Груевски: Кина ни е потребна за соработка и финансирање големи проекти

Самитот меѓу земјите од Централна и Источна Европа што се одржа во Букурешт е важен бидејќи нам ни е потребна соработка со Кина, која е сериозен чинител во светската економија и особено во политиката, изјави премиерот Никола Груевски во интервју за романската национална новинска агенција АГЕРПРЕС.

Како го оценувате значењето на Самитот на земјите од Централна и Источна Европа и Кина во Букурешт?

- Самитот е значаен бидејќи Кина е сериозен актер  во светската економија и што е уште поважно сериозен играч во политиката. Кинескиот солиден раст дава можност за зајакната соработка со земјите од ЦИЕ. Од друга страна ние сме земји на кои им е потребно таква соработка со толку моќна држава која може да финансира големи проекти, така што ова е вин-вин ситуација. Од тој аспект ова е мошне важен Самит.

Како ја оценувате загриженоста изразена во врска со Самитот во Брисел и пишувањата на „Фајненшл тајмс“ минатата недела?

- Не би давал какви било коментари. Тоа се однесува на американските граѓани и тоа што тие мислат за моќта на Кина. Ние сакаме да имаме добра соработка на политички и економски план со САД и Кина, не би сакале да се ставаме помеѓу нив и затоа не би коментирал за тоа.

Дали сметате дека Самитот во Букурешт помеѓу земјите од ЦИЕ и Кина е важен за Самитот ЕУ – Кина?

- Односите помеѓу ЕУ и Кина се мошне важни. Како што веќе реков, Кина е суперсила. Европската унија е исто така сила и голем играч. Затоа има интерес за соработка во двете насоки и колку што се поголеми контактите, поголеми се и можностите за соработка.

Какво е значењето на Самитот во Букурешт за деловните односи меѓу Македонија и Романија и меѓу Македонија и Кина?

- Покрај пленарните средби, јас ја искористив оваа можност за билатерални разговори со премиерите на повеќе земји претставени овде. Меѓу другите, се сретнав и со романскиот премиер. Тоа беше добра средба на која се заложив за подобра соработка, особено во областа на економијата. Ние предложивме следната година во Скопје  да организираме форум за романски и македонски бизнисмени за остварување подобра комуникација меѓу нив. Постои потенцијал за многу подобра економска соработка. Покрај тоа, со Кина пред неколку недели потпишав два големи проекта за финансирање на два автопата со преференцијална камата од 2 процента. Нивната изградба ќе започне во февруари. Едниот е меѓу Кичево и Охрид. Охридското Езеро е најпознатата туристичка дестинација во Македонија. Автопатот ќе биде долг 50 километри. Вториот автопат кој исто така ќе биде во должина од 50 километри ќе го поврзе Скопје со најважниот град во источниот дел на земјата, Штип. Нивната вредност е околу 600 милиони евра со камата од 2 процента, грејс период од 5 години и период на враќање од 20 години.

Кога ќе започне нивната изградба и кога ќе заврши?

- Компанијата потпиша договор според кој работите ќе почнат на 20 февруари следната година, а работите треба да бидат завршени во рок од три години. Тоа е многу добар договор и ние сме многу задоволни. Во моментов разговараме за други можности. Разговараме за финансираwе на хидроелектрани како таа во Галиште, потоа за изградба на друг автопат помеѓу Кичево и Гостивар кој е исто така дел од патниот правец Скопје-Охрид, за можноста од развој на технолошко индустриски области во Македонија за привлекување специјализирани кинески компании кои покажале интерес за тоа, како и за други важни проекти кои се од интерес за двете страни кинеската и македонската.

Конкретно за каков вид проекти станува збор?

- Тие покажаа интерес изминативе години за инвестирање во земјоделството каде сметаат дека постојат големи потенцијали и планираат да отворат капацитети во областа на аграрот. Интерес покажаа и за производство на цемент за што имавме и средби и разговори. Ние излеговме со конкретни идеи во однос на ова. Се разбира ним им е потребно време за да ја анализираат понудата и да донесат одлука.

Како ги оценувате последните случувања во преговорите помеѓу ЕУ и Украина?

- Украинските граѓани се тие кои треба да одлучат што понатаму. Постои добра можност за отворање на пристапните преговори. Но, тие имаат и други алтернативи. Тие треба да одлучат за тоа. Очигледно е дека постојат две различни гледања во земјата: едното кое ја поддржува опцијата за ЕУ и друго кое е против тоа. Затоа не би одел длабоко во нивните внатрешни прашања и да кажам кој е во право, а кој не. Тие се суверена земја и мора да одлучат што е најдобро за нив.