Најостри казнени политики за педофилите, Македонија прва на Балканот

Во викенд-интервјуто на Курир, министерот говори за овие измени, но и за низата мерки превземени со цел децата од сите категории, во Македонија да имаат безгрижно детство.

-Пред да излезат овие предлози од страна на министерството за труд и социјална политика, имавме една широка и детална анализа врз основа на која што го анализиравме нашиот постоечки систем и казнената политика која се води во нашата држава во насока на казнување на сторителите на овие кривични дела, педофилија на малолетни лица под 14 години. Утврдивме дека просечната казна која се изрекува е околу 6-6,5 години.  Најниската казна е 4,5 години казна затвор. Поради тоа и поради фактот што повеќе европски земји и во САД веќе е воведена хемиската кастрација. Се работи за современи методи преку кои се казнуваат сторителите на овие кривични дела. Се превземаат медицински мерки преку кои се намалува сексуалниот нагон и либидото на сторителите и осудените за полов напад врз дете, истакнува министерот за Курир.

Поради ова, МТСП излезе пред Владата и даде конкретни предлози за заострување на казнената политика во нашата држава и за воведување на хемиска кастрација.

Кај основниот облик на педофилија, казната затвор наместо 8 години, се зголемува на најмалку 12 години. Кај квалификаторниот облик, за обљуба или друго полово дејствие врз дете кое не наполнило 14 години, настапила тешка телесна повреда, смрт или друга тешка последица, казната затвор беше најмалку 10 години или доживотен затвор, а сега се предвидува минимална казна од 15 години затвор до доживотен затвор.

И законот го впери прстот кон педофилите кои јавноста ги нарекува “монструми“. Македонската Влада, со овој чекор уште еднаш докажа дека грижата за децата е врвен приоритет.

 

-Преку овие мерки, пред се сакаме да обезбедиме што е можно побезгрижно детство на дечињата меѓутоа исто така и превентивно да делуваме кај потенцијалните сторители на вакви кривични дела дека од сега па натаму, навистина затворските казни ќе бидат многу поголеми,  казнените политики построги и ќе се воведе хемиска кастрација, вели Спасов.

Доколку осудениот се согласи на хемиска кастрација, затворската казна ќе се намали. Доколку педофилот го повтори делото, хемиската кастрација е задолжителна.

Делото ќе се смета за застарено кога детето-жртва ќе наполни 18 години. 

И кога Македонија прва во Балканот покажа подготвеност за овој голем чекор се чини дека земјава “ќе повлече нога“ за построги казни кон педофилите во цел регион.

Она по што земјава може исто така да биде пример, се владините политики насочени кон грижата за децата. Оние без родители не се препуштени самите на себе, туку можат безгрижно да живеат, со владина помош.

-Државата навистина покажува големо внимание за овие деца, покажува вистинска и непосредна грижа. Се реализираат крупни проекти во насока на обезбедување на понатамошен безгрижен живот на овие деца без родители и родителска грижа, односно откога ќе наполнат 18 години и ќе го напуштат домот, да не се чувствуваат осамено, напуштено и дека ги заборавила државата и Владата. Реализираме и конкретни мерки со кои им се помага на овие деца. Оваа година започнавме да го реализираме проектот Д10 односно вработување на деца со статус без родители и родителска грижа до 18 години, преку овој програм само оваа година ќе се вработат 83 лица. 33 се веќе вработени, а во завршна фаза е и вработувањето на уште 50. Така го решаваме клучното прашање во нивниот живот, прашањето со работа и наоѓање на начин за егзистенција на овие лица. На овој начин ќе се вработат во администрација и редовно ќе земаат плата, рече министерот за Курир.

 

Спасов се осврна и на другите многу важни проекти во оваа насока. Кога ќе го напуштат домот, децата еднократно добиваат 183.000 денари. Се дава парична помош на децата која ќе им помогне во студирањето. Студентите од оваа категорија, месечно добиваат 24.000 денари или 12.000 денари и парична помош за домување.

Бесплатно на летен или зимски одмор одат и децата од социјално ранливите категории.

 -Во насока на поддршка на загрозените категории на деца, дечиња од категории приматели за социјална парична помош, како и децата без родители и родителска грижа, изминативе две години го реализираме проектот за бесплатно летовање и зимовање за овие дечиња. Повеќе од 2000 деца посетија бесплатен одмор во Струга и на Пелистер, а оваа зима ќе пратиме 1000 деца на зимовање, 7 дена, полн пансион, бесплатен превоз. Како Влада и како министерство го даваме она што во тој момент не можат да им го дадат родителите од социјалните семејства. Овој проект ќе го продолжиме и наредните години затоа што наоѓа на интерес кај овие деца. Јас неколку пати ги посетував за време на летниот одмор и тие се навистина среќни, задоволни од условите. Некои за прв пат беа на одмор и езеро. Токму поради тоа проектот ќе го продолжиме оваа зима и наредното лето, со цел да им овозможиме на што е можно повеќе деца, образложува Спасов.

Грижата за децата и посветеноста кон спортот, македонската Влада ги преточи во еден проект. Бесплатни тренинзи по пливање и фудбал ќе можат да посетуваат дечињата без родители и од социјални загрозени семејства.

Министерството за труд и социјална политика на чело со министерот Спасов под своја закрила ги има и најмладите и најстарите, децата и пензионерите. Грижа, посветеност и реформи во насока на побезгрижно детство и на подостоинствена старост, ќе останат во фокусот на Диме Спасов.

Извор: „Курир.мк“