Сарачини: Странските инвестиции годинава од 200 до 250 милиони евра

Какви се вашите очекувања од почетокот на реализацијата на ТИРЗ Тетово ?

Со поставувањето на камен-темелникот на зоната Тетово се означи почетокот на реализацијата на овој комплексен проект, прв во државата по моделот на јавно-приватно партнерство.  Мене ми е посебно драго што партнерот за изградба на зоната, норвешкиот конзорциум основан само за потребата на ТИРЗ Тетово „Нормак Инвестмент Груп“ е составен од четири сериозни норвешки бизнис асоцијации, меѓу кои SIVA International Management и „Innovation Norway“, како и една американска компанија, со огромно искуство во овој тип активности, со над 100 вакви реализирани проекти во своето работење, која оперирајќи ја зоната ќе придонесе за развој на целиот Полошки регион.

Имено, покрај инвестициите во инфраструктура, фабриките и објектите со лесна незагадувачка индустрија, како и новите вработувања, развојот на  Зоната ќе овозможи влез на нови технологии, но и можност за соработка со деловните субјекти, посебно оние кои работат во тој регион. Можеби одредени етапи одеа бавно, побавно од очекуваното, но избиравме сигурни чекори за да го реализираме планираното во интерес на граѓаните. Од инвеститорот очекуваме влез на светски стандарди,  да се донесат добри компании кои ќе отворат нови работни места, да се воведат нови технологии, иновации, да се грижат за животната средина и да произведат производи конкурентни за светскиот пазар. Со тоа оваа зона ќе придонесе за зголемување на извозот.

Посебно е интересна местоположбата на зоната. Со изградбата на адекватната инфраструктура има потенцијал да привлече многу странски инвеститори, бидејќи се блиску границите со Косово, Албанија и со Србија, аеродромот во Скопје, а со патниот правец Кичево-Охрид и до охридскиот аеродром, но и до пристаништето во Драч. Не помалку е важно и постоењето на двата универзитета во Тетово, како можност за висококвалитетни и доброобразовани кадри, што претставува посебна поволност за многу инвеститори.

Според најавите од Агенцијата за странски инвестиции, при крај е потпишувањето договори за три компании од Норвешка, Албанија и Турција кои сакаат да градат фабрики, во тек се преговори со компании од САД и од Швајцарија. Како што вети директорот на „Иновејшн Норвеј“, Ерик Веле Ватне, нивната компанија ќе ги направи сите потребни напори за да се привлечат инвеститори во неа.

Кои ќе бидат придобивките од отворањето на оваа зона?

Јас прво ќе се задржам на една поглобална придобивка токму од оваа зона, односно од моделот по кој ќе се прави, јавно-приватното партнерство. Со овој проект покажавме дека можат да се најдат сериозни инвеститори кои сакаат да соработуваат на овој начин, во партнерство со државата. За нас тоа претставува олеснување, бидејќи самиот модел овозможува забрзана изградба на инфраструктурата, зголемена ефикасност, односно намалени трошоци на животниот циклус, подобра распределба на ризиците, побрза инмплементација на проектот и подобрено управување, бидејќи оваа зона нема да зависи ни од изборни процеси, ни од промена на политичка гарнитура, ни од финансиска политика на државата...

Во делот на инвестицијата и вработувањата, според финансискиот план на партнерот во зоната треба да се слеат инвестиции вредни 160 милиони евра, од кои основната инфраструктура ќе „тежи“ приближно 15 милиони евра, а придружните објекти заедно со приклучокот до автопатот и до регионалниот пат ќе изнесуваат приближно 4-5 милиони евра. Ако ги земеме превид изградените фабрики во зоната, секако во зависност од употребената технологија, проценатата вредност може да достигне околу 500 милиони евра. Во зоната е планирана  изградба на околу 25-30 индустриски комплекси, а според најавите на „Нормак“ во зоната за неколку години треба да се отворат 7.000 работни места. Покрај директните вработувања во фабриките, мора да се напомене дека ова е можност и за останатите компании во регионот, кои ќе можат да се вклучат во делот на опслужување на компании кои ќе го најдат своето место во зоната.  

Како тече реализацијата на инвестициите во малите хидроцентрали?

Во претходниот период посветивме навистина значително внимание на реализацијата на овој проект и може да се каже дека резултатите во напредокот со изградбата на малите хидроцентрали во Македонија се веќе видливи. Досега потпишавме вкупно 66 договори за концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали, чиј вкупен инсталиран капацитет изнесува 60 мегавати, со очекувано годишно производство од 230 гигават часови електрична енергија. Проценетата инвестиција се движи од 100 до 120 милиони евра.

