Обраќање на премиерот Никола Груевски на промоцијата на концептот Менаџмент етика

Обраќање на настанот за промоција на концептот Менаџмент етика

 

Почитувани вработени на јавниот сектор,

Почитувани раководни органи, членови на УО и НО,

Почитувани присутни,

Дами и Господа,

 Денеска се собравме на овој несекојдневен настан со цел да се потсетиме на некои вредности кои се пред се човечки, а секако и професионални, длабоко поврзани со Вашата работа и функција, а кои се дел од вредностите на етичките норми на однесување.

Целта на денешниот собир е ние како Влада да испратиме јасни пораки околу одредени недоследности кои ги имаме како информација од теренот, од граѓаните, од компаниите, од оние од кои и Вие и ние сме платени, и за чија услуга и потреби работиме.

Имајќи во предвид дека денес се повикани две категории на лица, и тоа, лица кои се дел од јавната и државната администрација, и втора група лица кои се на раководни позиции во УО и НО, јас мојата дискусија ќе ја поделам во два дела, обраќајки се најпрвин на администрацијата, а потоа на раководните структури, иако има многу нешта кои се корисни и за двете.

Почитувани присутни,

Низ годините зад нас, па би рекол и низ овие две децении зад нас како држава, честопати различни влади, некој повеќе некој помалку носеше закони и правила со кои се очекуваше подобрување на капацитетите и односот на луѓето од јавниот сектор. Секоја година ЕУ дава отценка за работењето на јавниот сектор, и укажува на потребата од нови подобрувања. Низ годините наназад државата ангажираше различни експерти од Македонија и странство, консултански куќи, професори, стручни лица итн…владите на други држави ни одобруваа грантови за различни обуки и надоградувања на администрацијата, како и за многу промени кои се нарекуваа реформи во администрацијата.

Сепак, мое мислење е дека најголемата реформа која е потребна е реформата на личниот однос, чуството на лична одговорност, волјата коректно и професионално да се сработи обврската и задачата која произлегува од работносто место, менталната матрица на луѓето, или ако сакате филозофија на размислување и делување во овој исклучително значаен сектор.

Јас тргнувам од претпоставката дека огромно мнозинство на вработени во јавниот сектор коректно си ја извршуваат својата задача и обврски, но, сепак, ќе се согласите постои и еден дел кој го валка лицето на целата администрација, и можеби тоа е најсилната причина зошто денес сме тука.

Честопати седејќи на маса со експерти за креирање политики за јавниот сектор, доаѓам до сознание дека многу нешта што во понапредните развиени држави е нормално, обичај, или дел од личната култура, кај нас мора да стане дел од некој закон со строги казнени одредби со цел да не се случуваат работи во јавниот сектор, за кој стрнските консултанти се вчудоневидени дека постојат или се прашуваат како воопшто сме се сетиле да регулираме со закон превенирање или казнување на некоја појава за која во нивните држави никој не се сетил да ја направи а камоли да ја стави како дел од казнена одредба во закон, и дека таквото однесување е дел од општоприфатените етички норми и општа култура во нивната земја. И не случајно, нашите закони имаат многу повеќе детали, а нивните се многу поопшти. Некои велат дека тука на балканот луѓето се покреативни кога станува збор за изигрување на законите и дека етичките норми немаат доволна тежина односно лесно се газат, но оваа теза паѓа во вода низ многу примери на наши граѓани кои кога ќе се најдат на исто работно место во Германија или Англија или Франција, оддеднаш подеднакво добро и коректно функционираат како таму да се родиле и цел живот да биле таму. Ако истите се вратат во земјата по некое време брзо ги враќаат и старите навики.

Зошто е тоа така? Каде грешиме? Зошто многу луѓе се незадоволни од јавната администрација?

Најпрвин дозволете да изложам една теза за која неверувам дека некој ќе опонира, а тоа е дека јавната администрација постои заради граѓаните и фирмите кои живеат и постојат и работат во државата, а не обратно, односно непостојат граѓаните и фирмите заради администрацијата. Со други зборови, администрацијата постои за да биде од највисока професионална помош, подршка и услуга на сите граѓани и фирми во државата. И затоа зема плата. И затоа таа е должна да ги почитува законите, да не ги изигрува, и пред се да делува во духот на етичките норми.

