На ДУТ пуштена во употреба хемиска лабораторија

На Државниот универзитет во Тетово денеска беше пуштена во употреба лабораторија, која е 51-та по ред од проектот на Владата за отворање на лаборатории за научно-истражувачки дејности.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека станува збор за комплетно нов објект и комплетно нови современи услови.

- Лабораторијата за органска хемија и биохемија, хетероциклични соедненија и природни производи е наменета за студентите, односно нивната практична настава и искуство што се покажа дека е неопходност во текот на нивното образование. Оваа лабораторија ќе ја користат претежно студентите од природните и природно-математичките науки на ДУТ и со нејзиното отворање овој Универзитет станува еден од водечките институции во сферата на органската хемија и биохемија, рече Ристовски.

Присутни беа Сафет Незири, заменик-министер за образование и наука, ректорот Вулнет Амети и премиерот Никола Груевски кои извршија обиколка на лабораторијата и на останатите услови и објекти на Универзитетот.