Од вкупниот број на потпишани договори за концесија, во моментот изградени се вкупно 17 мали хидроелектрични централи, со инсталиран капацитет од 12 мегавати, за кои до сега се инвестирани над 20 милиони евра.Исто така, во моментот во изградба се уште 15 мали хидроелектрични централи со инсталиран капацитет од 16 мегавати и очекувана инвестиција од 27 милиони евра. Половината од нив се очекува да бидат завршени до крајот на оваа година, а другата половина на почетокот на 2014 година. Останатите 34 потпишани договори за концесија се во напредна фаза на обезбедување на потребните документи за добивање на одобренија за градба, со што ќе започне и нивната изградба.

Изградбата на малите хидроцентрали во Република Македонија особено позитивно влијае врз локално економскиот развој, бидејќи овозможува отварање на нови работни места за локалното население, ангажирање на локалните фирми при процесот на градење, а во буџетот на општините се слеваат дополнителни финансиски средства од концесискиот надоместок. На пример, во последниве три години по основ на концесиски надомест во буџетот е остварен приход од околу 700 милиони денари, што воопшто не е за потценување. И, најважното, со малите хидроцентрали се зголемува производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија што е во согласност со политиките на Владата за промовирање на инвестиции во чиста енергија.

Деновиве се актуелни новите тендери за минерални суровини. Како стоиме со инвестициите од концесиите во секторот рударство?

Да, деновиве се актуелни дури шест јавни повици за доделување на концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини на 53 локалитети од кои 50 локации за детални геолошки истражувања на минерални суровини и ти за експлоатација на минерални суровини. Имајќи предвид дека за секоја локација потребни се минимум 2-3 работници, за сите 50 локации ќе се отворат околу 150 нови работни места. Во  подготовка е и седмиот тендер за уште три локации.

Притоа, концесиите за детални геолошки истражувања ќе покажат со кое богатство располага државата во определените локалитети. Инвестицијата е сведена на понудениот концесиски надоместок и претставуваат потсенцијални инвестиции за оние кои ќе се одлучат на експлоатација, која пак, значи сигурна инвестиција, нови вработувања, плаќање на концесиски надоместокот по два основа и тоа за простор, како годишна давачка, и за експлоатација на минералната суровина.

Согласно измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини како новина се воведува доделувањето на концесиите за детални геолошки истражувања и експлоатација на минералните суровини да биде по пат на електронска аукција или наддавање, со што би се овозможил максимален степен на транспарентност при доделувањето на концесиите за минерални суровини.

Праксата покажа дека измените на законската регулатива во областа на минералните суровини, во насока на кратење на роковите и поедноставување на процедурите, беа најдобриот погодок за привлекување на инвестиции, особено странски, во Република Македонија. Во последниве три години склучивме дури 107 договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и тоа во 2011 година 15 концесии, во 2012 година 40 концесии и во 2013 година 52 концесии. Концесиите кои се доделени во овој период се претежно за неметални минерални суровини, термоминерални и минерални води, украсни камења и металични минерални суровини. Во Република Македонија вкупно досега се доделени 328 концесии за експлоатација на минерални суровини.

За време на истиот овој период склучивме 116 договори за концесија за детални геолошки истражувања, и тоа 40 во 2011 и по 38 во 2012 и 2013 година, од кои најмногу за неметалични минерални суровини и тоа на 76 локации.

По основ на концесиски надоместок во 2011 година се уплатени 470.072.680 денари, а во 2012 година  475.191.547 денари. До овој период годинава вкупно се уплатени средства во износ од 345.776.874 денари, од кои 78 отсто или 269.705.961 денари се приход на општините, а 22 отсто или 76.070.912 денари се приход на Буџетот на Република Македонија. Значи, општините на чија територија се врши експлоатација на минерални суровини имаат значително големи приходи по основ на уплата на концесискиот надоместок, особено оние кои имаат рудници за експлоатација на металични минерални суровини.

Од економски аспект, споредено со истиот период од минатата година во индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен бележи пораст од 6,7 проценти, што  покажува континуирана позитивна стапка на раст на производството, поради што е еден од водечките сектори од индустриското производство и со учеството од 1,5 отсто во бруто домашниот производ.

До каде се поатрактивните најавени тендери - Стогово, Тајмиште, Иловица,... и кога се очекува нивната реализација?

