Пуштен во употреба целосно реконструираниот регионален пат Пробиштип-Свети Николе

Пуштен е во употреба целосно модернизираниот регионален патен правец Свети Николе-Пробиштип во должина од 28 километри што досега не беше функционален. Станува збор за проект на Владата вреден 52 милиона денари што го реализира ЈП „Македонија пат“.

- За време на изборите дадовме ветување кое, не само што го исполнивме, туку и предвреме  го реализираме, сега, а не како што беше планирано во 2015 година, истакна премиерот Никола Груевски пред отворањето на делницата. 

Според него, многу години ова беше само земјен коловоз и постарите жители, освен по маката да пристигнат до посакуваната локација, го паметат и како ветување дека ќе се изгради од многу претходни генерации политичари.  Делницата од патот меѓу селата Мечкуевци и Куково досега беше пробиена, со земјен коловоз, мала ширина и голем број нерамнини и препреки. Можеше да се помине само со теренско возило, а при врнежи од дожд патот беше целосно во прекин, Како што напомена, патот е целосно израмнет, тампониран и асфалтиран во должина од 5,5 километри и ширина на асфалтен коловоз 5,5 метри. 

На дел од овој патен правец, од приклучокот кај Свети Николе кон селото Немањица извршена е рехабилитација на посточекиот коловоз со негово приширување за 1,5 метар и е поставен целосно нов асфалтен слој во должина од 2 километра. За да се зголеми безбедноста на сообраќајот и патниот правец да биде функционален по целата должина од 28 километри, поставени се, рече премиерот заштитени безбедносни огради на постоечкиите мостови и сообраќајни знаци, а е извршено и бележење со хоризонтална сигнализација на коловозот. 

- Со изградбата на делницата меѓу селата Мечкуевци и Куково се комплетира регионалниот патен правец и се овозможува директна и најкратка врска меѓу Свети Николе и Пробиштип, како и на сите населени места што гравитираат на овој пат во двете општини. Растојанието меѓу Свети Николе и Пробиштип ќе се скрати за околу 25 километри што освен за жителите, е предност и за развој на економијата во двата града, потенцира Груевски.

Тој уште еднаш напомена дека Владата посветено работи на изградба на патната инфраструктура. Оваа година ќе биде заокружена со реконструкција и ревитализација на вкупно 136 километри регионални и магистрални патишта.

До крајот на 2013 се очекува да бидат завршени уште 54 локални патишта со вкупна должина од 86 километри, вредни 8,53 милиони евра, информира министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

За 2014 и 2015 година Јанакиески најави изградба на 100 локални патишта со вкупна должина од 200 километри, инвестиција од 20 милиони евра.

- Годинава се изградени 63 локални патишта со вкупна должина од 100 километри, а моментно се градат и до крајот на 2013 треба да се завршат уште 35 со вкупна должина од околу 50 километри или вкупно 150 километри во вредност од 13,5 милиони евра, нагласи директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски. 

Оваа година, додаде, се завршени и 69 километри регионални патишта, а се работат и треба да бидат финализирани уште 65 километри регионалнии магистрални патни правци или вкупно 134 километри во вредност од околу 1,85 милијарди денари. Интензивно се работи и на автопатската делница од Демир Капија до Смоквица, дел од Коридорот 10, во должина од 28 километри. Набрзо ќе почне изградбата и на автопатските делници Скопје (Миладиновци)-Свети Николе-Штип во должина од 47 километри и Кичево-Охрид во должина од 57километри.

- Ако досега се изградени автопати во вкупна должина од 262 километра, со изградбата на новите три вкупно долги 132 километра, должината на автопатската мрежа во Македонија во наредните четири до пет години ќе биде зголемена за повеќе од 50 отсто, истакна Георгиевски.