Второ, колку и ние како Влада да се трудиме да подобриме некои нешта во земјата, сепак администрацијата е онаа која ги спроведува и таа е лицето на извршната власт пред граѓаните. Може ние во Владата да работиме колку сакаме, но ако потоа на терен тоа не се спроведе соодветно, и најдобрата реформа во било која свера граѓаните нема да ја почуствуваат.

Затоа, да недолжам многу, без да навлегувам во она што се досега сме направиле како реформи во јавниот сектор, дозволете да испратам неколку препораки до Вас, пред се до оние кои во истражувањата покажале недоволно добри резултати. Истовремено да Ве охрабрам, во идниот период во својата работа да се раководите од етичките принципи и својата работа да ја извршувате согласно етичките стандарди:

1.Незаборавјте дека Вие сте на тоа работно место или функција само заради и во функција на услугата на граѓаните и фирмите кои се упатени на Вас, законот им наложува да се обратат кај Вас заради некоја услуга која им следува. Ако тие се незадоволни од Вас, и ако тоа незадоволство е оправдано, порано или подоцна ќе се соочите со проблем.

2.Кон секоја фирма и граѓанин пријдете со добра воља и чуство на обврска и одговорност да му помогнете. Вие земате плата од даноците кои ги плаќаат сите граѓани од нивните фирми и даноците кои ги плаќаат фирмите. Со добра воља значи дека не ви е идејата да го откачите колку можете побрзо, туку најбрзо можно да му помогнете и да му ја завршите работата во рамките на законите. Објаснете му се што треба, доволно долго и онолку пати колку што е потребно додека не се уверите дека ве разбрал.

 3.Во рамките на законските ингеренции бидете максимално креативни кога има некоја пречка во остварување на неговото барање. Најлесно е да се каже не е по закон и пријатно. Во секоја таква ситуација размислете добро, како да се работи за Ваш најблизок човек или за човек од кој Ви зависи работното место, како да му помогнете, кои се можните патишта, начини, варијанти и можности, во рамките на законот најбрзо и најевтино да стигне до целта. Бидете и негов чесен советник секогаш кога можете. Бидете добри луѓе во очите на народот и стопанството. Независно дали сте шефови на сектор, на одделение, референти или раководители на подрачни единици, работете со позитивна енергија и желба секому да помогнете.Нека тоа ви биде мисија.И нека граница ви биде само законот и етичките норми.

Незаборавајте го проектот нема погрешна врата.

Секој кој залутал во Вашата институција, не да му објаснувате по кој ходник да сврти лево или десно, туку станете и однесето го на вистинската врата.

4.Бидете љубезни со секого. И кога денот не ви е добар, и кога имате проблеми во семејството или било какви проблеми Вие морате со оние кои се упатени на Ваша помош, да се однесувате крајно љубезно и културно. Независно дали со некој кој бара ваша услуга и помош е со вас приватно скаран или неистомисленик, или ве озборувал или приватно ви нанел некоја штета, вие службено бидете крајно професионални, одговорни и помогнете му. Ако некој направил некаков грев према вас, не му возвраќајте со тоа што и вие ќе направите грев, неправда или ќе покажете ароганција.

Ароганцијата ги руши вашите позиции. Немојте да покажувате ароганција кон никого, ниту повишен тон при комуникацијата. Не смеете никого да навредите. Какви и да се, тие се луѓето или фирмите заради кои постои Вашето работно место. Почитувајте го тоа.

Граѓанинот, претствникот на некоја фирма, или ајде да го нарекуваме странка, може да е некогаш и нервозен и нељубезен со вас, но Вам тоа не ви дава право на ист начин да му возвратите. Вие сте должни да вложите максимални напори да го разберете неговиот гнев и нервоза, да се ставите во негова кожа, и дури ако не го разберете, повторно, потрудете се да му помогнете. Тоа секој човек посебно ќе го цени одкога ќе помине нервозата.