За локалитетот „Стогово“, Владата склучи договор за концесија за експлоатација на минерална суровина-маган со друштвото „Скопски легури мајнинг“ од Скопје. Со експлоатација на минералната суровина и изведување на рударските работи може да се отпочне откако концесионерот ќе добие дозвола за експлоатација. Концесионерот во меѓувреме треба да подготви проектната документација и да поднесе барање за добивање на дозвола за експлоатација во рок од четири години, а по добивањето на дозволата, во рок од три години да започне со работа. Притоа, оваа концесија е особено значајна за општините Дебарца, Кичево, Дебар и Струга, кои добиваат 78 отсто од концесискиот надомест. 

Што се однесува до рудникот Тајмиште во општина Зајас, деновиве се објави јавниот повик за експлоатација на минерална суровина – железо, кој ќе трае до 18 декември, а веќе следниот ден е закажано електронското наддавање. Условите за отпочнување со работа се согласно законот.

Неодамна во тој регион имавме уште една успешна инвестиција, и тоа хрватска, во делот на минералната суровина - подземна вода на локалитетот село Гари, општина Дебар. Друштвото Мали Лошињ, како дел од најавената инвестиција од 6.000.000 евра ја започна изградбата на фабрика за минерална вода, во која се најавени околу 70 нови вработувања.

Што се однесува, пак, до локалитетот Иловица, канадската компанија „Еуромакс“, специјализирана за истражување на минерални суровини, преку својата компанија регистрирана во Македонија подолго време го истражува локалитетот во општина Босилово. Во јули минатата година оваа компанија склучи договор со Владата за концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот Иловица и оттогаш практично започнаа активностите за подготовка на техничката документација и подготовка на теренот за добивање на дозвола за експлоатација. Согласно законските одредби, концесионерот има рок најдоцна до јули 2016 година да ја поднесе целокупната техничка документација за добивање на дозвола за експлоатација, што вклучува изработка на главен рударски проект, кој ќе го предвиди целиот процес на експлоатација и преработка на минералната суровина. По добивањето на дозволата за експлоатација, концесионерот има рок во наредните три години во целост да ги заврши сите предвидени работи да започне со експлоатација, иако се очекува побрзо да се завршат сите подготовки, односно да почне со работа во наредниве 5 години.

Оваа инвестиција не е значајна само за регионот, туку и за целата држава. Започнувањето со експлоатација од овој локалитет уште од самиот почеток позитивно ќе се одрази на буџетот. Се очекува со изградбата на рудникот Иловица да се вложат околу 500 милиони долари, а во целиот процес на работа да се ангажираат над 500 работници, од кои повеќето ќе бидат од стручните струки од областа на геологијата и рударството.

Дали генерално сте задоволни од приливот на странски инвестиции во земјава и кои се очекувањата за оваа и наредната година во овој сегмент?

Факт е дека странските директни инвестиции имаат приоритет во активностите на Владата и тоа од повеќе аспекти: обезбедување бескаматен прилив на капитал, внесување нова технологија, култура и менаџерство во компаниите, зголемување на конкурентноста во економијата, зголемување на извозот итн.

Во време на многу силна економска криза, каква што е актуелната, не беше реално да се очекува дека странските инвеститори ќе одлучат поинтензивно да вложуваат свои средства во региони како што е европскиот, а особено балканскиот, кои се соочени со дејството на кризата. Сепак, со задоволство ќе истакнам дека напорите на Владата вложуваат со плод. Во првите осум месеци од годинава во Република Македонија влегле 153 милиони евра, што е за 53 милиони евра повеќе од цела 2012 година. Ако до крајот се реализираат веќе најавените и прелиминарно договараните странски директни инвестиции од одредени инвеститори, може да се очекува дека до крајот на 2013 година странските директни инвестиции во Република Македонија ќе достигнат до 200-250 милиони евра.

Веќе следната година се очекува заживување на светската, а во тие рамки и на европската економија. Остварувањата на македонската економја во 2013 година се очекува да продолжат и во 2014 година со уште повисока стапка на пораст од околу 3,3 проценти. Во такви услови се очекува и странските инвеститори да го зголемат својот интерес за инвестирање кај нас. Нашите очекувања се дека во текот на 2014 година би можеле да очекуваме уште поголем прилив на странски инвестиции.

И меѓународните извештаи покажуваат дека Република Македонија секоја година напредува во оценувањето. И резултатите од најновиот Извештај на „Дуинг бизнис“ покажа дека повторно се  придвиживме нагоре на ранг листата на земји кои се предмет на опсервација од аспект на условите што тие им ги нудат на бизнис субјектите за почнување и водење бизнис, што само ја потврдува целосната реформска определеност на Владата. Значи, во креирањето на политиките, мерките и регулативата сме на вистинскиот пат, останува поактивно да поработиме на подигање на усогласеноста на регулативата со квалитетот на нејзината имплементација.