Обраќање на премиерот Никола Груевски пред стопанските комори

Предизвиците и перспективите на македонската економија 2013 и 2014 година

Почитувани бизнисмени, стопанственици, сопственици на акции и удели, менаџери на компании,

Почитувани раководства на стопанските комори,

Почитувани членови на Владата, професори, аналитичари, новинари,

Дами и Господа,

Денес, слично како и минатата година ова време, по покана на стопанските комори, тука сум заедно со Вас, сопственици, директори, менаџери  на над 700 компании во Република Македонија, како домашни така и странски, поголеми, средни, помали, постари и понови, извозни и увозни, трговски, индустриски, производни, услужни, финансиски и од сите сектори на економијата. Секако тука се присутни  и претставници на најголемите 250 компании во Македонија според извозот и профитот, но и значаен број претставници на средни и мали претпријатија. Како и минатата година, така и годинава сум тука со Вас со задоволство, да споделам некои размислувања, видувања, анализи и информации за актуелните состојби и перспективите на македонската економија во 2014-та.

Уште од самиот почеток кажав, а во изминатиот период максимално се трудев тоа и да го оправдам, дека ние ќе бидеме Влада која е пријателски ориентирана кон бизнисот. Тоа значи дека главниот фокус на нашата работа ќе биде економијата, и тоа не само  општо земено, туку конкретна поддршка и помагање на фирмите, соочување со проблемите и максимални обиди за нивно решавање  и создавање подобри услови за водење бизнис.

Во однос на условите за правење бизнис, во Македонија дојде до радикални промени во многу краток период. Минатата година, при моето прво обраќање од ваков вид, потсетив на повеќето мерки и ги образложив активностите кои ги превземавме за да ја подобриме бизнис климата. Заради тоа, денес, освен со некои исклучоци нема многу да се задржам на тие чекори, но повеќе ќе се задржам на оваа и следната година, секако и со општ осврт на среднорочен и долгорочен план. Впрочем, откога се покажаа за успешен модел и широко се прифатија сите тие радикални мерки, како намалениот и рамен данок, ослободувањето на нераспределената добивка од оданочување, регулаторната гилотина, бруто платата, намалувањето на царините, репрограмирањето на старите долгови на фирмите, 250 милиони евра евтини кредитни линии, продажбата на земјиштето со ниска почетна цена, и многу други мерки и реформи, сите тие веќе не се третираат како новини, туку толку се одомаќинија, што се додека не отидеме во некоја друга земја ни изгледаат како нормални.

Кога сме веќе кај меѓународните стандарди и рангирања, со задоволство би сакал да констатирам дека Македонија, за прв пат направи посериозно придвижување на листата за конкурентност на Светскиот економски форум, каде во 2013та се искачи за дури седум места. На оваа листа искачувањето е многу потешко и покомплицирано, затоа што има многу поголем број и посложени индикатори, за кои дел од нив невозможно е да се сменат за неколку години, туку потребни се децении за нивна промена.

Таму поместувањето најчесто е за едно, две или максимум три места, така што земајќи го тој аспект во предвид придвижувањето за седум места беше крупен исчекор. Со ова придвижување, Македонија влезе во првата половина на оваа листа, и е над просекот на земјите од регионот. За оваа цел, мерки и активности за зголемување на конкурентноста на економијата како Влада креиравме специјален комитет, кој го предводеше потпретседателот на Владата задолжен за координација на економските ресори Владимир Пешевски, а членуваа не само министри, претставници и експерти од сите министерства туку и многу надворешни експерти, професори, бизнисмени и консултанти. За оваа цел лани се усвои пакет од 60 мерки преточени во 72 заклучоци и заедно со акциски план, креирани врз основа на детална длабинска анализа. 21 од овие мерки веќе се реализирани, а реализацијата на останатите е во тек.

Да напоменам дека, мерките превземени за подобрување на бизнис климата а кои се рефлектираат во извештајот на ИФЦ и Светската Банка Дуинг Бизнис, за што исто така креиравме тим кој го предводеше потпретседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, имаат значаен удел во овој извештај на конкурентност.

Иако сме задоволни од успешното придвижување во однос на условите за правење бизнис, како и во однос на подобрената конкурентност, состојбите може уште да се подобрат. Постојат уште многу проблеми кои можат да се решат, услови кои можат да се подобрат, напредок кој може да се направи. Секако, тоа е можно само со многу работа, труд, посветеност и одговорен пристап, и со целосна вклученост на компаниите и стопанските комори.  

Како што знаете, со проектот Учиме од бизнис заедницата целосно ги завршивме првите два циклуси од посетите на околу 150 компании со цел идентификување и решавање на нивни проблеми, во завршна фаза е третиот циклус, а неодамна објавивме четврт оглас за повик до сите компании кои сакаат да бидат посетени од владин тим со цел идентификување и решавање на нивни проблеми. Освен што се трудиме да ги решиме конкретните проблеми на компаниите кои побарале помош, се трудиме и да креираме системско решение, со цел ако и други фирми имаат или можеби во иднина ќе имаат исти или сличен проблем, да им се реши преку определени измени и дополни на закони, подзаконски акти или пракси во работењето. Степенот на реализација на усвоените барања во првиот циклус е над 60 отсто, а приближно таков е и во вториот циклус кога се посетија 165 компании со 220 барања.  Во тек е третиот циклус на посети на над 100 компании со вкупно 242 барања, а во фаза на објава е четвртиот циклус. Како резултат на овие директни комуникации дојде до носење на нов Закон за минерални суровини со кој се олеснија постапките за доделување концесии, нов Закон за концесии и јавно приватно партнерство, овозможување платежните трансакции од мал обем да се вршат преку телекомуникациски или мрежни оператори, измени на законот за Агенции за привремени вработувања во насока на намалување на нелојалната конкуренција и воведување лиценци за нивно работење, измени на Законот за работни односи, Законот за здравствено осигурување, Законот за туристичка дејност, Законот за превоз во патниот сообраќај, правилници за енергетски карактеристики на зградите и енергетска контрола, категоризација на објектите за вршење угостителска дејност, Законот за туристички развојни зони и повеќе други.

 

Покрај ова, објавивме и повик за интерес за посета на владин тим за решавање на проблеми на компаниите од областа на имотно правни прашања. Проектот во првите две фази опфати 67 компании од сите три стопански комори, кои во соработка со Министерството за финансии и други стручни служби решаваат прашања од областа на приватизација на градежно земјиште и други слични прашања. Досега се решени половина од барањата вклучително и децениски долги и комплексни случаи не неколку фирми, а останатите се во тек на решавање. Неодамна е објавен и нов оглас на кој се пријавија уште 167 компании, чии постапки веќе се почнати да се решаваат. 

Уште еднаш се покажа дека теренската активност на владата е неприкосновена во споредба  со канцелариската активност. Имајќи во предвид дека овие два јавни повици сеуште се актуелни, ве повикувам сите кои имате проблеми за кои верувате дека со интервенција на Владата може да се решат, или за кои верувате дека се системски слабости и пропусти, не се колебајте и во текот на следната една недела испратете писмо или е- маил до Владата, до Kабинетот на потпретседателот  Пешевски, а за имотно правните прашања до кабинетот на потпретседателот и министер за финансии Зоран Ставрески, согласно насоките во двата јавни огласи кои се во тек. Тимови кои се под нивно раководство многу брзо ќе ви се јават за договарање на датум за средба на која ќе се разговара за проблемите со кои се соочувате а кои се од доменот на нашите одговорности како Влада.  

Сметам дека ваква отвореност, активност и конкретен пристап на владата немало никогаш претходно во Република Македонија, а не познавам таков случај и во ниедна друга земја. Независно кој како ќе го окарактеризира ова, јас знам дека можеби половина од мерките кои ги превземавме во последните 6 години, ги превземавме како резултат на сознанија од овие активности и овој пристап. Искористете ја оваа отвореност за соработка на владата.

 Вчера Владата објави и нов проект, оглас до сите компании кои имаат интерес од искусен странски експерт од нивната област, да се обратат со цел да успееме да помогнеме во донесување на таков експерт на неколку недели или месеци да помогне околу решавање некои проблеми и давање нови идеи за отворање нови пазари и партнери, промени во производството и слично, со цел пренесување на неговите искуства од иста или слична успешна  компанија од некоја развиена земја. Ова е проект кој го водат неколкумина во мојата канцеларија и Ве охрабрувам без колебање да се обидете да  го користите.

 

Сепак, ние не бевме ограничени само на оваа комуникација со бизнисот. Јас лично, покрај средбите на терен организирав работни средби со над 70 компании групирајќи ги во 4-5 компании од ист сектор на една средба во времетраење до два часа, во присуство на други министри или директори на државни институции. Исто така и состаноците со стопанските комори останаа како пракса, а со ретки исклучоци и консултациите со коморите кога станува збор за посериозни промени на економските закони. Но она што е најважно сепак е што успеав да создадам клима, да кога некоја компанија ќе побара на телефон или за средба или телефонски разговор некој министер или директор, тој да одговори, но и повеќе од тоа, да се обиде да им помогне. Нема и не смее да има недопирливи министри или изолирани директори. Ако некој стане таков, тој треба да си оди. Јас велам, ако некој бизнисмен дојде до таа ситуација, да неможејќи да искумуницира со ресорниот министер, бара комуникација со мене, тоа е прв сигнал дека нешто се случува со министерот. Друга работа е што во некои поретки ситуации, некои бизнисмени знаат да побараат и работи кои не се соодветни или целосно сообразени со регулативата, но такви ги има се помалку, бидејќи во сиве овие години паралелно се надоградуваше и бизнис културата и бизнис етиката.

Затоа, не е случајно што во екот на светската економска криза од средината на 2008 до крајот на 2010,  и во екот на европската должничка криза, од средината на 2011-та до денес, и нивните силни реперкусии врз македонската економија, сепак, Македонија е една од ретките земји, која успеа не само да не дозволи да се зголеми невработеноста, туку успеа и да ја намали. Да потсетам, дека оваа влада стартуваше со наследена стапка на невработеност од околу 38 отсто  во 2006-та, а денес, и покрај големата и долготрајна светска криза, сепак, ја намаливме невработеноста и таа за прв пат падна под психолошката бариера од 30 отсто, која во минатите 17 години се чинеше недостижна. Последната вчерашна објава на државниот Завод за статистика за стапка на невработеност од 28,8 отсто, и уште повеќе резултатите за растот на БДП во  последниот квартал со раст од 3.9 отсто, како трет највисок во Европа после Литванија и Латвија, но и првиот квартал од оваа година со раст од 2.9 отсто, покажуваат дека напорите за подобрување на условите за бизнис, подобрувањето на конкурентноста на економијата, сите реформски и антикризни мерки кои ги превземавме даваат резултат.