 5.Бидете неселективни и не ги делите луѓето  и фирмите по ништо, и бидете подеднакво сервилни кон сите.

Не ги делите по етничка припадност, помагајте и услужете ги сите со најголема можна брзина и квалитет.

Не ги делите по политичка определба, не ги делите на наши и ваши или нивни. Сите се наши. Политичката определба ќе си ја каже секој на избори, помеѓу избори секој треба професионално, коректно и непристрасно да си ја врши својата работа, без дискриминации и поделби.

Нема да и помогнете на вашата партија ако кон некој кој сметате дека не е нејзин подржувач или е подржувач на спротивниот табор, не му дадете најдобра услуга и помош. Напротив и одмагате на партијата. Ниту пак ќе и помогнете на партијата во која Вие верувате и гласате, ако на нејзин припадник му дадете некоја привилегија која е дел од вашата работа. Тоа ќе се забележи, и ќе Ви нанесе штета и Вам, и на партијата која ја подржувате.

Еве, до оние кои на пример се гласачи, членови или подржувачи на партијата која јас ја водам би порачал: најмногу ќе и помогнете на партијата ако доследно и без исклучок ги спроведувате овие препораки и совети за кои денес говорам.

Не ги делите по верска основа, секој има право да верува во онаа религија во која сака да верува.Помагајте им на лужето од сите вери, без колебање.

Не ги делите по социјален статус. Бидете подеднакво посветени и кога треба да му услужите на некој богат, и кога треба да му услужите на некој кој ќе ви се виде сиромашен.

Не ги делите по образовна структура, и поучените и помалку учените имаат исто право на Ваш коректен професионален и чесен однос. Дури кон помалку образованите ќе Ви треба поголеми напори за да ве разбере, за да го поучите, за му помогнете.

6. Работите исклучиво по закон. Не помислувајте да направите нешто вон закон, верувајки дека некој ќе Ве заштити од било која причина, или дека никој нема да Ве фати.

7.Неподлегнувајте на притисоци од било кого во однос на нечесно, неетичко или незаконско работење. Кој сака нека Ве притиска или заплашува, држете се до законот и моралните и етички вредности. Секогаш ќе бидете на правата страна, и секогаш тоа ќе Ви се исплати. Независно дали притисокот ви го врши некој моќен бизнисмен, политичар, или било кој, непопуштајте, одработете професионално, и соодветно постапете со пријава согласно законите ако сте предмет на притисок, мобинг или закана. Ова важи за сите. И за наставниците во училиштата на кои родители им вршат притисок за незаслужена повисока отценка на нивното дете. И за оние на кои некој моќник ќе им се јави за привилегија околу некоја јавна набавка. И за оние кои работат во некоја државна установа која издава лиценци, решенија, потврди, и слично. Само по закон.

Ова важи и за оние на кои некој ќе се повика на нечие име. На мое на пример, или на министер или директор, или вашиот шеф, или слично. Има такви луѓе кои независно кој е на власт, имаат неверојатна дарба да заплашат некого убедувајки го дека се многу блиски со некого кој има голема моќ. Ако некој Ви каже или ве уцени со зборовите сега ќе му се јавам на премиерот па ќе видиш, или на тој и тој минитер или директор, постапете исто како да не ви го рекол тоа. Ве уверувам дека или нема да ми се јави што е најверојатно, или во случај на некој начин да дојде до мене или до министер или директор, никого нема да земеме здраво за готово додека не се чујат двете страни и добро не се истражи случајот, при што ако сте постапиле правилно и законски не само што нема да сте казнети, туку истрајноста и професионалноста и ќе се награди, порано или подоцна.

Во крајна линија, ако притисок се обиде да Ви изврши Ваш претпоставен да направите нешто надвор од закон, одбијте го и повикајте се на законот, етичките норми, и ако сакате и на овој мој говор. Спротиставете се на секого кој сака да Ве злоупотреби или уцени.

