Пуштена фабриката на „Кромберг и Шуберт“ во Жабени

Во индустриската зона „Жабени“ денеска официјално почна со работа новата фабрика на германскиот гигант „Кромберг и Шуберт“.Инвестицијата проценета на 20 милиони евра, треба да овозможи 2.500 нови работни места.

Фабриката е отворена една година по почнувањето со градба, завршувањето на потребните обуки за нововработените лица и инфраструктурното уредување на просторот. Содржи четири деловни единици, кабли, мрежи, пластична технологија и мехатроника, а производите ги пласира кај најголемите европски производители на автомобили БМВ, Мерцедес, Ауди...

Премиерот Никола Груевски на свеченоста истакна дека Владата направила се што е во нејзина можност да ја подготви индустриската зона „Жабени“ и да излезе во пресрет на барањата и потребите на инвеститорот.Општината, како што рече, инвестираше во инфраструктурата, а ние како Влада помогнавме за електрификација и изградба на голема трафостаница и 4,5 километри далновод. - Резултатот од таквите активности беше позитивен бидејќи во конкуренција на многу држави германската компанија го потврди својот интерес и ја избра токму Македонија да биде дестинација за нивната инвестиција вредна над 20 милиони евра, рече Груевски.

Според него, значењето и придобивките од влезот на „Кромберг и Шуберт“ во Македонија се неспорни и повеќекратни, бидејќи обезбедува нови работни места и ќе придонесе за зголмување на извозот.

- Целиот пелагониски регион веќе ги почувствува придобивките од оваа фабрика. Во изминатиот период имаше голем број огласи за вработување и моментно во работен однос во фабриката се повеќе од 800-ини луѓе. До крајот на оваа година се очекуваат уште 200 нови вработувања, следната уште 1.000 вработувања и постепено до крајот на 2015 година да се заокружи бројката од над 2.500 нови работни места, наведе Груевски и додаде дека со тоа се потврдува фактот дека во последните години оваа е најголемата гринд-филд инвестиција во Македонија според бројот на нови работни места што ги овозможува.

Исто така, нагласи премиерот, значајно е што компанијата е извозно ориентирана и ќе има свој придонес во зголемувањето на македонскиот извоз во земјите од Европа и светот. Благодарение на овој проект во Република Македонија денес се произведуваат компоненти за светски брендови од типот на БМВ и „Мини морис“.

- Соработката со „Кромберг и Шуберт“ е основа за понатамошно зацврстување на економските и политичките односи со Република Германија која ја вбројуваме во редот на нашите најзначајни трговски партнери. Дополнително значење на оваа инвестиција и дава фактот што „Кромберг и Шуберт“ е компанија која повеќе од еден век опстојува во автомобилската индустрија, компанија која е почитувана и силно етаблирана на светскиот пазар што е одлично за имиџот на нашата држава како поволна и атрактивна бизнис-дестинација и затоа верувам дека присуството на „Кромберг и Шуберт“ ќе повлече и други слични компании да го насочат својот интерес за инвестирање во Република Македонија, рече Груевски.

„Кромберг и Шуберт“ е семејна фирма во индустријата на автомобилски добавувачи која има успешна историја повеќе од еден век. Со над десетина илјади вработени низ цел свет фирмата развива и произведува високо технолошки производи, како кабли, кабловски инсталации, пластична технологија и мехатроника.