Русија најави Нацрт спогодба за Јужен тек до крајот на годинава

Нацрт спогодбата за Јужен тек со кој еден крак ќе поминува низ територијата на Република Македонија ќе биде доставен до македонската страна до крајот на годината.

Ова денеска во Москва го најави заменик министерот за регионален развој и копретседател на меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка Максим Травников на средбата со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Со текстот на договорот се предвидува приклучување на Република Македонија кон регионалниот проект Јужен тек преку зголемување на обемот на достава на гас, односно зголемување на техничките можности на постоечкиот гасовод, како и изградба на нови, согласно договорите кои ќе бидат склучени меѓу руската компанија Стројтранс гас и Владата на Република Македонија.

- Главната идеја на Спогодбата е да се задоволат комплетните потреби на Република Македонија за гас, вклучително и идните енергетски проекти што ќе се градат во Македонија, изјави Травников.

Од македонска страна беше побарано на почетокот на декември да се затворат техничките прашања за да може потоа да се разменат официјалните документи и да се отпочне со изградба на националната гасоводна мрежа во Македонија.

- Согласно динамиката на договори што ги води меѓувладината комисија очекуваме наредната година реално да отпочне изградата на националната гасификациска мрежа во Република Македонија.  Нашата молба беше технички екипи од страна на Руската Федерација да дојдат во Македонија за да се разговара за проектите и понудите што би било основа за натамошно усогласување и склучување договор меѓу двете држави што пак е основа за отпочнување реализација на изградбата на националната гасификациска мрежа, нагласи министерот Јанакиески.

На средбата беше отворено и прашањето за отворање директни авионски линии меѓу Македонија и Руската Федерација при што од руска страна беше оценето дека тоа би одело во прилог на развој на туризмот. Травников се заложи дека ќе разговара со некои руски компании кои би ги разгледале можностите за отворање директна линија со Македонија.

Во однос на туризмот Травников најави дека веќе е разговарано со руски агенции кои во соработка со македонската амбасада во Москва ќе ја промовирааат Македонија како атрактивна туристичка дестинација.