Иако несомнено стапката на невработеност е сеуште висока и борбата за нејзино намалување останува врвен приоритет на Владата, сепак можеме да констатираме дека Македонија е една од ретките земји во Европа во која невработеноста се намали во текот на кризните години. Според пресметките Македонија, Германија и Црна Гора се земји кои најмногу успеале да ја намалат невработеноста од 2006 наваму гледано за колку отсто е намалена. Истовремено, стапката на вработеност во првиот квартал од 2013 година изнесува 40,7% и е највисока досега, односно бројот на вработени  во споредба со вториот квартал од 2006 е зголемен за 112.174 вработени (од 566.293  К2 од 2006 на 678.467 лица во К2 од 2013 година), што претставува раст од околу 20%.

Се разбира ниту стапката на невработеност, ниту стапката на растот на БДП, не се на ниво кое би сакале, но ако се земат околностите и од што тргнавме, и дека невработеноста се намалува во време во кое таа расте во речиси сите други земји, а само две други земји од Европа кои се во многу постабилен регион имаат повисок раст на БДП од Македонија, тогаш може да се каже дека тоа се добри резултати.

Полека се доближуваме и до моментот кога ќе дадеме јасен одговор на многу од вас кои често на средбите се жалите дека тешко доаѓате до работници, или пак ќе се вработат и брзо се откажуваат. Најчесто се прашувавме зошто е тоа така во услови на толкава невработеност.  Агенцијата за вработување разви методологија на разграничување на активни и пасивни невработени, или поточно кажано лица кои се декларираат за невработени и активно бараат работа, и лица кои се декларираат за невработени и не бараат вработување.

При првата анкета, во која формуларите им се дадоа на сите невработени со можност да ги однесат и пополнат дома за да размислат една недела околу нивното изјаснување, излезе дека од вкупно 215.500  регистрирани во Агенцијата (да потсетам дека оваа бројка во мај 2006 беше 355 илјади лица), значителен број на  лица се изјасниле дека не бараат агенцијата да им понудува вработување, и се декларираат во групата на пасивни невработени. Со тоа го задржуваат правото да добиваат бесплатни обуки за стекнување различни вештини, не бараат агенцијата да им понудува работни места и немаат обврска еднаш месечно да се пријавуваат како невработени (тоа е стандард во Европа), туку тоа го прават еднаш во шест месеци, а при тоа да можат да одберат која од бесплатните обуки кои ги нуди Агенцијата да ги искористат.

Сепак, бидејќи беше прв пат ваквото анкетирање, одлучивме да не го афирмираме премногу, и да не правиме длабински анализи од него, со цел најпрвин  да направиме уште едно вакво анкетирање на истите лица до крајот на оваа година, во кое уште подетално ќе им се објаснат условите и предностите ако се евидентираат во активни или во пасивни невработени. Очекувам во декември оваа година, да имаме многу прецизен податок за тоа колку од невработените лица активно бараат работа, што пак ќе ни одговори на многу прашања, и ќе ни помогне да креираме понатамошни политики во областа на работната сила. Затоа сега само го најавувам ова без да навлегувам во посуштинска анализа, дебата, и слично,  која ќе следи по завршувањето на втората анкета во декември оваа година. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, како и раководството и вработените во агенцијата за невработени посветено ќе работат на ова прашање во следните три месеци.

 

Мерки во економијата превземени во последните 12 месеци

Говорејќи минатата година за четирите пакети антикризни мерки кои ги превземавме, за новиот инструмент задолжница, и многуте други завршени реформи и мерки, чувствував дека сите сте во очекување да слушнете нешто околу проблемите со ликвидноста на буџетот и доцнењата на исплатите на буџетот кон приватниот сектор. Беше очигледно дека тоа беше најголемиот проблем кој во тој момент ве засегаше.

Минатата година Владата и јас лично тука пред Вас се обврзавме во целост да се исплатат обврските кон стопанството со точно утврдена динамика. Ветивме дека до крајот на февруари 2013 година целосно ќе бидат исплатени обврските по основ на поврат на ДДВ и обврски кои произлегуваат од договорите со приватниот сектор.

Како што беше најавено отплатата на долговите започна во септември 2012 година. Вкупните обврски изнесуваа 5.6 милијарди денари или 92 милиони евра. Согласно предвидената динамика до крајот на 2012 беа исплатени вкупно 70 милиони евра, односно 76% од вкупните обврски. На крајот на февруари долгот на државата кон стопанството беше сведен на нула, со што целосно го исполнивме ветувањето на Владата кон стопанствениците. Со тоа Македонија е една од ретките земји од регионот која се раздолжи кон стопанството, што беше потврдено и од ММФ и Светска банка.

Во услови на криза овие 92 мил.евра претставуваа значителен импулс за подобрување на ликвидноста на македонското стопанство и помогнаа да се поддржи економската активност. Овој потег на Владата придружен со големиот број на проекти и економски мерки и активности, несомнено помогнаа претпријатијата полесно да се справат со последиците од намалената економска активност. Дадовме ветување дека во иднина Владата ќе направи напори да нема задоцнувања во плаќањата и навремено да ги плаќа обврските кон стопанството, и досега тоа ветување го исполнуваме.

Закон за финансиска дисциплина

Имајќи го ова искуство во предвид, како и неодамнешните разговори со стопанските комори, кои неколку пати ми нагласија дека сега најголем проблем им се долговите помеѓу приватните фирми, а во правец на системско решавање на овој проблем, со задоволство денес за прв пат можам да соопштам дека во подготовка е Закон со кој прецизно ќе бидат утврдени роковите во кои ќе се подмируваат обврските, кој засега има работен наслов Закон за финансиска дисциплина. Со ова Владата повторно ќе излезе во пресрет на барањата на стопанствениците и ќе воспостави законска рамка со фер правила на игра кои најмногу ќе бидат во прилог на малите и средни претпријатија кои досега се соочуваа со проблеми во наплатата на побарувањата.

Со законот ќе се предвиди во договорите помеѓу приватните фирмите, рокот за исполнување на паричните обврски да не може да биде подолг од 60 дена. Во исклучителни ситуации, доколку постои согласност од двете страни, тој рок може да биде подолг, но не повеќе од 120 дена. Во договорите помеѓу институции од јавниот сектор и фирмите рокот за исполнување на паричните обврски од страна на државата исто така да не може да биде подолг од 60 дена, освен ако со договорот не е предвидена повеќегодишна реализација. Исклучок преставува Фондот за здравствено осигурување на Македонија и корисниците на средства од фондот, за кој роковите за плаќање ќе бидат не подолги од 120 дена во 2014, и не подолги од 90 дена во 2015. Од 2016 и за нив важи рокот од 60 дена. Со законот се предвидува на должникот кој паричните обврски не ги исполнил во роковите да му се пресметува и наплаќа казнена камата, согласно законот за облигациони односи. За прв пат со овој закон се предвидува надомест за доцнење, без претходно потсетување и опомена на должникот. Воведувањето на надоместот е да се елиминира малото доцнење на плаќањата од ден, два или неколку дена. Исто така предвидени се прекршочни глоби, и за субјектите од јавниот и за субјектите од приватниот сектор.

Овој закон е надоврзување на мерката што Владата ја донесе минатата година кога се воведе „задолжницата” како нов инструмент за наплата на побарувањата во должничко-доверителските односи меѓу фирмите. Истата беше дизајнирана за да се обезбеди сигурност и едноставност во наплатата на побарувањата. Досега се издадени 81 задолжници во вкупна вредност од околу 3 милиони евра, што укажува дека овој инструмент постепено го зазема своето место во системот на должничко-доверителски односи.

Објавување на даночни должници

Во насока на натамошно унапредување на лојалната конкуренција и јакнење на даночната дисциплина, сакам да Ви најавам уште една нова активност. Започнуваме со објавување на имињата на сите должници кои должат повеќе од 90 дена, и тоа долг над 2 илјади евра за физички лица, и над 5 илјади евра за правни лица по основ на даноци, царини, акцизи и придонеси. Имињата на неплаќачите ќе се објавуваат јавно на веб страницата на надлежните институции најдоцна до 10ти во месецот, по групи на долгови. Даночниот должник неколку дена претходно ќе биде информиран дека доколку не го подмири долгот, ќе се најде на листата на должници. Со овој проект на увид пред компаниите и граѓаните ќе се стават неплаќачите на данок кои незаконски се богатат, го оштетуваат државниот буџет и нелојално конкурираат на оние кои редовно си ги плаќаат обврските.

Кредитни линии од ЕИБ

Покрај овие мерки за подобрување на ликвидноста, Владата во изминатите четири години спроведе проект со кој на компаниите им се обезбеди пристап до свеж капитал по услови кои се значително подобри од пазарните, преку кредитните линии од Европската инвестициона банка. Набрзо ќе започне со реализација четвртата кредитна линија во износ од нови 100 милиони евра, со што ќе продолжи поддршката на компаниите со квалитетни кредитни средства по поволни услови, односно фиксна годишна стапка од 5,5% и со рокови на отплата до 8 години за инвестиции и до 3 години за обртни средства. МБПР во соработка со Министерството за финансии ја има отпочнато постапката и се очекува договорот да се усвои на бордот на ЕИБ во средината на октомври. На почетокот на ноември фирмите ќе може да почнат да аплицираат за средствата од оваа кредитна линија. Досега од кредитните линии на ЕИБ во претходните три фази во вкупен износ од 250 милиони евра, повлечени се вкупно 222 мил.евра за реализација на 761 проект и за отворање на нови 4.782 работни места. До крајот на септември се очекува повлекување на уште 6 мил.евра за нови проекти, со што на располагање од третата линија остануваат уште 22 мил.евра. Овие кредитни линии се покажаа како најповолни и најстабилни извори на средства за македонските фирми во кризниот период, кога кредитите од сопствени извори на банките бележеа намалување. Навремената интервенција на Владата со поволни кредити се покажа како најадекватен одговор на кризата и тие кредити беа речиси единствен извор на ликвидни средства за македонските компании.

Мерки од МБПР

Дополнително, Владата во соработка со МБПР изврши подобрување на условите за кредитирање и воведување на нови производи во делот на кредитно осигурување. Така новите мерки предвидуваат:

    Натамошно олеснување на условите од кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи во износ од 10,7 мил.евра. Минатиот месец се донесе одлука со која на фирмите кои имаат потенцијал за раст и квалитетен бизнис план, а се на почетокот од своето работење или привремено покажуваат негативни финансиски резултати, им се овозможува пристап до оваа кредитна линија  под услов да имаат обезбедено првокласна банкарска гаранција. Притоа, се задржуваат сите останати поволности кај оваа кредитна линија во однос на каматната стапка од само 3% фиксна годишно и рокови на отплата до 5 години за инвестиции и до 1,5 години за обртни средства. Досега од оваа линија одобрени се 22 проекти со кредитна поддршка од 5,9 мил.евра.

