирот Прохор Пчињски, на заседанието на АСНОМ, Панко Брашнаров и самиот учесник и во Илинденското востание и во НОБ го отвори заседанието, и тоа со насолзени очи сеќавајќи се на Илинден во својата беседа, но тие солзи беа од радост затоа што остваривме државност-Победи илинденската идеја!

Споменот на првиот и на вториот Илинден помогнаа и на 8 септември 1991 година македонскиот народ и националностите да се определат за независнот, сувереност и самостојност на Република Македонија. Една идеја, многу победи!!!Илинден живее и ќе продолжи да живее секогаш, и помеѓу Македонците и деловите од други народи кои живеат во Република Македонија, и во срцата и душите на Македонците секаде низ светот во дијаспората која е нерасклинлив дел од македонското национално ткиво.

Драги пријатели,

Во карактерот на секој човек е да опстои и да преживее колку што може повеќе на овој свет.  Сепак, оваа констатација е правило, а од многу правила постојат и исклучоци.

Денешниот ден и големиот празник Илинден, за кој со години наназад се собира и прославува македонскиот народ, се поврзани токму со еден таков исклучок од правилото дека секој човек настојува да преживее колку што може повеќе на овој свет.

Исклучокот за кој денес празнуваме, го наоѓаме токму во Илинденската и Асномската генерација на наши предци, кој своеволно и трезвено, со чист разум и при здрава свест, го замениле својот живот, за прерана смрт во името на идеалот за кој се бореле. Тоа јасно ни става на знаење, дека за човечкиот род, некогаш има и нешто поважно од самиот живот на човекот, а тоа е идеалот, тоа е татковината.

Гемиџијата Јордан Поп Јорданов-Орцето во едно претсмртно писмо ќе напише:
„Сакам со  мојата смрт да бидам од полза на делото за кое живеев, работев и за кое ќе умрам – делото за ослободувањето на нашата скапа и сакана Македонија... Јас не припаѓам на себе си, туку на делото, а целата смисла на моето живеење беше да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата ценета и сакана Македонија“.
Овие два историски периоди, илинденскиот и асномскиот и генерациите што живееја и умираа во нив, придонесоа ние денес да живееме во слободна, независна и суверена Република Македонија.

Огромен број наши предци се жртвувале за ние денес да бидеме слободни и неограничени,.... да можеме да имаме свои права, своја култура, свој јазик, свое име, право на верска определба, право на припадност, право на идентитет, право слободно да живееме и слободно да умираме.

Вреди ли да се даде животот за вакви идеали ?
И пред воопшто да размислиме за одговор на ова прашање, мораме да констатираме дека.... ТИЕ ТОА ГО НАПРАВИЈА  !
Го ставија на располагање својот живот и се вградија во темелите на слободна и независна Македонија.
Можеби вистинското прашање е ШТО МОЖЕМЕ НИЕ ЗА НИВ ДА НАПРАВИМЕ ЗА НИВНОТО ДЕЛО ДА БИДЕ ВРЕДНУВАНО?......Или поточно, ШТО МОЖЕМЕ НИЕ ДА НАПРАВИМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА, ЗА НАШАТА ЗЕМЈА, ЗА НАШАТА ТАТКОВИНА, ЗА КОЈА ТИЕ ХРАБРО ЗАГИНАА ?

Почитувани,

Република Македонија денес е самостојна, независна и суверена држава. Секому треба да му биде јасно дека ние денеска имаме основно право, но и основни обврска и должност да работиме на нејзин развој во секоја сфера. Од нас зависи. Дали ќе бидеме успешни, дали ќе направиме исчекори, дали ќе достигнеме повеќе стандарди, дали ќе го направиме животот подобар. Не од Белград, Софија, Тирана или Атина. Од нас, од Македонците, и од Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците кои живееме овде во Македонија, тука работиме, создаваме, живееме. За некои прашања потребна е и не е лошо да имаме координација со нашите соседи и ние тоа го правиме, со оние кои се порасположени поинтензивно, со некои заради некои околности со помал интензитет, но и таму се трудиме да ја подобриме работата и не не обесхрабрува немањето активизам туку напротив дополнително не мотивира, како што впрочем велеше и Делчев дека вербата за успех мора да ја бараме во нас и во другите, ако ја немаме да ја создадеме, ако ја имаме да ја развиваме.