8.Бидете отворени, јасни и транспарентни. Тоа се почитува. Не оставајте ниту малку сомнеж или некому надеж дека може да Ве поткупи. Не очекувајте заштита ако влезете во корупциска зделка од било каков карактер. Независно на која партија припаѓате или за кого сте гласале. Независно кој Ви е роднина, или сопруг или сопруга, чичко или вујко, комшија или близок пријател. Чувајте си го образот, и не само тоа: секој обид за поткуп пријавете го во соодветните институции без колебање и одлагање.

9.Не премолчувајте кога гледате корупција, или незаконско и неетичко работење. Со секое премолчување Вие сте соучесник и со тоа правите штета некому но и на државата. Секаде каде ќе забележете неправилност во работењето, во смисла незаконско работење, некој некому да дава нечесни привилегии, или слично, не молчете и не се правете дека не сте виделе. Пријавете и борете се против тоа. Колку повеќе така постапуваме толку повеќе ќе имаме поправична и посилна држава. Ако некој ве нарече кодош, знајте дека не сте кодош ако сте спречиле или пријавиле корумпирано и криминлно работење. Вие сте херој, а не кодош.

Ако ме прашувате што е неетично во ова, ќе ви одговорам, немото гледање е неетично.

10.Не ги препраќајте луѓето и фирмите од шалтер на шалтер ако можете да им помогнете. И кога сме кај ова морам да Ве потсетам и предупредам дека за ова се донесоа и закони неодамна со кои доколку за некоја услуга од некоја државна институција, некому му треба документ од друга државна институција, Вие несмеете да ја терате странката да оди од шалтер на шалтер, туку Вие, односно Вашата институција е должна да го набави тоа. За непостапување по ова, предвидени се многу високи казни. И тоа, за службеникот од 1500 до 3000 евра за секој одделен случај, за раководителот на сектор од 3000 до 6000 евра, а за раководителот на институцијата (министер, директор и сл.) од 7500 до 15000 евра, и нема начин како да се избегне ова. Законот е така направен што непостои начин да се изигра. Дури и директорот на управната инспекција или министерот надлежен за администрација да сакаат да ве заштитат, законот е таков да на крајот тие ќе треба да ја платат казната. Затоа е важно овие раководни лица да воспостават систем со кој ќе обезбедат функционирање на оваа законска одредба и ли совтверски или по пошта или со курирска служба. Истите казни важат и за ненавремено давање на одговор на разни барања на фирмите и граѓаните, доколку доцнењето го пријават до управната инспекција. Ве молам ова да го сватите многу сериозно и да го спроведувате без одлагање.

Тука ќе запрам во делот за администрацијата иако имам уште многу работи да кажам. Сигурен сум дека останатите говорници ќе ме надополнат.

Сосема за крај да најавам дека во завршна фаза е новиот закон за администрација, кој ќе донесе такви крупни промени, какви што немало до сега. Кариерно напредување, тестирања, многу обуки, многу отценувања на работењето, наградувања и казнувања според учинокот и многу новини што досега не биле дел од нашиот систем. Го подготвувавме цела година, и ќе биде меѓунајдобрите неколку во Европа. Но, за тоа, потоа.

Ве молам пренесети ги овие пораки до сите Ваши колеги во државните и јавни институции.

А сега кратко за раководните лица, членовите на УО и НО.

 Вие имате многу значајна улога во системот на раководење на државните институции и управувањето на државниот имот. Иако кон јавноста, директорот е оној кој е ја преставува институцијата, незаборавјте дека Вашите законски права, обврски и одговорности се огромни. И тоа не е случајно.  Огромно мнозинство од Вас, правилно ја имате сватено функцијата, и соодветено се однесувате. Но постоеле и примери кои ја заматуваат општата слика, и затоа дозволете да упатам пораки и кон Вас членовите на УО, но, неизвршни директори и сите раководни структури. Пораката ја праќам исто како и претходно до админситративците, чисто, јасно, недвослмислено, и ве молам никој поинаку да не го разбира или толкува од она како што го кажувам.

