Груевски:Обновената препорака признание за остварените резултати

Изјава на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски по повод добивањето на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија во 2013

 

Владата на Република Македонија го поздравува Извештајот на Kомисијата за остварениот напредок на земјата во 2013 година и обновената препорака до земјите-членки на Европската Унија за донесување одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија.

Република Македонија се заблагодарува на Комисијата за континуираната силна поддршка во спроведувањето на реформите за интеграција во ЕУ.

Обновената препорака претставува признание за остварените резултати во изминатата година, признание за сработеното од страна на институциите, администрацијата, сите политички и општествени чинители.

Република Македонија останува целосно подготвена да премине во следната фаза од пристапниот процес. Се согласуваме со констатацијата на Комисијата дека почетокот на преговорите не само што ќе го забрза консолидирањето на реформите и ќе ја зајакне меѓуетничката кохезија, туку и ќе го зачува кредибилитетот на проширувањето на Унијата како мериторен процес базиран на цврста условеност.

Република Македонија очекува дека и земјите-членки во Советот на Европската Унија ќе се раководат од овие аргументи, од заедничкиот ЕУ интерес, и во декември оваа година ќе ја донесат одлуката за почеток на пристапни преговори со Македонија.

Владата на Република Македонија темелно ќе го проучи и анализира Извештајот на Комисијата. Изнесените оценки, забелешки и препораки, како и досега, ќе претставуваат патоказ за идните активности на Владата во пристапниот процес, и тие ќе бидат преточени во конкретни мерки при редовното годишно ажурирање на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Ефикасната реализација на оваа Национална програма останува да биде приоритетна задача на Владата.

Во претстојниот период, Владата ќе продолжи со реформите и со испорака  на конкретни резултати за натамошно унапредување на степенот на примена на ЕУ стандардите во македонското општество, а заради подобрување на животниот стандард на нашите граѓани. Притоа, посебно внимание ќе се посвети на продолжување на реформите во државната администрација, судството, борбата против корупцијата, состојбите во медиумската сфера, одржување на добри меѓу-етнички односи, зголемување на економскиот раст и вработеноста, натамошно ефикасно спроведување на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, унапредување на хармонизацијата со европското законодавство и политики, зголемување на степенот на искористеност на ИПА. 

Што се однесува до добрососедските односи и регионалната соработка, Комисијата отсекогаш ја препознавала и високо вреднувала конструктивната улога на Македонија во билатералните односи со соседните земји и активниот ангажман во регионалните иницијативи. Така е и во овогодишниот Извештај, и тоа е од исклучително значење за нас.

Владата на Република Македонија ќе продолжи проактивно да вложува во унапредување на односите и во градење на мостови на соработка во регионот.

Односите со соседните земји-членки ни се особено важни. Сакаме да го изодиме патот до членството во Европската Унија во соработка со и активно користејќи ги нивните искуства. Затоа инициравме и ќе продолжиме да предлагаме со искрена волја мноштво конкретни активности и проекти за унапредување на взаемната соработка и доверба.

Што се однесува до наметнатите грчко – македонски разлики околу името на Република Македонија, повеќе пати сме повториле дека сакаме час поскоро да ги разрешиме. Патот до решение е преку владеењето на правото и почитувањето на меѓународната правна рамка дефинирана од Обединетите нации и Меѓународниот суд на правдата. Сакаме да имаме проактивен и интензивен процес на највисоко политичко ниво. Одлагањето на решавањето на ова прашање не е од корист за никого.

Од исклучителна важност е грчко-македонските односи да се развиваат низ призмата на заемно почитување, соработка, доверба, партнерство и уважување. Македонија останува посветена да ги развива добрососедските односи со Грција во таков дух, за добробит на регионалната стабилност и просперитет. 

Отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Македонија може само да придонесе за унапредување на грчко-македонските односи и за надминување на разликите.

Ја повикуваме Република Грција да го поддржи донесувањето на одлуката за Македонија на декемврискиот Европски совет и на тој начин директно да придонесе во евроинтеграцискиот моментум на Балканот. Посакуваме нашата прва меѓувладина конференција за пристапните преговори да се одржи за време на Грчкото Претседателство со ЕУ.