За домашните работи, како што вели и слоганот на самата прослава Една идеја, многу победи!

Идејата за која се залагаа, бореа илинденците и борците од НОБ, е жива и живее во нас, и таа секогаш ќе живее. Таа идеја ние треба секогаш да ја мултиплицираме во нови победи, континуирано и без престан.

Таа идеја треба да ја отелотворуваме во сите сфери, во економијата, во културата, во образованието, во здравството, во земјоделието, во информатичкото општество, во бизнисот и претприемништвото, во иновациите, во секоја сфера без исклучок.

Македонија нема некои природни ресурси кои би и гарантирале без вложување труд  големи приходи по основ на нив, нема нафта или природен гас или пак илјадници километри песочни плажи со огромни приходи од туризам, огромен пазар, или неисцрпни рудни богатства, и слично. Знаејќи го ова ние треба да се фокусираме кон многу работа, и кон обезбедување на услови за стекнување на знаења, вештини и компетенции за поединецот во секоја сфера. На тој начин ние ќе продуцираме кадар, кој знае да работи, кој е духовно и стручно богат, кој создава вредности, ги избира и работи на приоритетите. Кој знае дека само работата и залагањето ќе донесе успех и ќе го направи него конкурентен, а ако тој е конкурентен ќе биде и успешен, а неговиот успех ќе значи и успех за државата. Колку повеќе секој индивидуалец има знаење и развиена креативна мисла, толку сите ние како држава ќе сме посилни. Нам ни треба кадар кој освен стручност ќе има изразена етика, совест, и самосвест, слободоумност и слободна мисла. Ние треба да реализираме повеќе помали победи кои ќе ја направат големата слика за победата која ќе е реалност.

Затоа сметам дека е рамно на победа да инвестираш во образованието на младите и тоа процент од БДП на кој завидуваат и многу поуспешни држави од нас, да обезбедиш најсовремени лабаратории за универзитетите и бизнисот, да се намалат партиципациите за факултет и со тоа да се олесни пристапот за секого, да има бесплатни учебници за сите ученици, многу нови или пак модернизирани спортски сали и училишта, дисперзирани студии блиску до сите, како што е и победа проектот кој го работиме со Кембриџ со кој од следните години македонските ученици ќе учат од најдобрите учебници и по наставни програми од Англија, или пак како ниедна друга земја во светот, освен Јапонија, што овозможуваме целосна стипендија за секој наш човек кој ќе успее да се запише на 100-те односно 200-те во техничките науки највисоко рангирани универзитети во Светот, нешто што до пред две години беше само сон, а сега е реална и изводлива опција. Секој нов млад човек кој ќе стекне образование е победа!

Победа е да ја намалиш цената на лековите, да инвестираш во најмодерна опрема за клиниките и болниците, и истите да ги градиш и реновираш, да обезбедуваш бесплатна обука и студиски престој за нашите лекари во странство за да стекнат нови знаења и да помогнат на нашите пациенти, да спасуваат и продолжуваат животи, да носиш реномирани странски лекари за да изведуваат интервенции дома додека нашите лекари не го надополнат тој простор каде што како и секоја земја имаме дефицит, да овозможиш бесплатно ин витро за прво и за второ дете, да се осврнуваш на правење систем за подобра комуникација на лекарите и пациентите, за подобар однос, во сечиј интерес. Секој нов човечки живот, секоја излечена болест, секој добар збор и однос е победа!