    За да се намалат трошоците на компаниите во услови на криза, МБПР ги намали и каматните стапки на „Кредитната линија за поддршка на МСП“ за инвестиции и за обртни средства од 8% на 6,5% годишно. Кредитната линија за инвестиции е со рок на отплата до 8 години, а за обртни средства до 3 години, при што се дозволува користење на обртни средства до 50% од износот на кредитот. Исто така, намалена е каматната стапка кај „Кредитната линија за поддршка на извозот“ на 6% фиксна камата годишно и истата е со рок на отплата до 2 години, при што максималниот износ е до 2 мил.евра доколку се оди преку деловна банка, односно до 1 мил.евра доколку се оди директно преку МБПР.

    За поддршка на извозно ориентираните компании, земајќи ја во предвид одлуката на НБРМ за намалување на задолжителната резерва при кредитирање на нето извозници, МБПР ја намали каматната стапка на извозниот факторинг од 8% на 7% на годишно ниво.

    Исто така, би сакал да ве информирам дека МБПР ги анализира можностите за воведување на нов инструмент ,,Осигурување на кредитите за подготовка на извоз'', кој е наменет за компании кои имаат квалитетни извозни програми и потврден капацитет за производство и извоз на капитални добра на странските пазари. Овој инструмент ќе го користат фирмите кои имаат недостаток на обртен капитал за подготовка на извозот, а истовремено не се во можност да понудат вообичаен колатерал прифатлив за деловните банки.  МБПР со осигурувањето на кредитите за подготовка на извоз, ќе ги покрие ризиците од ненаплата на реализираниот извоз или неплаќање заради стечај и неликвидност.

    Дозволете да најавам, дека во план е и воведување на нов инструмент за осигурување на гаранциите кои ги издаваат македонските банки на наши фирми кои учествуваат на меѓународни тендери. Со овој инструмент ќе се подобрат условите за македонските извозници кои се соочуваат со недостаток на колатерал кој го бараат деловните банки при издавање на тендерските гаранции и на тој начин ќе се олесни и охрабри учеството на македонските компании на меѓународните тендери во странски земји.

 

Царина

    Царинската политика сите изминати години беше во функција на јакнење на конкурентската способност на македонските компании. Во таа насока, покрај претходните неколкукратни намалувања на царините, со последниот царински пакет се укинаа и намалија царините на 130 видови стоки (опрема, алати, машини, резервни делови, репроматеријали за земјоделството и преработувачката индустрија и др.). Оваа мерка, кумулирана со реализацијата на договорите за Стабилизација и асоцијација со ЕУ, СТО, ЦЕФТА и ЕФТА, придонесе за намалување на пондерираната ефективна царинска стапка на 1,75%, што е една од најниските во регионот.  Во 2013 година фирмите плаќаат 40% пониски царини споредено со 2007 година, додека по основ на укинати и намалени царински такси и надоместоци дополнително остваруваат заштеди во износ од 10 милиони евра годишно.

    Царинската Управа го зголеми бројот на гранични премини на кои може да се врши извозно-увозно царинење кое е побрзо и поевтино заради еднократните и помали трошоци за терминалски престој, за царинско застапување и ангажирање банкарски гаранции за транзит. Така: 1/ на Ќафасан е воведено извозно царинење на лесно расиплива стока и стока која е едноставна за физички преглед;  2/Се овозможи извоз на акцизни стоки во Албанија на граничниот премин Блато кај Дебар; 3/ воведено е 24 часовно-7 дневно увозно царинење на граничните премини Табановце со Србија и Ќафасан со Албанија, на кои претходно беше воведено извозно царинење. Со овие мерки се зголеми мрежата на гранични премини на кои може да се врши 24 часовно царинење секој ден од неделата (покрај постојните Ново Село, Делчево, Меџитлија, Блаце, Богородица  и Деве Баир).

   EXIM-Електронскиот систем за издавање увозни/извозни дозволи и тарифни квоти го користат 4.100 фирми на кои во првата половина од 2013 година им биле издадени 37.000 увозни/извозни дозволи и тарифни квоти, при што просечното времетраење за издавање на дозвола е околу 2,5 часа. Ќе се сложите ова е значаен напредок споредено со минатото кога за добивање дозвола беа потребни и по неколку денови.

    Покрај овие Царинската Управа спроведува и бројни други реформи кои резултираат со побрзи и поефикасни царински постапки. Во употреба се воведени:

     систем на електронското  управување со документи кој на фирмите им овозможува електронско поднесување на барања за повеќе од 70 стандардни одобренија

     систем за електронско одобрување и раздолжување на одобренија за сите видови лон постапки

     електронска размена на податоци помеѓу Царинската управа и корисниците на TIR карнети, што резултира во намалување на времето на чекање на царинските терминали и услугите на шпедицијата, со што се остваруваат значителни заштеди.

 

Бизнис клима

  Владата во изминативе години во континуитет спроведува мерки за подобрување на деловната клима. Резултатите се видливи и потврдени од релевантни меѓународни извештаи и институции. Во изминатите 7 години рангот на Македонија е подобрен за: 71 место во извештајот Doing Business на Светска Банка(од 94-то на 23-то место); 45 места според извештајот за Најдобри земји за водење бизнис на магазинот „Форбс“ (од 82 на37 место); 35 места според Индексот за економски слободи според фондацијата „Херитиџ“ (од 78 на 43 место); и 14 места според Индексот за глобалната конкурентност  (од 94 на 80 место). За натамошно унапредување на бизнис климата, во изминатата година Владата донесе и имплементира сет на нови мерки во повеќе области:

    За олеснување на постапката за основање на фирма и намалување на трошоците, се овозможи целата постапка за регистрирање на фирми да ја спроведуваат т.н. „регистрациони агенти“. Со истите законски измени се даде можност употребата на печат да не биде задолжителна со што се намалуваат формалностите во правниот промет и се олеснува работењето на фирмите.

    Во областа на градежништвото Владата спроведе голем број реформи за поедноставување на формалностите и намалување на роковите за издавање на градежни дозволи. Во таа насока почнувајќи од 1 јуни 2013 со работа започна Електронскиот систем за издавање на градежни дозволи со што целата постапка за добивање на одобрение за градба се поедностави и се води по електронски пат. Македонија е прва од земјите во регионот и една од ретките во Европа каде преку единствен електронски систем општините издаваат градежни дозволи. Со новиот софтвер, дозволите за градба наместо како досега за 45 дена ќе се добиваат за 15 дена, доколку предметот има комплетна документација.

    Владата во соработка со Регулаторната комисија за енергетика и ЕВН иницираше реформи за подготовка и донесување на нови мрежни правила за дистрибуција на електрична енергија. Со нив значително се скратени роковите за добивање Решение за согласност за приклучување на потрошувач на дистрибутивниот систем. Исто така, трошоците за приклучок се прецизно дефинирани со што се обезбедува транспарентност при утврдување на истите.

    Во април 2013 година беше донесен Нов закон за катастар на недвижности во кој се вградени и одредби од делот на подземните инфраструктурни градби. Со овој закон ќе се овозможи поголема прегледност на податоците за овие објекти, планирање на просторот за инфраструктура и уредување на односите со сопствениците/корисниците на земјиштето, олеснување на постапката за добивање одобрение за градење и овозможување поефикасна реализација на идните инвестиции. Исто така, Агенцијата за катастар на недвижности спроведува масовна дигитализација на сите катастарски планови, што ќе овозможи скратување на времето за решавање на предметите.

    Новите решенија во Законот за трговски друштва, Законот за хартии од вредност и Кривичниот законик обезбедуваат поголема заштита на акционерите. Трговско друштво кое котира на овластена берза, пред донесување на одлука за одобрување на зделка со заинтересирана страна чија вредност надминува 10% од вредноста на активата на друштвото, треба задолжително да обезбеди мислење од овластен ревизор.

    Дополнително, беа усвоени и измени на Законот за договорен залог со кои во договорите за залог задолжително треба да се утврди максималниот износ на побарувањата на доверителите кои се обезбедуваат со предметот на залог од страна на должникот. Исто така, се овозможи предмет на залог да може да се заснова врз сите средства на должникот вклучувајќи ги и идните средства кои ќе ги стекне должникот.

    За натамошно скратување на стечајните постапки Владата донесе измени на Законот за стечај со кои се скратува постапката со оглед дека се избегнува поднесување на неосновани жалби, се укинува стечајниот совет како орган кој решава по жалби и со тоа се скратува времетраењето на постапката. Исто така, се зголемува транспарентноста преку објавување на одлуките од судот на веб страната „Е-стечај“, се зајакнуваат условите за добивање на лиценца за стечаен управник, се зголемува износот за осигурување од професионална одговорност, се воведува електронско именување на стечајни управници, се определува рок за постапување во стечајната постапка и во случај на субјективно оддолжување се разрешува стечајниот управник. Дополнително кон намалување на времетраењето на стечајната постапка и за зголемување на повратот на средствата, ќе придонесе и можноста за електронска продажба на имотот на фирмата во стечај. Водилка ни беше законот за стечај на Данска, која на ранг листата на Светската банка е прва од европските земји со стечај кој не трае подолго од една година. Измените на законот стапија на сила. Нагласувам, дека со новиот закон за стечај, очекувањата се, Македонија да има најбрз стечај во Европа, за фирми кои ќе отидат во стечај согласно овој нов закон. Имено најдолгиот рок што е предвиден е 8 месеци во случаи кога се водат спорови или се продава имот, значи најкомплицирани случаи. Во законот се разбира предвидени се и пократки постапки каде што нема имот, и предвидена е и можноста за реорганизација пред отворање на стечај.

    Сепак, останува фактот дека по законот за стечај од 1996 година и последователните закони до 2006та, кои беа многу неефикасни, сеуште во судските лавиринти талкаат 89 стечајни постапки. Тоа никому не му одговара, освен можеби на некој од стечајните стечајните управници. Од оваа причина, на последниот комитет за стечај, кој лично го предводам, кој практично и го подготви новиот закон за стечај, донесена е одлука, за еден до два месеци Владата да изготви специјален закон за овие 89 фирми по брза постапка да го завршат стечајот, и со тоа, овие фирми заплеткани во неефикасните закони од времето на транзицијата, да го завршат стечајот.

ТИРЗ

Владата продолжува со инвестиции за развој на технолошко-индустриски развојни зони со цел поттикнување на економскиот развој и промоција на Македонија како бизнис дестинација за реномирани странски компании. На 23 август 2013 година беше отворена првата ТИРЗ во Источна Македонија, лоцирана во Штип со површина од 208 хектари и 37 парцели. Првата фабрика на „Џонсон Контролс“ за автомобилски седишта е веќе изградена и во неа веќе почнаа вработувањата па досега се вработени околу 700 лица од предвидените 1427 лица. Наскоро се очекува нов инвеститор  да изгради фабрика за градежни материјали за што веќе е закупена парцела од 6.000 квадратни метри. Исто така, во тек е и изведување на градежните работи во ТИРЗ Кичево, Гевгелија и Прилеп, наскоро ќе почне градбата на ТИРЗ Струмица, а за останатите зони се изработува потребната проектно-техничка документација. Предвидени се вкупно 14 ТИРЗ, и градбата на сите треба да започне до март-април следната година. Преостанатите се лоцирани во регионот Струга/Охрид, Кочани-Виница, Берово/Пехчево, Делчево, Ранковце, Радовиш, додека Тетовската зона за која исто така има најави за инвестиции, се издаде под концесија и концесионерот треба да ја доизгради и управува.

