Самостојни органи на Владата на Република Македонија

Агенцијата за млади и спорт


Агенцијата за млади и спорт ги врши работите што се однесуваат на грижата за психофизичкиот развој на младите и нивната заштита од болести на зависности, проституцијата, криминалот и други социопатолошки појави; грижата за статусот на младите; поттикнувањето и помагањето на различните облици на организирање на младите; преземањето активности за создавање услови за задржување во Република Македонија на способните и талентирани млади, како и создавањето услови за стимулирање на нивното враќање во Република Македонија; следењето на спортските и спортско-рекреативните активности од областа на спортот; следењето на развојот на врвниот спорт и врши и други работи утврдени со закон.

Агенцијата за млади и спорт има својство на правно лице.

 

Агенција за иселеништво


Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија; помагањето на нивниот културен развој и унапредувањето на врските со нив и нивните организации; запознавањето на иселениците од Македонија со состојбата во Република Македонија; создавањето услови за враќање на иселениците во Република Македонија; создавањето услови за вклучување на иселениците во јавниот и економскиот живот на Република Македонија и врши и други работи утврдени со закон.

Агенцијата за иселеништво има својство на правно лице.

 

Комисија за односи со верските заедници и религиозните групи


Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи ги врши работите што се однесуваат на правната положба на верските заедници и религиозните групи, како и работите во врска со односите меѓу државата, весрките заедници и религиозните групи.

 

Агенцијата за развој и инвестиции


Агенцијата за развој и инвестиции ги врши работите што се однесуваат за реализација на: програмата за развој и инвестиции, утврдените поволности за приватни инвестиции на домашни и странски лица, договорите за трансфер на капитал, спроведувањето на мерките на инвестиционата политика и странските вложувања, остварувањето на инвестициони работи што ги изведуваат странски лица во Република Македонија и инвестициони работи што ги изведуваат домашни правни лица во странство; размената на информации за можности за инвестирање; промоцијата и грижата за спроведување на обезбедените инвестиции во и надвор од Република Македонија и врши и други работи утврдени со закон.

Агенцијата за развој и инвестиции има својство на правно лице.

 

Центар за управување со кризи


Во извршувањето на работите во врска со управувањето со кризи, Центарот ги врши работите што се однесуваат на: обезбедување континуитет во меѓуресорската и меѓународната соработка, консултации и координација во управувањето со кризи; изработување и ажурирање на единствена процена на ризиците и опасностите по безбедноста на Републиката; предлагање мерки и активности за разрешување на кризна состојба и врши и други работи утврдени со закон.

Центарот е носител на вкупната поддршка (стручна, озганизациона, административна и друга) на Управувачкиот комитет и Групата за процена.

 

Дирекција за заштита и спасување


Дирекцијата за заштита и спасување заради извршување на работите за заштита и спасување од природни непогоди, епидемии, епизотии, епифтии и други несреќи ги врши работите што се однесуваат на: изработка на: Планот за заштита и спасување, изработува Процена на загрозеност од епидемии, епизотии, епифотии и други несреќи во соработка со надлежните органи на државната управа, го организира и подготвува системот за заштита и спасување, предлага мерки за опремување и развој на системот за заштита и спасување во Републиката, обезбедува функционирање на системот за спречување и откривање на настанување и отстранување на последиците од природните непогоди, обезбедува навремено ангажирање и ефикасна употреба на републичките сили за заштита и спасување и тимовите за брз одговор. Се грижи за целосно вградување на мерките за заштита и спасување, обезбедува реализација на стратешките и среднорочните цели за заштита и спасување, учествува во пополнувањето и спроведувањето на мобилизацијата на републичките сили за заштита и спасување. Понатаму, ги согледува потребите за развој и врши опремување на републичките сили за заштита и спасување, организира и спроведува вежбовни активности за потребите за заштита и спасување. Воедно Дирекцијата за заштита и спасување изработува наставни планови и програми за обука за заштита и спасување, планира, организира и спроведува вежбовни активности и учество на колективните системи за заштита и спасување надвор од територијата на Република Македонија. Изработува стручни упатства од областа на заштитата и спасувањето, утврдува нормативи и стандарди за системот за заштита и спасување и врши други работи утврдени со закон.

Дирекцијата за заштита и спасување има својство на правно лице.

 

Агенција за стоковни резерви


Агенцијата за стоковни резерви е самостоен орган на државната управа, со својство на правно лице. Агенцијата ги врши управните, стручните и другите работи во врска со стоковните резерви на Република Македонија, а за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија. Агенцијата до Владата на Република Македонија доставува годишен извештај за работата за претходната година. Со работата на Агенцијата раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија. Стоковните резерви се формираат, чуваат и обновуваат врз основа на среднорочна и годишна програма, а се користат во случај на воена состојба, вонредна состојба, елементарни непогоди, еколошки катастрофи, како и при поголемо нарушување на пазарот согласно закон.

 

Агенција за квалитет и акредитација на здравствени установи


Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи е самостоен орган на државната  управа, чија цел е вршење на управни,стручни и развојни работи поврзани со акредитација на установите на здравствениот систем на Република Македонија. Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи е надлежна за спроведување и реализација на процесот на следење на квалитетот и безбедноста на здравствената заштита, како и постојано унапредување на квалитетот на здравствената заштита и врши други работи утврдени со закон. Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи има својство на правно лице.