Победа е и приклучувањето на Македонија во Јужен тек, и тоа во ситуација кога на почетокот Македонија не беше ни споменувана во овој проект, но со големи залагања обезбедивме влез во него. Сега се создадени и обезбедени условите кои овозможуваат да се започне со оперативни активности и на внатрешната гасоводна мрежа, помеѓу градовите, во секој град посебно и до секое домаќинство, погон, институција, фарма или фабрика во населените места. И новиот аеродром во Скопје, модернизираниот во Охрид, новите автобуси за градски превоз, становите за социјално ранливи семејства, посебните програми за нивно вработување како што е оној за вработување на 1 600 лица во државните институции, процес кој е во самиот финиш и од есенва ќе се почне и со првите вработувања по однос на оваа програма. И новиот проект за организирано помагање на поимотните кон посиромашните кои деновиве го промовираше владата е една за некого мала, но за некого многу голема победа.

Победа се и нови изградените, реконструирани, или модернизирани локални, регионални патишта, автопатите кои се изградени или кои ги градиме како оној од 28 километри кај Демир Капија, и заложбите што ги правиме за нови автопатски решенија за кои сме во интензивен процес на заокружување на финансиската и правната конструкција.

Исто како што е и легализацијата на дивоградбите, и откупот на дворовите за семејствата, покачувањето на гаранцијата за штедни влогови до 30 000 евра, овозможувањето на услови за легализација на фармите, земјоделската механизација, купувањето на солидни автомобили и автобуси по намалени цени и слично...

За земјоделецот е победа тоа што секоја година добива високи земјоделски субвенции, што се распределува земја по објективни и правични услови, што државата финансира 50% од трошоците за развој на неговата дејност, што ќе може земјата која со години ја работи и од неа живее да си ја купи под поволни услови и на многу рати и да си биде негова, да не се плаши дека може да ја загуби.

Почитувани,

Ова е ден кога заради тежината и карактерот на празникот, како и заради придобивките и идеите кои ги овозможија и првиот и вториот Илинден, ние денес не може, а да не се осврнеме, и не смееме да не се осврнеме на едно прашање кое е на линија на слободата, правдата, правдината кои беа светли водилки на востанијата и борбите за државност, а тоа е прашањето на лустрацијата.

Лустрацијата е процес кој е значаен за општеството и тој ја ужива поддршката од јавноста, и покрај сите обиди на некои структури да се спротивстават или да го оспорат.

Слушам, во последно време некои критичари кои се засегнати од овој закон и од процесот, затоа што на тој начин се нарушува нивниот абнорален комодитет и стекнати позиции, но најмногу поради знаењето на фактот дека со овој процес на лустрација кој ние како Влада го поддржуваме се рушат политичките позиции на партиите кои овие дежурни критичари ги подржуваат, истакнуваат една комплетно неточна и невистинита теза дека наводно со лустрацијата се нарушувале принципите на АСНОМска Македонија.

Како може да се нарушат принципите на асномска Македонија кога луѓето кои ја создадоа асномска Македонија и кои денес ги славиме, како Методија Андонов Ченто, Панко Брашнаров, Владимир Полежина, Бане Андреев, Петре Пирузе Мајски и илјадници други беа малтретирани, затварани и шиканирани и испратени на Голи Оток и по затворите токму од тој исти режим кого преку лустрацијата сакаме да го демаскираме?

Како може лустрацијата да е против асномска Македонија кога сака да ги расветли темните вилаети од нашата историја во кои без суд, а само со кодошлак беа уништувани судбини, не беа објавувани книги, беа следени луѓе, беа бркани луѓе од работа?

Како може лустрацијата да биде против асномска Македонија кога гледаме сите од досиејата дека кодошите и службите го претставувале како грев залагањето за македонски национални права, за македонска култура, за македонскиот јазик, за македонското национално прашање, а тоа се токму придобивките и постулатите кои ние денес на овој ден ги славиме и им се поклонуваме?

Како може лустрацијата да е против асномска Македонија кога кодошите ги кодошеле сите македонски национални дејци, автори, писатели, актери, режисери, општественици кои се залагале токму за принципите на асномска Македонија, наместо принципите за кои се залагале кодошите на кои подраго им било југословенството пред македонизмот, и кои сметале дека Трст е најбитен?