Останати проекти:

    Владата во изминатиот период работеше на студија за едношалтерки систем за домашни и странски инвеститори. Студијата е завршена со повеќе предлог опции. Пилот проект од овој комплексен систем е веќе започнатиот електронски систем за издавање градежни дозволи кој одлично функционира, а планот е до 2016 година да се воспостави целосно едношалтерскиот систем за домашни и странски инвеститори.

    Во меѓувреме работевме и на новите фази на проектот Регулаторна гилотина за поедноставување на прописите и намалување на трошоците за занаетчиите, при што од 20 нивни барања, 15 веќе се реализирани или нивната реализација е во тек. Донесен е и законот за индустриски и зелени зони со кој се овозможува формирање на индустриски и зелени зони заради забрзување на економскиот развој.

    Заради зајакнување на дијалогот меѓу владата на Македонија и деловната заедница се воспостави  и национален совет за претприемништво и конкурентност, кој во моментов брои 17 членки, меѓу кои се и најголемите стопански комори, бизнис асоцијации, како и претставници на научната и академска заедница, и во чии рамки се формирани 6 комитети кои работат во правец на креирање нови мерки во областа која ја покриваат, а во насока на подобрување на конкурентноста.

    Владата формираше и специјален тим за интервенции во фитосанитарната политика, производство и промет со земјоделки репроматерјали (семе, ѓубрива и пестициди), при што се направија измени во казнената политика во неколку закони од оваа област, со сериозни казни за прекршителите, и поголема финансиска поддршка во производството на сертифициран семенски и саден материјал. Целта на овие мерки е да се обезбеди повисок квалитет на садниот материјал, кој е многу значаен за квалитетот на финалните производи.

    Во правец на подршка на фармерите, се донесе исто така и нов закон за земјоделски задруги во кој предвидуваме подршка на задругите според различни критериуми. Наскоро ќе започне и интензивна кампања за подигнување на свеста кај фармерите за нивно здружување.

    Законски се доуреди и статусот на сезонските работници и се отвори можност за ангажирање на сезонски работници во рок од 3 месеци без притоа да има потреба од објавување оглас за вработување, а системот предвидува пријавување и одјавување на сезонските работници да се прави по електронски пат.

    Како што знаете, Владата досега има инвестирано над 500 милиони евра во субвенции за земјоделците, при што наспроти кризата, целосно опстоивме на дадените ветувања во програмата на Владата. Оваа година се распределуваат 135 милиони евра од буџетот како поддршка на земјоделието, а веќе за следната се предвидени нови 140 милиони евра за македонското земјоделие.

    Конечно, една од најкрупните реформи е новиот Закон со кој земјоделците можат да си го купат земјиштето кое го користат под концесија, под поволни услови и на рати, и во иднина да ги користат сите предности на приватната сопственост. Во моментот се донесуваат сите подзаконски акти, и очекувам до крајот на 2013 овој закон да почне со целосна примена. Во законот особено се внимаваше да се одбегнат сите ризици кои земјоделците би ги довеле во непријатна ситуација, а покрај другото влезот на странски компании и физички лица во сегментот на купување на земјоделско земјиште во државна сопственост не е дозволен до моментот додека Македонија не стане членка на ЕУ, и седум години потоа.

Иновации

За да се зајакне економскиот потенцијал на среден и долг рок, особено значајно е да се развие конкурентноста на приватниот сектор преку зголемување на знаењето и иновации кај фирмите. Свесни сме дека доколку сакаме македонските компании да бидат конкурентни на домашниот и извозниот пазар, истите треба повеќе да се ангажираат во иновативни активности. Иако потребата од примена на иновации е општо позната, мал е бројот на македонски компании кои се успешен пример на фирми кои преку иновации успеале да се пробијат и наметнат на пазарот. Стопанските комори и секторските кластери мора да имаат план за јакнење на сопствената улога и капацитетите на фирмите за примена и развојот на иновациите. Подигнувањето на компаниите на ново иновативно ниво е постапен процес, кој вклучува надградување на јавните и приватни истражувачки капацитети, ставање фокус на развојот на вештините и адаптација на технологијата и нивна практична примена односно комерцијализација на иновациите. Би сакал да напоменам дека користејќи ги иновациите, фирмите од традиционалните македонските сектори, може да преминат од активности со ниска новосоздадена вредност кон активности со висока новосоздадена вредност.

Минатата година говорев околу важноста на развој на претприемничкиот и иноваторски дух во Македонија. И тогаш и сега ќе кажам дека тој е недоволно развиен, и дека неговото развивање е една од клучните работи за развој на Македонија. Ова особено важи за големите компании, но не помалку важно е за помалите и средните. Владата во средните училишта веќе воведе предмет иновации и претприемништво, а во дел од наставните програми во основните училишта го уфрли претприемништвото и иновациите. Покрај ова, спроведуваме силна медиумска кампања за поттикнување на иновацискиот и претприемничкиот дух, како и средношколски и студентски натпревари. Воедно, со поддршка на меѓународниот експерт од Израел г-дин Јехошуа Глеитман кој го ангажирав за мој советник за оваа проблематика, Владата подготви сеопфатна Стратегија за развој на иновациите за периодот 2012-2020, како и Закон за поттикнување на иновациите. Со овој закон, помеѓу останатото се предвидува формирање Фонд за иновации и технолошки развој, кој деновиве треба да добие свое раководство и акти за работа. Преку Фондот ќе се обезбедуваат средства за поттикнување на иновациската дејност во вид на: грантови за кофинансирање на новоосновани старт-ап и спин-оф компании, кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, еквити и мезанин инвестиции, кофинансирани грантови за трансфер на технологии и техничка помош.

Во сите фази на подготовката покрај комитетот за иновации, кој јас лично го предводам, беше вклучен мојот советник од Израел, а беа консултирани и други меѓународни експерти од оваа област. Очекувам во наредните месец до два фондот да почне со работа, а следната година да ги додели и првите грантови. За понатамошен развој на иноваторството владата е во фаза на креирање нов аранжман со Светската банка која со околу 24 милиони евра ќе го подржи овој исклучително важен проект. Буџетот на фондот за наредните 3 години е близу 8 милиони евра годишно и се очекува за овој период да бидат подржани преку 150 компании.

Овој проект е најважен за новите компании и за компании во развој. За големите компании, кои исто така можат да бидат корисници на средствата од овој фонд сепак би потсетил на пораките кои ги испратив минатата година на оваа тема на истиот настан.

 

Макроекономски состојби

Од 2006 година до денес владата  повеќе од две третини од мандатот реализираше во услови на економска криза најтешка во последните 80 години. По извесното заздравување во 2010 од светската глобална криза, дојде до ерупција на европската должничка криза која го означи второто полувреме на големата рецесија како што меѓународните економисти најчесто ја нарекуваат актуелната криза.

Кризата остави длабоки траги на резултатите кои ги оствари македонската економија. Но сепак наспроти драматичниот пад на економиите во голем број земји Македонија забележа благо намалување на БДП само во две години, во 2009та(-0.9) и во 2012та(-0.3), додека во 2010 и 2011 растот достигна близу 3% годишно. Според меѓународните финансиски институции, гледано споредбено, Македонија е на добар пат да оствари макроекономско заздравување во годините што следат. Да не заборавиме дека некои земји од регионот и во 2013та се очекува да останат во рецесија како Хрватска и Словенија на пример.

Најновите податоци покажуваат дека Македонија излегува од кризата и започна да остварува позитивни стапки на економски раст. Позитивните движења од крајот на 2012 продолжија и во 2013 година, при што БДП бележа значителен раст од 2,9% отсто во првиот квартал што беше четврто најдобро остварување во Европа, а во вториот квартал растот беше 3.9 отсто што пак е трето најдобро остварување во Европа, после Литванија и Латвија. И понатаму најголем придонес во економскиот раст има градежништвото со висок раст од 36,8% во првиот квартал, односно 33% во вториот квартал од 2013. Гледано според расходната страна растот е придвижен од бруто инвестициите кои бележат раст од 9,4% во првиот квартал, и 7% во вториот квартал, што соодветствува со високиот раст на градежништвото, капиталните инвестиции од буџетот и растот на домашното производството на капитални добра.

Имајќи ја предвид поврзаноста на македонската економија со европската, дополнително охрабруваат и најновите податоци за придвижување на економската активност во вториот квартал од 2013 година во Еврозоната која забележа раст од 0,4%. Ова се први позитивни сигнали за Еврозоната која шест квартали последователно бележеше негативни стапки на раст. Значајно е што 16 економии од ЕУ бележат раст, меѓу кои и трите најголеми европски економии-Германија (0.7%), Британија (0,6%), и Франција (0,5%). Во наредните два квартали во ЕУ се предвидува да продолжи позитивниот економски раст од 0,3% на квартално ниво.

Ваквите податоци за ЕУ и солидните перформанси на реалниот сектор во Македонија во првата половина од годинава, се добра основа за реализација на очекувањата, а тие се домашната економија во 2013 година да го оствари проектираниот раст од 2%, а можеби и нешто над тоа. Очекувам кон остварувањето и на таа цел да помогне реализацијата на капиталните инвестиции од Буџетот за 2013 година, која засега оди добро, како и продолжувањето со навремена исплата на сите обврски, имајќи ја предвид добрата ликвидност на буџетот. Во наредните две години се очекува постепено забрзување на растот и тоа 3,2% во 2014 и 3,8% во 2015 година. Најголем придонес кон економскиот раст ќе има домашната побарувачка предводена од бруто инвестициите, во кои и натаму значајна улога ќе имаат капиталните инвестиции од буџетот.

Во оваа прилика, би сакал да најавам дека сме во завршна фаза на подготовка на Буџетот за 2014 година, за кој основните проекции се пораст на БДП од 3,2%, инфлација од околу 3,3% и дефицит од 3,5% од БДП. Владата и во следниот период ќе продолжи со спроведување на дисциплинирана фискална политика, што ќе резултира на одржување на ниското ниво на јавен долг, кој во јули 2013 година изнесува 33,6% од БДП и е четврти најнизок државен долг во земјите од ЕУ и регионот.

Во тие рамки, ќе продолжиме со политиката на зголемување на капиталните инвестиции за реализација на крупни инфраструктурни проекти. Овие проекти на краток рок го раздвижуваат градежништвото кое стана основен генератор на растот на БДП, но и преку 20 индустриски гранки кои се поврзани со градежната активност.  На долг рок пак, инвестициите во патишта, пруги, енергетски и други слични објекти се значајни за подобрување на конкурентноста на македонската економија.

