Груевски: Невработеноста намалена од 38 на 28,8 отсто

Невработеноста од 38 отсто денес е намалена на 28,8 проценти, што е серизно придвижување и тоа во период на светска и европска криза кои серизно влијаат на економијата, изјави денеска премиерот Никола Груевски. 

- Невработеноста секако дека е се уште висока и ние сме фокусирани на тоа прашање. Но, мораме да кажеме дека во изминатиот период се направи сериозно придвижување, дојдовме во ситуација во Владата кога имавме 38 отсто невработеност, сега е 28,8 отсто. Тоа е сериозно намалување и што е најважно тоа е намалување во тежок период кога имаме светска криза и европска должничка криза кои значајно го забавуваат темпото на економијата, го намалуваат извозот, внесот на странски директни инвестиции во земјата, истакна Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на новата опрема во Градската општа болница „8 Септември“.

Во такви непријатни околности кога најголем дел од земјите во Европа бележеа зголемување на невработеноста, посочи премиерот, Македонија бележеше намалување на невработеноста и тоа не за 10 отсто туку за 10 проценти поени.

- Тоа не значи дека треба да застанеме или да бидеме задоволни или среќни, се уште таа е многу висока и се уште треба да останеме фокусирани на нејзиното намалување. Сите мерки за кои зборуваме што ги правиме во делот на економијата, крајната цел на тие мерки е отворање на нови работни места, рече Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали Владата ќе спроведе ревизија на процесот на вработување во „Македонски шуми“, појасни дека приемот на 1.600 лица не подразбира нивно вработување во „Македонски шуми“ туку распределба во сите државни институции.

Тој истакна дека во „Македонски шуми“ веројатно ќе останат на 50 или 60 лица од овие 1.600, а сите останати ќе се распределат по другите институции.

- „Македонски шуми“ во овој случај е само портата за влез во државната и јавната администрација. Така што кога ќе ги добијат решенијата ќе добијат решение за „Македонски шуми“ и веднаш решение за таму каде што ќе бидат распределени. Тоа беше направено заради полесно менаџирање на процесот, додаде премиерот Никола Груевски.