Би сакал да им порачам, лустрацијата не е против асномска Македонија, лустрацијата е најголем сојузник на асномска Македонија, и јас сум сигурен дека да би можеле денес неа би ја поздравиле сите оние кои учествуваа на АСНОМ во 1944, како врвен израз на силата на општеството и базирана на правда и на вредностите.

Евоцирајќи спомени од тоа жестоко време поминато на Голи Оток, Петре Пирузе Мајски носејќи ја во градите таа незалечена рана, болно ќе се исповеда: Никогаш не сум можел да верувам дека оној за кој си готов да го дадеш својот живот, така сурово и без вина ќе те измачува и ќе стане твој џелат...А ете и повеќе од три децении да бидеш суштество без своја личност и тоа во земјата што со крвта си ја градел, ќе каже Мајски. Оваа реченица ја искажува сета болка и јад што тогашниот режим му ја направил на еден од творците на асномска Македонија, затоа ние имаме обврска да ги осветлиме тие моменти и простор во кои тогашниот систем за кој се бореле творците на асномска Македонија се повампирил и од систем станал жесток режим кој ги јадел и своите деца. Токму тој режим ги дезавуирал вистинските вредности на асномска Македонија и ние демаскирајќи го тој режим не ја напаѓаме туку ја заштитуваме асномска Македонија и тие вредности.

Првиот претседател на АСНОМ Ченто пак во една пригода ќе каже: Јас не жалам оти ќе умрам. Само ми е мака што немам време да напишам некои работи кои што историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, туку затоа што идните поколенија треба да знаат како се одвивала борбата за нашата слобода и да знае кој и зошто гинел и кој што направил за неговата слобода. Ако тој крвнички режим, го понижил, разболел и не му дозволил да остави свој пишан траг за нашата борба на првиот претседател на Републиката и творецот на асномска Македонија, денес ние не смееме да дозволиме некои структури да не дозволат демонтирање на тој режим и неговите последици и повторно некој да ги спречи идните поколенија да ја знаат вистината, како што не советувал и самиот Ченто пред 50 години.

Со лустрацијата се докажува дека ние имаме сила и развиено општество, и не се срамиме да ги истражиме тие темни авлии на режимот во минатото, тој процес е болен но мора и ќе биде направен, така ќе покажеме и докажеме дека ние имаме сила и имаме изградено институции во секоја сфера на општеството кои не зависат од никого, туку истрајуваат, а уште побитно ќе докажеме дека имаме силен темел кој не може да биде разрушен.
И ако може сите источно европски држави да ја направат, зошто не би можела и Македонија да ја направи, ние не сме ништо понеконкурентни од овие држави кои ја направија, и затоа и Македонија ќе ја направи лустрацијата и од тој процес ќе излезе уште посилна и поединствена, ослободена од тежина.

Драги пријатели,

Исто така во овој контекст на празнување и одбележување, и на зависење на одлуките исклучиво од граѓаните на Република Македонија сакам да истакнам дека наша обврска е да продолжиме да создаваме дела и вредности кои ќе значат достојно оддолжување на великаните кои и денес ги славиме.

Одбележувањето на значајните личности и настани со споменици и споменични одбележја е една од многуте работи кои треба да, и кои ги правиме за да остане запаметен ликот и делото на хероите кои не се штеделе за да достигнат до идеалите во кои верувале и кои се залагале, а во кои секогаш на прво место била Македонија.