Сакам во ова прилика да Ви соопштам дека Владата во новоподготвениот буџет за 2014та година предвиде и:

1. Зголемување на пензиите за 5 отсто во кое влегуваат владиното покачување и индексацијата, од март 2014-та година

2. Зголемување на социјалната помош за 5 осто од март 2014та година,

3. Зголемување на платите во целиот јавен сектор за 5 отсто почнувајќи од октомври 2014-та

4.Зголемување на додатокот за самохрани родители кои имаат деца со пречки во развојот за 50 отсто, почнувајќи од 1ви јануари 2014-та

5. Се воведува додатокот за мобилност за квадриплегичарите (целосно неподвижни лица на кои сите екстремитети не им се подвижни), во износ од 7 илјади денари месечно. Ваков додаток се воведе лани за инвалиди во количка и слепи лица со над 98 отсто слепило. Сега се воведува и за квадриплегичарите овој додаток.

6.Се воведува и додаток за целосно глувонеми лица во износ од 4 илјади денари месечно, со почеток од први јануари 2014та година.

 

Дами и Господа,

Пред една година говорев за она што сме го направиле и што го планираме во делот на инвестиции во патната инфраструктура. Ве потсетив дека ја изградивме автопатската делница меѓу Куманово и Табановце во должина од 7,6 км и вредност од 15,5 милиони евра, и 26 км обиколница околу Скопје во вредност од 125 милиони евра од кои преку 80% односно околу 100 милиони евра се реализирани по изборите во 2006 година.  Тогаш Ви ја најавив и градбата на последната делница од автопатот Александар Македонски од Демир Капија  до Смоквица во должина од 28,2 километри во вредност од 220 милиони евра. Ве известив и за направениот за жал неуспешен обид за изнаоѓање концесионер за изградба на автопатот на Коридорот 8. Известив и за причините за ова а тоа беше дека ниту една банка не и одобри кредит на ниту една од заинтересираните компании за концесија. Во подоцнежните разговори со повеќе од банките ни беше укажано дека не одобруваат кредит бидејќи сметаат дека проектот заради малиот проток на возила е неисплатлив. Изразив надеж дека можеби ќе изнајдеме алтернативни извори на финансирање, но не се осмелив да дадам цврсто ветување дека ќе успееме.

Исто така Ве информирав дека дека заклучно со 2012 година, изградени и рехабилитирани се вкупно 190 локални патишта во вкупна должина од 412 километри, во вредност безмалку од 30 милиони евра и дека отпочната е изградба и рехабилитација на 105 локални патишта во вкупна вредност од 20 милиони евра и должина од 216 километри, како и тоа дека изградени и рехабилитирани се 15 регионални патишта во должина од 318 километри и вредност од околу 50 милиони евра а дека во тек е и работа на исти такви во должина од 72 километри и вредност од околу 11 милиони евра.

 Една година подоцна, сакам да Ви соопштам неколку работи:

     Работата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица се одвива со полн капацитет и динамика. Заклучно со декември 2013 во овој патен правец се инвестираат околу 40 милиони евра, а целосната градба и инвестиција од 220 милиони евра планирано е да заврши до 2016та година.

     Откако дефинитивно ни беше потврдено дека банките кои во Европа вообичаено финансираат ваков вид на проекти не се заинтересирани да  ги финансираат автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид, по долги и темелни консултации, се одлучивме на барање заем од Народна Република Кина, од поволните програми на Ексим банката на НР Кина. Една од овие програми е и програмата за поддршка на проекти  во источна Европа, која беше промовирана минатата година во Варшава на самитот на земјите од источна Европа и Кина, на кој и Македонија учествуваше. По остварени многу контакти со кинеските власти и институции, меѓу кои и три мои средби со кинескиот премиер и една со претседателот на Кина, како и повеќе посети на потпретседателите на владата Ставрески, Пешевски и министерот за Транспорт Миле Јанакиески, конечно пред неколку дена добивме информација дека Ексим Банката на Кина а потоа и министерството за трговија одобри заем за изградба на автопатот од Скопје преку Свети Николе до Штип (50 км), со преференцијална камата од 2 отсто, и дека во завршна фаза на одобрување во министерството за трговија е заемот за автопатот од Кичево до Охрид и Струга ( 57 км), под истите поволни услови.

Заемот го повлекува Агенцијата за патишта, со рок на отплата од 20 години од кој пет години грејс период, а се очекува патиштата да почнат да се градат 3 до 4 месеци по одобрувањето од парламентот.

Износот на инвестицијата на овие два автопата ќе биде околу 574 милиони евра без ДДВ.

Од посебно значење е што рокот на изградба е максимално брз: изградбата треба да заврши во рок од три години од почетокот на нивната градба.

Патот од Куманово до Крива Паланка (проценка над 400 милиони евра) е најмалку фреквентен со возила од сите овие патишта и засега планираме негова реконструкција и на одредени делови проширување за кое ќе се изготви проект следната година. Покрај ова привршува и грдбата на нов регионалниот патен правец Пробиштип – Свети Николе во должина од  8  километри, во износ од 1 милион евра, кој заедно со веќе асфалтиран пат од 7 км кој сега само ќе го прошириме на неколку места, па така ќе дојде до директно поврзување меѓу Пробиштип и Свети Николе што е нешто што на последните избори им го ветивме на жителите во овој регион. Го изградивме регионалниот патот од Радовиш до Струмица и мината зима го пуштивме во употреба. Откако го завршивме реконструирањето на патот Скопје- Велес, ги почнавме процедурите за реконструкција на автопатот Велес- Скопје, кој треба да се реконструира во 2014 и почетокот на 2015 и ќе чини околу 8 милиони евра. Истовремено ќе тече и проектот за реконструкција на мостови со грант од НАТО, во износ од 8 милиони евра. До крајот на 2013та се планира да започне да се работи на патниот правец Велес- Кадрифаково во кој ќе се инвестираат околу 13 мил евра заклучно со 2015 кога е предвидено завршување на реконструкцијата. 

Во регионалната патна мрежа до крајот на 2013та ќе се инвестираат околу 13 милиони евра за 6 регионални патишта (да се набројат)  во должина од околу 100 километри, а во 2014та ќе се доврши уште еден регионален пат, во должина од околу 15 километри и во износ од 2,5 милиони евра, плус изградбата на патот Сончев град која веќе започна и која е во износ од 7 милиони евра. Се заврши и патот кон манастирот Трескавец, во износ од 1,4 милиони евра, во должина од 7 километри, а на ред е патот кон Зрзе. Во 2012та се работеше на изградба и рехабилитација на 74 локални патишта во должина од 168 километри за што се инвестираат 13 милиони евра. До крајот на годинава ќе се доизградат уште 59 локални патишта  во должина од 90 км и вредност околу 9 милиони евра. Во 2014та ќе се инвестираат 19 милиони евра во околу 100 локални патишта во должина од 180 километри.

По изградбата на аеродромот Александар Велики, и дадените субвенции за отворање на нови авио лини годинава се отворија 7 нови авио линии, уште две линии ќе почнат со отворањето на зимската сезона, а дополнителни 3 се најавени за април следната година.

Гасификација

Пред нецели три месеци се потпиша договорот со Русија за вклучување на Република Македонија во меѓународниот гасоводен проект Јужен Тек. Во почетокот кога проектот беше промовиран, Македонија воопшто не беше планирана да биде дел од овој проект. Но со вонредни напори на Владата и сите наши институции и одговорни лица, успеавме да издејствуваме поврзување на овој гасовод кој за Македонија ќе значи нови количини на гас, и долгорочна енергетска стабилност на земјата. Неодамнешната посета на претседателот на „Гаспром“ на Македонија, ја потврди намерата на најголемиот гигант за производство на гас во Европа, дека не само договорот, туку веднаш ќе се пристапи кон следните чекори и дека за 4-5 месеци треба да се изработи проектот.

Комплементарен на овој проект е проектот за изградба на гасна инфраструктура во Македонија, која ќе го зголеми користењето гас во Македонија, што пак од друга страна не само што и дава логика на новата инвестиција со проектот Јужен тек, туку и ќе влијае во намалување на цената на гасот, бидејќи, во формирањето на цената на гасот значајно влијание има набавената количина. Оваа инфраструктура ќе се гради со два извори на средства, прво од средствата со кои се пребива стариот клириншки долг на СССР во износ од околу 60 милиони евра, и остатокот околу 240 милиони евра од средства која Македонија планира и има позитивен сигнал да ги обезбеди од ЕБРД. Со оглед дека Русија ја определи фирмата Стројтрансгас за изведувач на работите во износ на клириншкиот долг, во завршна фаза се преговорите со оваа фирма, по што ќе следи почеток на изведба на првата траса која треба да го поврзи Клечовце (Кумановско) со Свети Николе и Штип. Потоа гасоводот ќе продолжи кон Неготино и Кавадарци, а како следна фаза да се спроведи и гасоводот од Скопје преку Тетово до Гостивар. Се разбира тука нема да се запре, но тоа се почетните планови. Во меѓувреме се подготвува студијата за секундарната гасификација во Македонија, за која се надеваме да биде готова некаде до следната пролет, по што за секој град или регион ќе се објави повик за пројавување   на интерес за изградба на секундарен гасоводен систем. Онаму каде ќе се донесе цевководот од примарната мрежа напојувањето со гас ќе биде преку гасоводот, а во другите градови се до донесувањето на гасен цевковод, дотурот на гас ќе може да се носи со камиони во специјални контејнери, за што постојат специјализирани компании во светот кои вршат таков вид транспорт.

Од останатите енергетски проекти, би истакнал дека есента 2012 заврши еден од најголемите енергетски проекти во Македонија – модернизацијата на агрегатите на РЕК Битола во вредност од 55,9 милиони евра.  Со негова реализација, моќноста на термоблоковите е зголемена за 25MW. Во текот на 2012 се стави во функција ХЕЦ „Света Петка“ со моќност од 36,4 MW. Започна и ревитализацијата на 6 хидроелектрани во вредност од 32,8 милиони евра, со што ќе се обезбеди дополнително годишно производство од околу 50GwH електрична енергија. Во завршна фаза е изградбата на првиот ветерен парк во Богданци со вредност од 55 милиони евра. Во октомври оваа година  се планира да почне градбата на 400 KV далекувод помеѓу Република Македонија и Република Србија, од Штип до границата со Србија, со вредност од 9,7 милиони евра. Завршени се и студиите за изградба на 400 киловолтен далеково од Битола до Албанската граница. Истиот ќе се заврши до 2017 година, а вредноста е 43,5 милиони евра.

До крајот на оваа година, ќе почнат подготвителните градежни работи на ХЕ Бошков Мост, проект вреден 107 милиони евра. Во текот на 2014, по завршувањето на студиите за влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, ќе започне изградбата на акумулацијата Луково Поле, со која ќе се обезбедат дополнителни 156 GwH. Средствата за овие два проекти се обезбедени од ЕБРД и Светска Банка.  ЕЛЕМ инвестира и во истражувањата на јагленовите наоѓалишта во Мариово и Живојно, каде што по изработката на студиите и проектите, се очекуваат инвестиции во нови рудници и евентуално термоелектрана. 