1.Вие членовите на УО и неизвшните директори на компании во државна сопственост, Вие раководите со државната институција заедно и подеднакво со директорот или извршниот директор.Вие пак, во надзорниот одбор сте одговорни за надзор над работењето на директорот и управниот одбор. Како претседател и членови на УО имате подеднаква одговорност пред законот како директорот. Неговите грешки кои вие не сте ги спречиле а сте можеле и сте морале да ги спречите, истовремено и поддеднакво се и Ваши грешки. Говорам за оние работи кои се во ваша надлежност. Вие треба да сте подеднакво загрижени и посветени за законско и етичко работење на институцијата како и директорот и дополнително вие треба да сте и негова контрола, и да спречите негови грешки или злоупотреби. Повторувам, неговите грешки се и ваши грешки. Се разбира, и заслугите се заеднички кога ги има.

2.Вие не сте поставени во УО или НО смо за да изгласате нешто што ќе Ви сервира директорот и неговите служби. Вие сте должни секој матерјал за кој треба да се расправа и одлучува, да се гласа, прифати или одобри, внимателно да го прочитате, да го пручите, анализирате, и стручно обсервирате, пред да одите на седница на УО или НО. Вие не сте на таа одговорна функција за да слепо гласате се што ќе Ви побара директорот. Напротив.

 3.Не дозволувајте да гласате за нешто што или не сте го прочитале, или не сте го разбрале, или сметате дека не е соодветно образложено. Бидете активни за време на состаноците на УО, и НО, барајте објаснување за секој нејасен детал, стручно проучете го секој збор и бројка, и гласајте исклучиво согласно сопствената совест и стручност. Вие сте таму за да работите во интерес на државната институција, а не во интерес на директорот и неговиот тим, или во интерес на некоја политичка опција, етничка заедница, или во интерес на некој приватен интерес и слично.

Не се колебајте ни секунда остро да се спротиставите ако некој ја бара вашата подршка или вашиот глас повикувајки се на некој моќник, интересна група, директор, министер, премиер, партија, или слично. Држете се до интересот на државната институција, и ништо повеќе или помалку.

4.Вас на оваа позиција Ве поставува Владата. Владата и политичките партии кои ја составиле таа влада одкако добиле доверба од граѓаните, политички одговара пред народот и за Вашето работење. Вие законски одговарате пред владата и должни сте за секоја неправилност, притисок, уцена, заплашување или обид за поткуп, да ја известите и владата и надлежните институции во државата.

5.Во случај на незаконско работење, нестручно работење, несовесно работење или злоупотреба, одговорноста не е колективна и ничија, ниту пак е само на директорот. Секој од Вас поединечно одговарал, онака како што гласал за секоја точка на дневен ред. Ако сте гласале за нешто што е криминал или на било каков начин незаконско, сносите лична законска одговорност. Затоа барајте доколку ве надгласаат, во записникот да влезе дека Вие сте имале одвоено мислење или сте гласале спротивно на мнозинството, доколку има таква ситуација.

6.Ниту владата, ниту јас лично, не му имаме дадено мандат на ниту еден директор да работи било што незаконски и неетички, и ако некогаш се повикува на нас, или на некој моќен човек, барајки од вас да му изгласате нешто неетичко, незаконско и спротивно на интересите на државната институција или компанија, знајте дека Ве лаже и манипулира. Одбијте таква соработка и пријавете го тоа, и во Владата и во надлежните институции, со цел да се истражи случајот и доколку се утврдат неправилности да има и законска реперкусија и политичка реперкусија преку разрешување на тој директор. Непријавувањето се смета за соучество.

7.Ако некогаш Ви треба дополнително стручно мислење, и лично не се чуствувате специјалист за некој сегмент од работењето на државната установа или компанија, побарајте директорот да обезбеди професионално, стручно или правно мислење од надворешни лица специјалисти за таа проблематика, пред да донесете одлука како ќе гласате.никогаш не гласајте на слепо или на несигурно.