Тој проект за кој трпевме доста напади од структури во општеството кои заради гола политичка промоција си дозволија да сквернават таму каде што не треба, покажа дека бил исправен. Јас често пати кажувам дека еден ден кога со поминувањето на одредено време ќе дојде до спуштање на политичката прашина која се јави околу овој проект тој ќе биде вистински оценет и вреднуван, и тоа се случува. Со секој одминат ден расте довербата и поддршката на проектот, и уште повеќе ќе расте, бидејќи јас не гледам причина некој да осудува или да го зема за неправо градењето на споменици на Гоце Делчев кој е идеолог на македонската револуционерна борба, на Питу Гули кој токму овде го даде животот за Македонија, на Карев кој беше голем визионер и прв претседател, на Ченто кој ја водеше национал ослободителната војна против хитлеровите орди, на АСНОМ, на ВМРО, на Крсте Петков Мисирков, Ѓорѓија Пулевски, Васил Чакаларов, на Кузман Јосифивски Питу и на останатите наши херои кои секој во својот историски момент се вложил во каузата и останал запаметен во нашиот ген. Па ако ние како нивни наследници не ги одбележиме кој ќе ги одбележи? Или ако ние како нивни наследници не им изградиме споменици што ќе си мислат останатите за нас како земја без споменик, без корен?

Јас сум убеден дека еден ден од една историска дистанца непристрасно тогашните генерации ќе дадат позитивен вредносен суд за овој проект. Би се навратил на една мисла на Павел Шатев кој истакнал во една прилика „Ние ќе дејствуваме и ќе се мачиме да го реализираме замисленото и од резултатот на нашата акција ќе зависи се. Ако останатите Македонци по нас видат дека акцијата е добра, има успех, даде резултат, по своја иницијатива ќе следат и ќе отпочнат други подобни акции. Ако пак најдат дека нашата работа е безвредна и никој не не наследи, нека идниот непристасен историчар со црни букви ги одбележи нашите имиња или нашата акција, а нивните нека им ги напишат со златни букви. Се согласувам, ако во иднина некој од нашите наследници направи подобра работа, нека направи и јас ќе бидам среќен. Ако идните генерации Македонци кажат дека не сме биле во право што сме го величеле и направиле споменик на Делчев, Ченто, Карев, Питу, Груев, Кузман тогаш прифаќаме да бидеме запишани со црни букви, но не  верувам дека ние ќе сме на црните страници.

Но, не само тоа, преку овој процес ние дадовме можност за промоција на многу македонски автори, скулптори, архитекти, инжињери, вајари, уметници, кои ќе продолжат и понатаму да бидат окосница на нашата култура и културно наследство, да го продолжат духот на културно битисување, да го засилат македонскиот супстрат на светското културно уметничко поле, но и да бидат тула во нашата државност. Нема зијан за една земја да продуцира нов кадар кој со своите компетенции и искуство ќе претставува значаен елемент за Македонија.

И нема ништо лошо, напротив победнички е преку овој процес на градење да дадеш стимул на македонските градежни компании, за да имаат работа во услови на светски негативни економски текови и кризи, и да не ги отпуштаат работниците.

И победа е да имаш национална Арена и Национален  спортски Центар каде што со гордост спортистите ќе може да ги браната боите со државниот грб.

И ние ќе продолжиме со тие чекори. Оваа година во овој период го донесуваме законот со кој ќе даваме и специјални субвенции за создавање на околу 200  музички продукти годишно меѓу кои и оние со кој ќе се афирмира историјата на Македонија и Република Македонија, или пак ќе промовира ги семејните вредности и многудетните, тема чија сериозност и закана се посериозно ќе не атакува. И како што веќе даваме финансии за творечки субвенции и субвенции за објавување на македонски научно образовани трудови во странски списанија.

Силно сме фокусирани и на развој на претриемништвото и на иновативниот дух, што специјално ќе го операционализираме преку новиот Фонд за иновации и технолошки развој кој покрај стручна ќе дава и финансиска поддршка на оние луѓе кои ќе креираат иновации и ќе им обезбеди т.н. акцелератори, или консултанти кои ќе им помогнат иновацијата да ја претворат во успешен профитабилен бизнис кој ќе отвори нови работни места.

Тоа е битката, да се создаваат научници, претприемачи, иноватори, музичари, врвни лекари, спортисти, уметници, писатели, млад образован кадар, режисери, ..
Тие ќе донесат нови победи за Македонија и ќе ја продолжат идејата и на првиот и на вториот Илинден.