Кога сме веќе кај минералните богатства, освен што сакам да потсетам на работите околу рудникот Иловица кој ќе стартува со работа во 2017 и ќе ангажира најмалку 700 вработени, сакам да Ве информирам, дека владата размислува на отворен јавен меѓународен повик да привлече компанија која ќе инвестира во целосно и темелно истражување за руди и минерали на територијата на цела држава. Со оглед дека овој проект е мошне скап, би се обиделе, со претходна законска измена, да овозможи наместо со плаќање за услугата за која државата ќе ги добие сите детални резултати од тие истражувања и со тоа многу полесно ќе привлече инвеститори, на компанијата која ќе биде избрана на тендер, да и се овозможи предимство на експлоатација на едно или неколку наоѓалишта, за што секако ќе плаќа концесиски надомест, согласно утврдениот тарифник. Повеќе компании досега во неформални разговори пројавија ваков интерес, со индикација дека се заинтересирани за една од двете опции: плаќање од државата или предност при доделување на одреден број концесии. Ова е активност на која ќе работиме во текот на 2014та година, доколку претходно парламентот ги усвои овие прилагодувања на законите.

Околу железницата долж Коридорот 8, подготвителната постапка е при крај, и се очекува за околу два месеци од сега да се склучи договор за градба, која би требало да почне во почетокот на 2014-та. На овој проект имавме задоцнување, заради доцнење на компанијата која го врши проектирањето, а која е платена како донација од Вестерн Балкан Инвестмент Фонд. Градбата, согласно барањето на ЕБРД ќе оди постепено во фази, и треба да се заврши за околу 6 до 7 години, и е инвестиција вредна над 500 милиони евра.

Во тек е изведба на реконструкција на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија, во вредност од 18 милиони евра, и досега работата е завршена 50 отсто, а преостанатиот дел ќе се заврши следната година. Ова ќе помогне да се зголеми просечната брзина на оваа траса од 40 до 50 км на час, на 100 км на час. Ја започнавме и процедурата за набавка на патнички гарнитури и товарни вагони во вредност од 50 милиони евра, кој ќе се заврши до 2015та година, и со што во делот на патничкиот железнички сообраќај ќе се заменат 60 отсто од сегашните вагони. Во тек е и процедурата за изведувач за реконструкција на железничката станица во Скопје, проект кој ќе чини 2,6 милиони евра и ќе заврши  во 2015та.

Тендерската документација за железничката пруга Битола-грчка граница кој треба да се финансира преку ИПА фондовите, веќе е доставена до Европската Комисија. Очекуваме до крајот на оваа година да се распише проект за избор на градежна компанија, и градбата да почне следната година. Пругата е со должина од 16 километри, а вредноста е околу 21 милион евра. Исто така, до ЕК доставена е и чека на одобрување тендерската документација за тендер за проектирање на железничка линија Кичево – Струга- Албанска граница.

Паралелно се инвестира и во изградба на водоводни системи во вредност од 50 милиони евра со поддршка на ЕИБ. 32 поединечни проекти се во тек, во вредност од 10 милиони евра, во региони кои таргетираат речиси 200 илјади луѓе. Ангажирани се голем број македонски компании на овој проект, кој ќе продолжи и во 2014та. Преку проект на КФВ дополнителни 8 милиони евра се инвестираат за подобрување на техничката инфраструктура на водоводните мрежи во 8 општини. Во рамките на проектот на Светска Банка за поддршка на општините, во текот на 2014 година ќе бидат обезбедени и дополнителни 18 милиони евра за капитални инвестиции на општините, од кои меѓу другото можат да се финансираат канализации, водоводи, улици и други проекти од руралниот развој и развојот на општините.

 

Поважни работи

Годинава, откако претходно овозможивме легализација на дивите градби, дозволивме и легализација на земјиштето каде се дивите градби, а со последниот превземен чекор и легализација на земјиштето каде има диви градби а каде нема детален урбанистички план. Оваа голема операција која ја започнавме пред околу две и пол години, наиде на голем одѕив и кај граѓаните, и кај земјоделците и кај компаниите. Заокружувањето на сопственоста, на сите ќе им помогне во развој на нивните семејни или бизнис планови. Би истакнал дека досега се легализирани и запишани во имотен лист 511 индустриски објекти.

Подземниот катастар е нов проект на Катастарот и Владата кој веќе започна, и треба да се заврши во период од 5 години, но многу е важно, до март следната години, сите Вие кои имате различни инфраструктурни објекти, пред се подземни кабли, цевки, и други инсталации да ги пријавите во Катастарот, за да може истиот успешно да ја заврши оваа крупна реформа. Би било добро тоа да се направи доброволно и на време, за да не мора да се применуваат казнените одредби.

Во 2014та ќе започнат и градбата на новиот објект на комплекс клиники Мајка Тереза, во износ од  70 милиони евра, клиничката болница во Штип, 44 милиони евра со вклучен ДДВ, чија градба ќе се одвива речиси паралелно со претходниот, како и болницата во Кичево, понатаму изградбата на ПЕТ центарот во кругот на Градската општа болница 8ми септември, 4,2 милиони евра, Ќе продолжи и проектот за реконструкција на ЈЗУ во рамките на овој проект кој финално е предвидено да чини околу 100 милиони евра, веќе се инвестирани околу 30 милиони евра, и реконструирани се ЈЗУ во повеќе градови, меѓу кои е и градбата на специјалната болница за детски заболувања во Козле. Сето ова е градежна активност која ќе се почувствува и од тој аспект.

Во овој дел, а во рамките на поддршка на демографскиот развој и поддршка на граѓаните, од јануари, државата почнува со покривање на трошоците за ин витро за второ дете, што само во првата година ќе чини околу 2 милиони евра.

Иако не директно, и реформите во администрацијата индиректно влијаат на бизнисот. Од тој аспект, дозволете да ве информирам дека во финална фаза на подготовка е нов закон за администрација со кој се предвидува значително да се издигнат стандардите со цел прием на оние со највисок капацитет и знаење во администрацијата. Се става акцент на постојано и континуирано учење и обука на сите вработени и се следи успешноста односно учинокот на секој вработен во администрација. Законот ќе креира многу повеќе сервисно ориентирана администрација. Годинава промовиравме и нови методологии на регрутирање на најспособниот кадар во земјата на најодговорните државни позиции преку јавен повик за изразување интерес и повеќе интервјуа и проверки за кандидатите. Иако самиот метод изискува посветување на многу време, сепак првите искуства се дека е одличен промотор на најуспешните на вистинските позиции, и решени сме овие чекори во кадровата политика да ги продолжиме и дополнително да ги усовршуваме. Веројатно сето ова во овој момент Ви личи како нешто убаво за кажување ама неостварливо во Македонија, но сакам да Ве убедам дека ако не работиме баш на конкретно таков закон, немаше да го говорам ова сега. Можев и да го прескокнам. Сепак, да го почекаме законот да излезе од владина процедура, па ќе го коментираме во детали.

Но, нешто исто така револуционерно ново, што веќе е во собраниска процедура е Законот за инспекциски надзор и Измените на законот за јавни набавки.

Со законот за инспекциски надзор се прави радикална трансформација на инспекциските органи во правец на нивна поголема ефикасност и правичност. Инспекцискиот совет станува надзорно тело на инспекциите со специјални овластувања во вршење на контрола на законското работење на инспекциите. Секој инспектор на секои пет години ќе треба да полага испит за контрола на неговото знаење и вештини, и негово следење на најновите законски прописи, и се воведува систем на лиценцирање на инспекторите. Губењето на лиценцата за секој инспектор кој работи незаконски ќе значи и губење на неговото работно место и други законски консеквенции. Инспекцискиот совет во случаи на претставки од граѓани и фирми, односно жалби и поплаки ќе може да извршува контроли на контролите. Се воведува сериозно следење на работата на инспекторот, но и многу други новини. Се на се, сите оние кои работат чесно можат да бидат среќни со овој закон, и обратно, за оние кои работеле недозволени работи со некои инспектори, немам добри вести.

Со новите измени на законот за јавни набавки, покрај другото се воведува обврска за секој набавувач при креирањето на тендерската документација претходно да изврши анализа и да обезбеди дека најмалку 5 производители ги исполнуваат условите за конкурирање на тој тендер. Доколку има објективни причини за тоа да е невозможно, ќе треба претходно ова да го образложи до второстепената комисија за јавни набавки, и да бара нејзина согласност, која пак ќе одлучи по претходна стручна експертиза на вештаци експерти. Со законот значително ќе се зајакне транспарентноста во овој дел, и ќе се зголеми конкуренцијата, ќе се дадат повеќе шанси на повеќе компании да конкурираат, а буџетот ќе направи многу заштеди кои ќе се употребат во понатамошен економски развој.

Реформите во судството и особено нивното спроведување  и понатаму остануваат во фокусот на нашето внимание. Од пред два и пол месеци, веќе не може некој да се назначи ниту за судија ниту за обвинител доколку нема завршено академија за судии и обвинители, а уписот на таа академија е креиран на таков начин да можат да се запишат само најспособните кои исполнуваат највисоки стандарди.

Практично, јас мојата мисија како Премиер меѓу другото ја гледам и како подигнување на стандардите во секоја сфера.

Борбата против криминалот и корупцијата остануваат во врвот на нашите приоритети, како сегмент исклучително важен за економијата и бизнисот. Бројните законски измени и нивното спроведување, но и неселективната борба против криминалот и корупцијата, изразена и конкретно преку конкретни акции на истражните органи, беа и ќе продолжат да бидат во врвот на нашите приоритети.

 

Туристички развојни зони

Од минатата есен на сила е новиот закон за туристички развојни зони, и во тој правец работиме на два паралелни колосека, и тоа, имотно правна подготовка на првите туристичко развојни зони кои ќе се понудат на потенцијални инвеститори, и второ анимирање на инвеститори.

Се чини дека првите зони кои ќе бидат подготвени за јавна понуда ќе бидат во Охрид и Дојран, а по нив во текот на следната година очекуваме да се подготват и неколку други во позначајните туристички места.

Инаку, кога сме кај туризмот сакам со задоволство да констатирам, дека промоцијата која ја правиме низ меѓународните медиуми, субвенциите кои ги даваме на тур операторите кои носат туристи, субвенциите за нови авио линии, почетната цена  од 1евро квадрат за локации за градби на хотели, и намалените комуналии за градба на хотели за 95 отсто, и стотиците други активности кои ги правиме, а кои се дел од Комитетот за развој на туризмот кој се оформи пред две години и кој лично го раководам со експертска помош на сите институции, министри и странски и домашни советници, сето тоа доведе до континуиран раст на туризмот во Македонија гледано по сите параметри. Дополнително, давањето можност за секој кој ќе купи стан или куќа во Македонија поскапа од 40 илјади евра веднаш да добие постојан престој во Македонија, едностраното укинување на визите за огромен број земји кое го направивме во последните 4-5 години, па ако сакате и домашната медиумска кампања за подобар однос кон туристите, полека но сигурно вродуваат со плод.

