Британската „Ендава“ нова инвестиција од два милиони евра и 450 вработувања

Новата странска инвестиција, британската „Ендава“ ИКТ компанија со седиште во Лондон, за развивање софтвери, во Република Македонија ќе отвори нови 450 работни места во наредните три до четири години, а во првата фаза ќе инвестира над два милиони евра. 

Џон Которел, извршен директор на британската „Ендава“, по денешната средба со премиерот Никола Груевски изрази исклучителна благодарност до Владата и другите институции и ИТ компании во земјава за поддршката и нивниот голем интерес за проширување на овој бизнис во Република Македонија.

- Од 40 градови во Европа го избравме Скопје затоа што постои брз раст на ИТ секторот, забрзаниот економски раст и високообразованиот кадар, рече извршниот директор Которел, на заедничката прес - конференција со директорот на Агенцијата за странски инвестиции Висар Фида, додавајќи оти бил импресиониран од условите кои ги нуди нашата држава, а им биле презентирани и на средба со вицепремиерот Зоран Ставревски и директорот Фида.

Скопје има голем потенцијал за ИТ секторот како резултат на јаките универзитети и високо образованата работна сила со одлични јазични вештини, смета Которел.

- Ние исто така сме охрабрени од поволната бизнис клима во Македонија и отворениот пристап на локалните власти и институции.  Сакаме да изградиме силен тим во Скопје и исто така сакаме да создадеме вредност на пазарите каде што сме присутни со тоа што ќе понудиме возбудлива кариера за искусни ИТ професионалци, преку водење на програми наменети за дипломирани студенти по ИТ, и на тој начин зголемување на нивото на знаење на пазарот, рече извршниот директор на „Ендава“

Британската „Ендава“, која работи на развој на софтвери за најдобрите 500 мултинационални компании од листата на „ФОРТУНЕ“ од банкарскиот, телекомуникацискиот и осигурителниот сектор, отвора во првата фаза дистрибутивен центар за изработка на софтвери и во Скопје. Се планира, истакна директорот Фида, и раст на инвестициите, како и нови центри во други градови како што е Штип и Тетово, места каде што има ИТ факултети.

- Компанијата веќе почна со едуцирање на првиот тим на ИТ инженери, а во наредните месец до два ќе ја постигнат првичната бројка од 10 - 15 луѓе кои ќе можат да почнат на работат на производство на софтвер, појасни Фида.

Со овој инвестициски проект, нагласи тој, очекуваме нашата земја да има корист во многу аспекти.  „Ендава“, потенцира, ќе донесе квалитет и иновативни практики во нашиот ИТ сектор, а во исто време нашите дипломирани студенти по информатичка технологија ќе имаат можност да работат за една од најдобрите британски компании во оваа индустрија.

„Ендава“, една од најбрзо растечките компании за ИТ услуги во Европа со 1500 вработени лица со полно работно време, формира центар за развој во Скопје, каде што планира да вработи 100 луѓе во наредните 12 месеци.

Седиштето на компанијата е во Лондон и со дополнителни канцеларии во Франкфурт, Њујорк, Атланта, Глазгов и Оксфорд, има докажан и успешен модел на испорака со комбинирање инженерска извонредност од нејзините локации во источна Европа со индустриска експертиза во своите целни пазари.

„Ендава“ беше ставена на списокот помеѓу првите 100 аутсорсинг компании во светот и има растечка стратегија која е фокусирана на проширување на своето присуство во Источна Европа, преку постојан раст на своите постоечки центри за развој и поддршка и преку отворање нови канцеларии. Ендава е еден од најактивните работодавци во ИТ секторот во Романија и Молдавија, каде што компанијата има центри за испорака во главните ИТ центри во регионот:   Букурешт, Кишињев, Клуж и Иаси, а компанијата неодамна беше именувана за број 1 работодавец во ИТ секторот во Романија.

Македонија е позната како најбрзо растечки пазар во ИКТ секторот во јадранскиот регион. Со 41 проценти од населението на возраст под 30 години и со зголемување на бројот на образовани млади луѓе, во Македонија процентот на дипломирани студенти по ИКТ речиси двојно се зголеми во текот на последните четири години. 

Скопје веќе има силна ИТ заедницата со 8.000 членови.  Локалните универзитети основаат јаки факултети за компјутерски науки, со нови 800 дипломирани студенти секоја година, помагајќи да се следи и поддржува брзо растечкиот ИТ сектор. Со директни летови од Лондон и добри врски преку Виена и Загреб, како и со централно европската временска зона, Скопје има идеална местоположба за испорака до клиентите од пазарите на Западна Европа и Северна Америка.

Ендава е приватна компанија за ИТ услуги основана во 2000 година.  Со над 1.500 редовно вработени лица, Ендава во моментов има 11 локации во Велика Британија, САД, Германија, Романија, Молдавија и Македонија, како и годишен приход од над 40 милиони фунти (50 милиони евра).