Почитувани,

Победи се и визната либерализација, двете јасни потврди од НАТО дека сме ги исполниле сите критериуми за влез во Алијансата и четирите позитивни извештаи на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија и четирите препораки за датумот за почеток на преговори за влез на Македонија во ЕУ.

Сепак, пред нас е една голема пречка,  а тоа е спорот кој пред 23 години го отвори нашиот јужен сосед Грција, која не блокира на патот кон ЕУ и НАТО, засега ниту ние во овие безмалку 7 години, ниту другите во претходните 16 години не успееја да најдат решение кое ќе го прифати Грција. Сме говореле досега многу за тоа колку е се тоа неправедно, и колку е се нелогично и апсурдно. Но мора да се спомене денес дека разговорите со Грција се во една доста сложена фаза, односно во еден ќор сокак, во кој единствена детерминанта и цел е купувањето време. Одбивањето разговори и средби, неможноста на медијаторот да закаже елементарен состанок кај една од страните е само показател за состојбата во која се наоѓаме. Како да решиме спор ако не разговараме. Како да решиме спор ако постојано како одговор добиваме клише реакции, и веќе видени тези. Како да решиме спор ако никој, буквално никој освен нас не е директно мотивиран или храбар да придонесе овој спор да се реши. Како да го решиме спорот кога на конкретни иницијативи се одговара тотално незаинтересирано. Ајде да седнеме и да разговараме. Еве уште еднаш ја користам приликата  на овој наш голем празник, историски ден, за да повикам на промена на форматот на разговорите за изнаоѓање решение, односно носители на одговорните тимови на двете земји да бидат премиерите, и да се обидеме заедно да дојдеме до некое за двете страни прифатливо решение, крајниот збор секако и секогаш ќе го имаат граѓаните на организиран референдум и тоа е обврска од која ниеден политичар партија или поединец не смее да бега.

Инаку, провокации имало и ќе има, и од внатре и од надвор, но ние ги гледаме и од нив не се плашиме, зашто исклучиво интересот на државата е пред нас.

Со цел убрзување на процесот на разговори и апел за поголем фокус кон ова прашање на сите засегнати страни размислувам да се обратам до организацијата на Обединетите Нации со став за промена на форматот на разговорите, со што би се следел примерот и на Србија и Косово, во кои разговори, покрај медијаторот, би учествувале сите ние директно, со свои тимови, и експерти од нашата земја. И сега сум убеден дека, ако пред 5 или 6 години некој на светов имаше резерва или скепса за нашите убедувања дека нашиот сосед нема елементарен интерес ниту волја да разговара а камо ли да го реши спорот, овојпат на сите им е јасно тоа. Ако на некого не му е, јас го повикувам да го натера нашиот сосед да седне и да разговара со нас на реални разговори со добра воља во присуство на медијаторот и на кој сака од меѓународната заедница, и да се увери во ова кога ќе добие негативен одговор од другата страна. Односно наместо некои да трошат енергија со тоа што мислат дека ќе помогнат некому измислувајќи нови и нови услови за нашата земја, или критики за наводни недостатоци во системот, судството, администрацијата, медиумите и слично, нека потрошат малку енергија да ги убедат нашите соседи да седнат и да разговараат со нас со позитивна и конструктивна мисла. Со добра воља за решение. Не велам дека немаме недостатоци и слабости, но убеден сум дека имаме дури во некои сфери и многу помалку од некои членки на НАТО или ЕУ, и подготвен сум да дебатирам за ова со кого сака. И конечно по четири години јавни признанија за напредокот во сите сфери, неуверливо кај било кога е кога одеднаш во немоќ да се реши главниот проблем, ќе се смени реториката и ќе се поплука се што претходно се кажало. Нашиот народ не е воопшто наивен и со леснотија веќе може да ги прочита сите оние наводни извештаи и во наводници добронамерни критики за аномалии во нашиот систем, за наводно немање доволно демократија, или не знам какво судство и така натаму. Сме поминале толку многу во нашата историја и посебно во овие 23 години плурална и самостојна Македонија, да сите овие процеси се веќе лесно читливи за секого. Затоа велам, да се фокусираме на главниот проблем, а не да измислуваме нови. Немоќта од фокус на главниот проблем не смее да ја затскрива некој со отворање и измислување на нови.