8.Не смеете да дозволите директор да го поткупи Вашиот глас со ништо и никаква услуга кон Вас или Ваш близок. Не само што така ќе го загубите авторитетот, туку ќе ја загубите и довербата на владата, а доколку директорот направил нешто неетичко или незаконски за да ви ја направи таа услуга, чии мотив е да ве придобие за ваша безусловна подршка, тогаш одговорност ќе сносите и двајцата. Независно дали се работи за користење службено возило кое не ви следува, или влијание при некое вработување, или друга привилегија, не дозволувајте да ве купат со услуги и матерјални добра. Порано или подоцна ќе се покаете за тоа, но може да е предоцна.

9.Не подпаѓајте под притисок, ургенција или обид за поткуп и корупција, ниту пак под мислење или влијание на други лица, ниту на некој кој е моќен или важна личност во државата. Работете чесно, совесно, стручно и професионално. Во интерес на државната институција или државната фирма. Бранете го исклучиво интересот на државата и државната институција, и исклучиво согласно закон и етичките норми.

10. Ако директорот работи незаконски, неетички, се расфрла со државните пари и државниот имот, незаконски применува селективност во работењето,  не се однесуваа соодветно кон вработените и кон надворешните лица,или нестручно или несовесно работи и прави грешки,  опоменете го или казнете го без колебање, а во согласност со законите. Ако прекршокот е сериозен и се повторува, без колебање, разрешете го. Истото важи ако отцените дека е неспособен и нестручен и не ја води институцијата добро.

Од друга страна, не смеете пак  Вие, да ја злоупотребите Вашата моќ и позиција за неетички или незаконски да издејствувате нешто од директорот и службите, или од државната институција воопшто злоупотребувајки ги овие пораки и вашата моќ.

Особено внимавајте на непотизмот, корупцијата, јавните набавки, склучувањата договори и нивната содржина, мобингот, и воопшто борете се за доброто на државната институција, согласно закон и во интерес на граѓаните и компаниите во земјата. Не ни укажувајте за слабостите на директорот на крајот на вашиот или на мандатот на директорот, туку веднаш кога ќе ги осознаете.

Чесно заработете ги парите кои Ви се плаќаат за оваа функција. Со чесна работа, труд, стручна посветеност, и со искрен пристап.

Ако сметате дека Вашиот труд не е доволно платен, и не сакате за парите кои ви се плаќаат да го правите ова што го барам од Вас, или ако се чуствувате нестручен за функцијата, или не е вољен да се посветите на неа, чесно повлечете се од функцијата, и работете нешто друго што Вие сакате да работите.

Почитувани присутни,

Постојат уште многу работи што можат да се кажат, но верувам дека ги опфатив најприоритетните. Не велам дека сето ова вие не го знаете. Ниту пак преудицирам дека Вие несоодветно се однесувате. Сепак, заради зајакнување на меѓусебната доверба, елиминирање на гласини или погрешни разбирања на работите, ценев дека е добро ова да го кажам во ваква форма, директна, јасна и недвосмислена. Без дилеми, тоа што го говорам и го мислам, тоа што го барам од Вас и го очекувам.

Овој концепт кој го промовиравме ќе продолжи да се развива и по сектори и регионално, за пораките од истиот да допрат до секој поединец, член на администрацијата, за секој да биде вклучен во овој голем  реформски процес и да биде вклучен во имплементацијата која значи реформа и на суштината и на духот и свеста, реформа која е од интерес за секој член од општеството. Ќе продолжиме со работа на оваа тема со конкретни мерки и активности кои нудат нов квалитет.

Убеден сум дека со ваквиот пристап сите ние ќе оствариме повисоки резултати во работата и ќе придонесеме да остваруваме нови успеси на секое поле, за продолжување на економскиот развој, унапредување на стандардот на граѓаните, повеќе можности за индивидуален развој, развој на образованието, здравството, културата, и останатите дејности, се во интерес на граѓаните и напредок на нашата држава Република Македонија.

 

Ви благодарам на вниманието.