Јанакиески: Во 2013 реализирани капитални инвестиции во патната инфраструктура

Почеток на изградба на автопатските делници од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид и продолжување на активностите на автопатот од Демир Капија до Смоквица, се дел од клучните проекти во патната инфраструктура што Министерството за транспорт и врски планира да ги реализира годинава.

Договорите за изградба на двата нови автопати се потпишани минатата година и тие ќе се градат со средства од кинеската Егзим банка. Се работи за два капитални проекти со кои ќе се овозможи поголема безбедност на сообраќајот и поголем економски развој на источниот и западниот дел на државата.

- Градежните активности за реализација на овие два исклучително важни проекти се очекува да започнат во првиот квартал на оваа година, истакна денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Годинава ќе продолжи и реализацијата на автопатот Демир Капија - Смоквица кој е дел од Коридорот 10. Досега реализирани се 29 проценти од изградбата, пробиен е 50 проценти првиот тунел, а започнато е и со ископ на вториот тунел. Се очекува оваа делница да биде целосно завршена до крајот на 2016 година.

- Реализацијата на овие проекти има за цел унапредување и развој на патната инфраструктура, постигнување на стандардите во транспортниот сектор за модерен, безбеден, добро одржуван и интегриран транспортен систем, прилагоден на потребите на државата и со цел овозможување одржлив развој и пораст на економијата. Подигнувањето на квалитетот на државните патишта на ниво на автопати, ќе доведе до повисок степен на остварување на економски и социјални придобивки, рече Јанакиески.

Годинава се очекува да започне и рехабилитацијата на автопатот од Велес до Катланово во должина од 23,5 километри, а минатата година почната е рекоснтрукцијата на 13 мостови долж Коридорот 10.

Минатата година изградени и реконстриурани се и 290 километри патна мрежа од кои 14 регионални и 99 локални патишта.

Меѓу реализираните активности на Министерството за транспорт и врски во текот на минатата година се и воведувањето на електронскиот систем за одобрение за градење, изградбата и распределбата на социјални станови, намалувањето на нелојалната конкуренција во патниот превоз и обезбедувањето на дополнителни транспортни дозволи за превозниците.