Драги пријатели,

Ние имаме и доста предизвици на домашен план. Би сакал да истакнам дека за мене лично, кој од вас сум ја добил довербата за раководење со процесите во земјата, најголема победа претставува секое новоотворено работно место. Нема ништо подобро и нешто што повеќе прави среќен од насмевките и озареноста на лицата на луѓето кои ќе се вработат, од татковците и мајките кои со влезот на работа надминуваат еден сериозен предизвик и може послободно да се насочат кон развој на семејствата. Во мојот политички ангажман, од самиот негов почеток и прв момент јас секогаш отворањето на нови работни места сум го сметал за врвен приоритет и додека функционирам во политиката тоа така ќе продолжи да биде и да остане како најбитна работа за мене. За таа цел, кај мене нема резерви, нема калкулации со ангажманот, напротив макотрпно, со целата моја енергија, и дење и ноќе, и дома и кога сум надвор сум фокусиран на тоа. Затоа и иако е напорно, за мене не претставува проблем да поминувам стотици и илјадници километри за да лобирам за странски инвестиции, да презентирам дека Македонија заради реформите кои ги направивме е земја која нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, дека Светската банка за 6 години од 94-тото ја искачи на 23-тото место во Светот во однос на добрите услови за правење бизнис, само и само за да дојдат компаниите во Македонија и да инвестираат и да отворат работни места. И затоа како победа за народот ги чувствувам отворените работни места и оние работни места кои доправа ќе се отворат во двете фабрики на Џонсон Контрол и Џонсон Мети, во Дрексел Мајер, во Кромберт и Шуберт, во Текнохозе, Кемет Електроникс, Алајанс Уан, Стил кон, Агрокор, Суташ, Протек груп, Гришко, Ван Хул, Кемет Електроникс, Аустриан телеком,  и повеќе други.

Во таа насока секогаш ќе продолжам, беспоштедно и без резерви, колку и критики да трпам преку манипулациите кои ги прави опозицијата на ова поле јас нема да се откажам. Колку и да ме исмеваат некогаш, затворени во сопствената суета и тесно партиски гнев. Затоа што знам, дека  ако се бориш можеш да победиш или изгубиш, ако се откажеш можеш само да загубиш. Тоа е девизата. Јас би ја повикал опозицијата наместо да критикува и да смислува трикови за да не напаѓа на ова поле, и наместо да подржува одвраќање на инвеститорите за да инвестираат во Македонија, да проба и таа да придонесе во нови инвестиции, да лобира, да ја промовира Македонија, да ги промовира нашите поволности кои им ги нудиме на компаниите, никој нема да им земе за зло и нема да изгубат поени, на странските компании не им е битно дека ние, а не опозицијата ги донел тие реформи, битно им е дека условите се добри, и опозицијата не губи ништо и ако помогне некој инвеститор да дојде во Македонија. Заедно да работиме на привлекување на инвеститори.

Ние ќе продолжиме со борбата и со нашите залагања, и токму заради реформите кои ги правиме во земјата и заради нашиот ангажман, во следниот период во оваа и следната година имаме најави на 15-тина големи компании за влез и инвестиции во Македонија од различни области, меѓу кои индустријата на автомобилските делови, информатичките технологии, земјоделството, преработката на земјоделските производи и храна, електроника, градежни материјали и други.

Ќе работиме со сили сили овие најави што веќе се прилично сигурни, да успеат да се реализираат и да се вработат што повеќе луѓе. 

Ние продолжуваме жестоко да се бориме за секое ново отворено работно место. Новите инвестиции ги решаваат проблемите на луѓето, носат подобра и посигурна иднина.

