Кина и донираше на Македонија 23 автобуси за превоз на ученици

Дваесет и три училишни автобуси и донираше НР Кина на Македонија, за превоз на ученици во основните и средните училишта во општините, пред се за руралните средини. Производител е кинеската компанија „Јутонг“, која ги направи и двокатните автобуси за јавен превоз во Скопје.

Писма за примопредавање на 23-те училишни автобуси денеска во Владата потпишаа вицепремиерката Теута Арифи, која е и национален координатор за странска помош, и амбасадорот на Кина во Македонија Цуи Живеи. Наскоро ќе бидат одредени и општините кои ќе добијат автобус од кинеската донација.

Вицепремиерката Арифи истакна дека образованието и вложувањето во младите генерации е врвен приоритет на Владата и дека автобусите на многу ученици ќе им го олеснат  доаѓањето на училиште. Таа нагласи дека географската далечина не е пречка за соработка со Кина.

- НР Кина останува наш стабилен и посветен партнер во поддршка на образованието. Оваа соработка ја оправда довербата и е мост за нови проекти и иницијативи, рече Арифи.

Според амбасадорот Живеи, и оваа како и претходните донации ќе придонесе за подобрување на социјалниот живот во Македонија.  Училишните автобуси, рече тој, се пријателство на кинескиот народ кон македонските ученици. Посочи дека неговата земја во последните години има голем економски развој и настојува да им помага на многу држави во светот.

Автобусите се обезбедени со грантови во вредност од 1 милион евра. Имаат жолта боја и по 35 седишта. Претставникот на „Јутонг“ Патрик Јанг информираше дека за овој проект компанијата била избрана на јавен тендер во Кина и дека пресудно било тоа што ги исполнувала нагласените услови - автобусите имаат заштитни автоматски врати, противпожарен апарат и сигурносен појас за секое седиште. Имплементатор на проектот во Кина е националната корпорација за економска соработка со странство, а во Македонија е спроведен во соработка меѓу Секретаријатот за европски прашања при Владата на РМ и Амбасадата на Кина во Скопје.

Кина ја поддржува Македонија и во други проекти - стипендии за македонски студенти, донација на компјутерска опрема и средства за реконструкција на училишта, како ОУ „Гоце Делчев“ во Прилеп за кое во 2009/2010 додели половина милион евра.