Во тој правец, проектот Скопје 2014та даде посебен импулс на туризмот во главниот град, кој веќе стана најпосетувана туристичка дестинација во земјата. Покрај другите ефекти, како што се ефектот врз градежниот сектор, ефектот врз елиминирањето на плаќање кирии на државните институции, одолжувањето кон некои историски личности за нивната жртва, овој проект го направи Скопје атрактивен за туристите и странски и домашни. Инаку овој проект, освен во делот на нови фасади е во неговиот завршеток, најголем дел од објектите се изградени, помал дел се во градба, но има неколку работи кои се составен дел од овој проект но нив нема обврска да ги гради и да инвестира во нив државата, туку приватни субјекти.

Во насока на подобрување на квалитетот на образованието, би го истакнал новиот пет годишен проект на Владата со Универзитетот Кембриџ за промена на учебниците и наставните програми и нивно подигање на ниво на британските. Овој проект можеби нема краткорочно да даде брзи резултати, но долгорочно сигурно ќе има позитивно влијание на квалитетот на образованието и конкурентноста на македонските фирми.

Воведеното екстерно тестирање од оваа година, е само почеток на подигнување на стандардите за учење и знаење, кое на долг рок ќе резултира со вистинско општество кое е базирано на знаење.

Но, нешто што и на краток и на долг рок можете вистински да го искористите во целите на вашиот бизнис е набавката на веќе набавени 80 лаборатории во сите сектори, проект вреден приближно 40 милиони евра, и кои освен во научни и образовни цели, најмногу може да се користат во бизнис цели, за сосема мала надомест кон универзитетите каде ги сместивме овие лаборатории, за кои досега праќавте примероци во странство плаќајќи многу повеќе, и губејќи многу време. Покрај на универзитетите сега подготвуваме набавка за лаборатории за средните стручни училишта кои ќе произведуваат многу кадри кои сега недостасуваат на пазарот.

Од овој сегмент сакам да најавам и дека следната година ќе ги започнеме процедурите, а од 2015та ќе започнеме во 4 годишни фази, замена на постоечките компјутери во училиштата, со нови, најверојатно таблети со тастатура, ако дотогаш не дојде нешто ново или подобра идеја.

Општествена одговорност

 

Дами и господа,

Дозволете ми во ова пригода да отворам уште едно значајно прашање за нашето општество и држава. Светската и европската криза донесоа многу проблеми како на вас компаниите така и на државата. Од тој аспект беше нормално секоја фирма и институција меѓу другото да се обидува да ги намалува своите трошоци, и сите Вие тоа го правевте. Сепак, се чини предолг период и во преголем обем македонските компании го заборавија поимот општествена одговорност. Да потсетам дека сите компании во светот работејќи за својот профит, не забораваат дел од својата заработувачка да ја насочат кон општествени цели, и тоа е доброволен чин, и гест на таа компанија кон општеството во кое живее и работи. На овој начин како и секаде низ светот така и во Македонија, фирмите доброволно помагаа во хуманитарни цели, образовни цели, социјални цели, во цели на поддршка на спортот, уметноста и слично. Во минатото тоа беше силна одлика и на повеќето македонски успешни компании. Кризата ја смени таа реалност, но се чини дека отидовме во една крајност, која никогаш не била присутна во Македонија. Во контактите со спортските федерации, спортските клубови, македонските уметници, пејачи, композитори, автори на различни видови уметнички дела, и слични категории на лица и институции, укажуваат дека како никогаш во минатото успешните фирми покажуваат голема незаинтересираност за активности кои влегуваат во т.н. општествена одговорност, или толку драстично ги имаат скратено средствата за тоа што е на граница на етичките норми на успешниот бизнис. 

Да се приграби се за себе, да не се помогне никому и на ништо околу себе, никаде низ светот не е карактеристика на успешните луѓе и фирми. Во Америка оваа активност е доведена до таква совршеност што поимотните луѓе кои немаат доволно ваква активност се предмет на презир од околината. Едноставно до толку дел од културата е да не се заборави општествената одговорност што еден успешен бизнисмен не може да се почитува ако тој не одвојува дел од своите заработки помагање или некому за здравствени потреби, или некому за стипендии и образовни потреби или на успешни спортисти, уметници, еколошки проекти итн. Некој веројатно ќе каже тоа е обврска на државата.  Видете, секаде е обврска на државата, и во Америка, и во Германија, и во Словенија, Турција или Унгарија, но секаде во цивилизираниот свет успешните се натпреваруваат по тоа колку вложиле во општествената одговорност. Конечно, трката по профит е нешто што секоја држава го помага и се гордее со најуспешните, но немојте да заборавате на светот околу себе, на хуманоста и на поддршката на талентираните. И во светот и кај нас имаме илјадници кои со таква поддршка успеале и постигнале врвни резултати во животот, и за себе, и за фирмата која им помогнала и за државата и воопшто општеството. Ние сакаме капитализам, но не суров капитализам, туку капитализам со човечки лик. И на оние кои пак ќе речат дека се е тоа обврска на државата, јас ќе им одговорам:

1.Нема држава во Европа, а можеби и во светот, освен Македонија, која донела и спроведува закон, да секој болен кому му е потребно лечење во странство, и тоа го утврдува стручна државна комисија, речиси комплетните трошоци му ги покрива државата, односно, колку и да чини интервенцијата или лечењето, болниот нема да плати повеќе од 200 евра за тоа.

2.Нема држава во Европа и светот, освен можеби Јапонија, во која како во Македонија е донесен и се спроведува закон со кој секој граѓанин кој ќе се запише односно ќе биде прифатен на некој од првите сто рангирани универзитети на светот, односно првите 200 рангирани во делот на техничките науки, согласно најпознатата рејтинг листа во светот која ја утврдува Шангајскиот универзитет, добива од државата средства за покривање на сите трошоци за студирање, школарина, осигурување, сместување и транспорт за додипломски и постдипломски студии, докторски студии и специјализации на лекарите.

3.Нема држава во светот освен Македонија која неодамна заради заживување на домашната музичка продукција донесе закон со  кој годишно ќе финансира создавање музички дела од забавна и народна музика, при што се плаќаат трошоците за комплетно правење на песната и за телевизиски спот, при што во тек е и носење закон тие песни и спотови да се емитуваат на секој национален медиум најмалку 4 часа неделно. Притоа да напоменам дека другите жанрови музика се поддржуваат по други програми на Министерството за култура.

Македонија е една од ретките земји која гледано по глава на жител во последните 6 години толку многу инвестирала во нови фудбалски игралишта, спортски сали, тениски терени, мултифункционални игралишта, и други инвестиции во спортот, а не ги заборавивме и националните признанија за врвните спортисти и национални уметници кои им обезбедуваат доживотни приходи. Притоа воведовме и стипендии за 500 млади спортисти годишно од сите спортови.

Како ретко каде, донесовме и закон со кој на сите деца излезени од дом за деца без родители државата им овозможува да се вработат во јавниот сектор, откако претходно за голем дел од нив обезбедивме станови и за десет пати им ја зголемивме паричната отпремнина кога го напуштаат домот, а им овозможивме и парична помош ако сакаат да студираат пред да се вработат.

Токму деновиве за прв пат како држава ќе објавиме 1600 имиња на лица кои се вработуваат во јавниот сектор по критериуми кои се социјални, меѓу кои лица од семејства кои немаат ниту еден вработен, лица од семејства кои немаат приходи, долгорочно невработени лица над 10 години, и невработени од многудетни семејства и еднородителски семејства и самохрани родители. Сите тие ќе добијат дополнителни обуки и вештини со цел да целосно бидат во функција на работата која ќе ја работат. Никогаш порано немало ваква програма за вработување во Македонија.

Имаме уште многу вакви примери, кои докажуваат дека оваа влада СЕ ГРИЖИ за оние категории ранливи лица и навистина долга е листата на НОВИ мерки од последните 5-6 години како давањето средства за мал бизнис со цел самовработување на илјадници луѓе, зголемувањата на социјалната помош, поддршката со многу нови програми, проекти и чекори на лицата со посебни потреби и нивните семејства и многу други активности.

Епа почитувани бизнисмени, сметам дека е време и Вие да размислите околу две нешта:

1.прво, колку и кому вие помогнавте со дел од вашиот профит, и

2. Животот е минлив, само добрите дела потоа остануваат по кои некој ќе ве помни и слави.

И да размислите малку за една стара мудрост која мојот покоен вујко Јордан Мијалков  честопати ја користеше велејќи: богат си толку колку што можеш да дадеш, мислејќи да помогнеш некому финансиски кога му е многу потребно и кога му е тешко.

И конечно, Вие знаете добро, дека таа помош и општествена одговорност, покрај вистинската цел да помогнете некому, може да биде и одличен пи ар и реклама за Вашата компанија.

Размислете подлабоко околу ова.

 

Екологија

 А сега уште една тема која е различна од претходната, но има и допирни точки. Деновиве ги поканив во Владата претставниците на големите компании чие производство е од таков вид, кое ако не е со доволна опрема за еколошка заштита, ја загадува околината и го загрозува здравјето на луѓето.  Постои една група на компании, крупни компании, големи производители и извозници, големи вработувачи и главно високо профитабилни компании, кои со години па и децении од разни причини бараа  пролонгирање на нивните инвестиции во правец на достигнување на еколошките стандарди. Не велам дека нивните досегашни оправдувања со кои бараа одлагање беа нереални. Да, се соочуваа и тие со многу проблеми низ ова турбулентно време на кризи низ светот и Европа, каде што главно тие и ги пласираат своите производи. И долго време имавме разбирање за тоа. Сепак, приказната има и друга страна. А тоа е здравјето на луѓето. Сите тие емитувања на одпадни гасови и материи имаат влијание на влошување на здравјето на луѓето, и појава на одредени заболувања. Со целото разбирање за проблемите низ кои минуваа овие фирми, ги информирав дека владата донесе конечна одлука да не го поместува повторно рокот за еколошките инвестиции. Тоа подразбира и спроведување на законски санкции, вклучувајќи и привремено запирање со производство на оние загадувачи кои ќе ја игнорираат оваа законска обврска која треба да се исполни до април следната година. Ги замолив оваа наша одлука да ја сфатат многу сериозно, а еве сега тоа и јавно го кажувам.

Јас знам дека многумина од нив се уште веруваат дека оваа Влада на која многу и значи економијата, вработувањата, извозот, БДП, итн. сепак нема да прибегне кон тие мерки. И факт е дека тоа многу ни значи. Но, има една работа која ни значи повеќе од тоа. А тоа е нашата совест. Совест кога станува збор за прашањето дали ние сме превземале се што е во наша моќ за да го заштитиме здравјето на луѓето од заболувања кои произлегуваат од неодговорното работење на загадувачите. Конечно тие самите при добивање на еколошка дозвола за работа декларирале во што и колку треба да инвестираат за да биде заштитена околината, и во кој рок тоа ќе го направат. Тие елаборати и оперативни програми со рокови самите ги имаат испратено до Министерството за екологија кога ја барале дозволата за работа, сега треба и да ги реализираат. Знам, скапо е, но да бидеме отворени: газдите на овие фирми воопшто не се сиромашни луѓе. Ние се гордееме со нашите најуспешни луѓе во бизнисот, но не можеме да се гордееме ако тоа го прават по штета на животната средина и здравјето на луѓето. И второ, да не заборават дека живеат и работат во земја со најниски трошоци за правење бизнис, вклучувајќи ги и најниските даноци.

Ние сме десно ориентирана влада, и веруваме во принципот дека даноците треба да се еднакви за сите како процент од нивниот профит или заработка, дека даноците треба да се колку што е можно пониски, со цел и со филозофија дека колку помалку пари им одземе државата на приватните фирми, толку повеќе тие ќе задржат како профит и тие подобро ќе знаат да ги употребат тие пари отколку државата, пред се во нови инвестиции кои отвораат нови работни места, но и се друго каде е потребно да се вложува и инвестира. И така дојдовме до тоа да сме земја со најниски трошоци за бизнис во Европа. Кога е веќе така, не е добро, и во една таква ситуација да се прават обиди за дезавуирање на основните законски обврски, независно дали станува збор за плаќање на даноците или за основна еколошка опрема.

Во овој правец, најавувам дека владата формираше Комитет за здравје и животна средина, кој јас лично ќе го предводам барем во првите една до две години, преку чија работа внимателно ќе ја следиме општата состојба во овие сектори и причинителите на негативните појави и нивно санкционирање.  

Затоа, и ја користам денешната можност јавно да соопштам некои работи. Конечно, и сите ние, и сите вие, живееме во оваа средина, која ако во трката за поголем профит се загади, таа ќе удри и на вашето и на здравјето на сите нас. Ве прашувам, колку ќе вредат Вашите пари, ако утре Вам или на вашите најблиски ви дијагностицираат смртоносна неизлечива болест, а вие во себе знаете дека Вашата фабрика е сериозен загадувач и предизвикувач на тоа заболување.

Почитувани бизнисмени, здравјето нема цена.

 

Порака до компаниите: излегување на трети пазари

Минатата година го отворив ова прашање, а сега уште еднаш би Ви порачал. Пазарите во ЕУ поминуваат низ кризен период. Нив треба да направиме максимални напори да ги задржиме. Но потребна е мобилизација за освојување на т.н. трети пазари, и тука пред се мислам на пазарите во Азија вклучувајќи ја и Русија со бившите руски републики, и Африка. Не треба да има никакво колебање околу ова, бидејќи за овие пазари се борат фирмите од сите земји на ЕУ, САД и пошироко. Зошто да можат тие, а да не можете Вие. Потребно е похрабро и поагресивно настапување.

За оваа цел веќе следната година отвораме нови амбасади, и тоа во Казахстан, Јапонија, ОАЕ и Бразил, а веќе се испратени инвестициски и извозни промотори во Азербејџан, во Катар, наскоро и во Дубаи, имаме во моментов во Малезија и Индија, Кина, Русија, Јапонија, дури четворица во САД, во Бразил, наскоро и во Мексико, а оние во Европа не ги споменувам, бидејќи ги има многу во многу држави, а некаде и по повеќе од еден, како во Германија каде има тројца, и во Британија каде наскоро ќе има втор. Информациите од нив се дека многу слабо се искористени од македонските компании за промоција на извозот. Нив ги плаќаме за да привлечат инвеститори, но и за да го промовираат Вашиот извоз. Но, без Ваша желба и иницијатива тоа не е можно. Велат, на човек можеш да му земеш со сила, но не можеш да му дадеш со сила.

Практично може да се каже дека над 70 отсто од капацитетите на дипломатите ги усмеруваме во економската дипломатија, но недостасува иницијативата од базата, од домашниот бизнис.

Освен разгранетата мрежа на промотори кои наскоро ќе достигнат 30, и пренасочената дипломатија кон економски цели, неодамна, по одличните искуства со двата министри без ресор задолжени за привлекување инвестиции, Веле Самак и Бил Павлески, ангажирав уште еден министер со иста цел, господинот Џери Наумоф, кој дојде од Чикаго да и помогне на Македонија. Покрај ова, ја користам оваа можност да Ве информирам дека Владата планира склучување аранжман, договор со угледниот „Фајненшл тајмс“, и уште еден со магазинот Форбс, во правец на организирање на околу 14 инвестициски форуми од нивна страна, на кои тие се обврзуваат да привлечат одреден број на компании потенцијални инвеститори, на кои високи владини претставници но  и претставници на странски компании кои веќе имаат инвестирано во Македонија, ќе им презентираат можности за инвестирање во Македонија. Во меѓувреме додека да почне тој аражман ние до крајот на годината ќе ги реализираме претходно зацртаните инвестициски форуми во наш аранжман, потребен со ангажманот на нашите амбасадори и промотори. Продолжуваме и со медиумската презентација на Македонија во правец на најпознатите меѓународни медиуми, како за привлекување на инвеститори, така и за привлекување туристи. Последно во овој дел е што постигнавме согласност со CNN интернешнел, со нашата потврда дека и во наредните три години Македонија ќе се рекламира на овој респектабилен медиум со ист износ на средства ко и досега, за возврат, самата продукција на CNN бесплатно да снима повеќе спотови за Македонија и како туристичка дестинација, и како инвестициска дестинација, кои спотови освен на CNN можеме да ги емитуваме каде сакаме во рекламни цели за Македонија. Следната година, освен на стандардните медиуми на кои се промовира Македонија, ќе се појавиме, иако со поскромен буџет и во најтиражните кинески печатени медиуми.

Од денес, на веб страната на Агенцијата за странски инвестиции објавен е регистарот на слободни хали, со сите податоци за нив, кој ќе биде мошне корисен за сите тнр. Браунфилд инвеститори, како странски, така и домашни. Ви препорачувам да го разгледате.

 

Почитувани присутни, ќе беше веројатно неопходно денес да говорам околу нови странски инвеститори кои најавија влез во Македонија, доколку тоа не го направев во едно специјално интервју посветено на економијата неодамна во еден од дневните весници. Податоците кои веќе јавно ги соопштив се охрабрувачки во правец на нови странски инвестиции и отворање на нови работни места. Но апелирам до вас, домашните компании да го искористите влезот на глобалните странски компании за подобра интеграција во нивниот производен процес, преземање на знаење, искуства и соработка во делот на можно снабдување со домашни репроматеријали, полупроизводи и слично. Влезот на Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Дрекселмаер и останатите големи светски фирми е шанса и за поголем бизнис за домашното стопанство. Искористете ја! Исто како што влезот на Филип Морис во Македонија ќе има освен конкретна и сериозна промотивна компонента за земјата.

Се сеќавам пред година и половина кога имавме заедничка вечера со Карлос Слим најбогатиот човек на светот, кој дотогаш немаше ниту една инвестиција во Европа, пред завршетокот на вечерата ми рече дека размислува дали да влезе со инвестиции во Европа, и дали е сега моментот за тоа, и додаде дека меѓу другото сондира мислења на повеќе луѓе па во тој контекст сакаше да го чуе и моето мислење. Мојот одговор беше позитивен, поткрепен со повеќе аргументи, а тој, бидејќи се уште немаше донесено одлука се заблагодари и рече, следете сега па да видите како ќе постапам. Неколку месеци подоцна тој влезе на европскиот пазар, и преку инвестицијата во Австрискиот Мобилком индиректно стана сопственик и на македонскиот ВИП мобилен оператор. Пред околу две недели го сретнав на еден приватен настан, и во разговорот меѓу другото го прашав, што во овој момент мисли за таа своја одлука што ја направи, и тој ми одговори дека е задоволен и дека одлуката ја донел во поволен период. Во тој дух, сакам да го кажам моето мислење за оние кои имаат некоја добро срочена бизнис идеја и добар бизнис план, дека овде кај нас во Македонија сега е вистински момент за почнување со инвестиција, не само странски, туку и домашни, се разбира ако е добро обмислена од секој аспект. Зад ова стојам со аргументи кои произлегуваат со се што кажав претходно, но и со многу други аргументи кои ја потврдуваат Македонија како одлична локација за бизнис и период на придвижување на економијата во нагорна линија. Ако некој од Вас донесе таква одлука, може да смета дека нас во Владата ќе не има за безусловен сојузник во реализацијата на идеја, се разбира во оној сегмент во кој ние имаме законски и етички можности да помогнеме.

ЕУ, НАТО, Грција

Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за членство во НАТО и за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ, и заради ова четири години по ред добиваме позитивни извештаи, а јас не верувам  дека и следниот извештај правилно ќе ги валоризира сите наши наори за напредок на земјата. Сепак, проблемот кој го создаде Грција, и кој се повеќе го продлабочува не лишува од предностите кои ги даваат членствата во ЕУ и НАТО. Последниот нивни став околу предлогот на медијаторот, мислам дека јасно отсликува со каков предизвик се соочуваме. Како и да е, ние ќе продолжиме со сите сили да бараме излезно решение, но додека тоа го правиме нема да запреме со модернизација на земјата ,нови реформи, нови идеи и создавање дела. Градењето добри односи со сите соседи ќе остане во фокусот на нашите напори, и се надеваме дека тоа ќе биде двостран процес.

 Иако имаме договор за слободна трговија со сите земји од Европа, нашите напори ќе одат кон тоа да потпишеме вакви договори и да отвориме нови можности и со земји или економски групации на земји надвор од Европа. Тоа не е лесен процес, ниту процес кој гарантира успех, но ќе се обидеме, затоа што убедени сме дека тоа ќе ви помогне и вам, но и ќе помогне во напорите за привлекување на странски инвестиции.        

Почитувани стопанственици, ова што го кажав е само еден дел од она што го работиме и решаваме, и од она што го планиравме. Се надевам дека овие информации ќе ви помогнат во Вашите бизнис планови, идеи, комбинации и решенија.

 За сите овие и многу други работи сакам да се заблагодарам на соработката на сите министри во Владата и државните функционери, посебно на економскиот тим и особено на подпретседателот Зоран Ставрески и подпретседателот Владимир Пешевски, но и на стопанските комори и многу од Вас тука присутни кои соработувавте со нас, праќавте идеи и дававте сугестии, на медиумите и опозицијата чии критики беа добредојдени и артикулирани во решенија на проблемите, благодарност и до мојот кабинет и моите советници, благодарност и до јавната администрација која ги спроведува овие проекти,  и се разбира благодарност на поддршката и вербата во нас на мнозинството граѓани на Македонија.

 

Ви благодарам на вниманието.