Почитувани,

Следуваат моменти во кои сите ние ќе бидеме соочени со бројни предизвици. Тие предизвици ќе имаат за цел да го раздвојат македонското национално ткиво по неколку линии, внесувајќи немир, вознемиреност, можеби и фрустрација и чувство на девалвација кај Македонците. Моменти на провокација од разни структури домашни и од надвор, на разбивање на кохезијата на македонскиот народ, на повторно етикетирање и стимулирање на вештачки подвојувања, и тоа ќе се обиди во насока да се компромитираат македонските државни и национални интереси кои се длабоко исправни и реални.

Ние сме свесни за тоа, го знаеме и сакам да кажам, ние ќе одговориме, и тоа ќе одговориме заедно со нашиот најсилен сојузник народот. Како што Карев и Питу заедно со народот дејствуваа, а Ченто, Панко и Апостолски заедно со народот ги донесуваат своите одлуки, така и ние како и досега со народот ќе продолжиме заеднички да дејствуваме.

Секој обид за доведување под прашање на легитимитетот на ова што го говорам, за оспорување на легитимитетот на нашите политики, ставови, позиции и гледишта, момент кој би стимулирал поделби, или било каков момент кој засега негативно во суштинските прашања од државен интерес, ќе биде пресретнат во заедничка поткрепа со народот.

И затоа е потребно збивање на редовите и чување на грбот, на сите нас, етнички, верски и политички, вмровци, сдсмовци, либерали, демократи, сите до еден, за да бидеме на линија на илинденска и асномска Македонија. Да ги чуваме нашите заеднички интереси и Македонија. Тоа е рационално и искрено, пред се како должност, но и како право и обврска. И ова не сакам да звучи како клише, туку искрено и од срце го посакувам.

Но, сакам и да кажам дека ние како политичка структура имаме одговор и секое оспорување на нашиот легитимитет за суштинските прашања ќе добие одговор, за кој сум сигурен дека ќе не доведе до нов успех и победа, затоа што со народот заедно дејствуваме.

Драги пријатели,

Патот до успехот не е лесен ниту едноставен, но мора да биде изоден. Со мудрост и со правилен избор на одлуки, со посветеност и одговорен пристап кон предизвиците, со градење на дела и вредности, со грижа за сите слоеви од општеството, и со заштита на националните и државните интереси. Ние сме во период на многубројни реформи кои се нашата основна суштина. Иако ефектите од нив почнуваат да се чувствуваат и ќе се чувствуваат во позитива се повеќе, јас сум свесен дека во Македонија не е се идеално, знам и свесен сум дека во Македонија не се живее лесно, и како што кажав дека се радувам од срце за секоја насмевка и секоја радост предизвикана заради наша добра реформа или политика или вработување, така пред мене се и секогаш очите на луѓето кои очекуваат од нас уште повеќе, кои ме туркаат да продолжиме со силно темпо напред зашто има уште многу работи кои треба и мора да се подобрат, исправат, унапредат, решат. Сите тие работи го имаат моето полно внимание и мојата концентрација кон нив, и најбитно јас секојдневно се трудам да придонесам некој од тие проблеми да се решат или намалат, така и ќе продолжам. И сум сигурен дека со многу труд и работа ќе овозможиме животот за граѓаните да продолжи да се подобрува. Предизвици и проблеми секогаш ќе има, но најбитно е да работиме да ги намалуваме. Цврстината ќе не направи посилни. Работата поуспешни и попродуктивни. Знаењето ќе помогне да влечеме мудри одлуки и добри потези. Системот на вредности ќе не остави фокусирани на напредокот. Тоа важи и за политичарите и за целиот народ, само заеднички ќе донесеме нови победи базирани на големата идеја за успешна Македонија.

Да живее Илинден 1903!

Да живее Илинден 1944!

Една идеја, многу победи! Да веруваме во нас и во нашите можности за победи! Да веруваме во нашата Македонија, во нашата историја и иднина! И да се гордееме!

Да живее Република Македонија!

 

Категорија: