Енергетски сектор

Стратешките определби на Владата ја поставуваат енергетиката како еден од носечките столбови за одржлив развој и раст на македонската економија. Во таа насока Владата и во следниот период  ќе   се залага  за обезбедување на енергетска   стабилност   преку континуирано  инвестирање  во  енергетски  производствени  капацитети  и изградба  на квалитетна дистрибутивна мрежа, подобрување на законската регулатива и унапредување на  условите  на  пазарот  на  енергија. При реализација на проектите за развој  на енергетскиот  сектор  особено внимание ќе се посвети на заштита, унапредување и зачувување на животната средина за сегашните и за идните генерации.

Во следниот период Владата ќе работи на обезбедување диверзификација на изворите на енергија преку изградба на хидроенергетски проекти, вклучување на Република Македонија во меѓународните коридори за снабдување со гас  и изградба на гасификационата мрежа, изградба на ветерен парк, искористување на соларната енергија, изградба на  нови  рудници и др. Во таа насока остануваме фокусирани на развојот на енергетските, економските, организационите, институционалните, законодавните и образовните димензии на  енергетскиот сектор во делот на производството, дистрибуцијата и користењето на енергијата. Сето ова, ќе се стремиме да го реализираме преку следните проекти и активности кои се поделени во неколку области:

 

Рударски и термокапацитети

Владата и во наредниот мандат главен акцент ќе посвети на експлоатација на постојните рудници на лигнит како и заокружување на веќе започнатите активности за отворање на нови  рудници.  Поради   поповолните  техно-економски  карактеристики,  приоритет  во следниот четиригодишен период ќе дадеме на реализација на следните проекти:

· ПК Подинска јагленова серија – Суводол со што ќе се овозможи дополнителна експлоатација на 50 милиони тони јагленова руда (2014-2015)

· Рудник за јаглен Живојно со кој ќе се продолжи животниот век на ТЕЦ Битола преку обезбедување на 21,4 милиони тони јагленова руда со подземна експлоатација (2014-2020)

· Искористување на локалните наоѓалишта на јаглен во Берово, Делчево и Ресен – во периодот 2015-2018 година ќе се пристапи кон изработка на елаборати и детални геолошки истражувања  врз основа на што ќе се донесе одлуката за отворање на рудниците

· Ревитализација и модернизација на Блокот 1 во ТЕЦ Битола (до крајот на 2015)

· Ревитализација и модернизација на ТЕЦ Осломеј (2016-2020)

· Топлификација на Битола, Могила и Новаци - во фаза на изработка е основен и инфраструктурен проект по што ќе започне изградбата на вреловодната станица во РЕК  Битола  и  изградба  на  топловод  и  топловодна  мрежа.  Ќе  се  разгледа  и можноста за јавно приватно партнерство или концесија за изградба и стопанисување  само на дистрибутивната мрежа, во рок не подолг од 30 години. (2015-2017)

 

Изградба и ревитализација на хидролектрични централи

За искористување на хидроенергетскиот потенцијал со кој располага Република Македонија,  во следниот период ќе се реализираат следните проекти:

· Изградба  на  ХЕЦ  Бошков  Мост  со  што  ќе  се  обезбеди  просечно  годишно производство на електрична енергија од 115 GWh (јули 2014-2018)

· Акумулација „Луково Поле“ - во тек е изработка на Студија за влијанието врз животната  средина  и  доколку  Студијата  даде  позитивна  оценка  за  проектот  ќе започне  изработката   на   Основниот   проект,   при   што   ќе   се   имаат   предвид меѓународните  договори, а реализацијата се очекува да започне во средината на 2015 година (за реализација на проектот се потребни 4 години)

· Ревитализација  на  шесте  постојни  хидроелектрични  централи  (II  Фаза)  -  ХЕЦ Шпиље, ХЕЦ  Глобочица, ХЕЦ Тиквеш, ХЕЦ Вруток и ХЕЦ Врбен со што ќе се обезбеди дополнително просечно производство на електрична енергија од 50 GWh (јуни 2014)

· Зголемување на моќноста на ХЕЦ Шпиље (2017–2018)

· Зајакнување  на  стратешката  позиција  на  ЕЛЕМ  -  во  следниот  четиригодишен мандат, Владата ќе реализира активности за привлекување на домашни и странски инвеститори кои ќе го зголемат капиталот на ЕЛЕМ преку учество во проекти со јавно приватно  партнерство  или  joint  venture.  Исто  така,  ќе  биде  анализирана можноста и за докапитализација на ЕЛЕМ, најмногу до 49% од капиталот.

· Комбинирана термоелектрана–топлана „Енергетика“ – проектот ќе се реализира преку  еден  од  следните  три  модели:  1)  самостојна  инвестиција  на  ЕЛЕМ;  2) инвестиција од приватен партнер преку моделот на концесионирање; или 3) јавно приватно партнерство помеѓу ЕЛЕМ и приватниот партнер (2017-2019)

· Рудник за јаглен Мариово и нова термоелектрична централа во Мариово – проектот ќе се реализира преку еден од следните три модели: 1) самостојна инвестиција на ЕЛЕМ; 2) инвестиција од приватен партнер преку моделот на концесионирање; или 3) јавно приватно партнерство помеѓу ЕЛЕМ и приватниот партнер (2017-2021)

· Пумпно-акумулациона  хидроелектрична  централа  „Чебрен“-  проектот  ќе  биде реализиран  како  јавно приватно партнерство, односно како заедничко вложување на државната компанија ЕЛЕМ и приватен инвеститор (2015-2022)

· Нови  можности  за  развој  на  ТЕЦ  Неготино  –  ќе  се  разработи  проект  за отпочнување со работа на ТЕЦ Неготино на начин што ќе ја направи електричната енергија  произведена  од  оваа  централа  конкурентна  на  пазарот  на  електрична енергија. Реализацијата на проектот ќе биде понудена како: 1/ концесија, 2/ јавно приватно партнерство помеѓу ЕЛЕМ и приватен  инвеститор, или 3/ самостојна инвестиција на државата (2015-2022)

 

Обновливи извори на енергија

За поголемо искористување на потенцијалот за производство на енергија од обновливи извори во наредниот 4 годишен период ќе се реализираат следните проекти:

· Парк на Ветерните електрани Богданци (I фаза) (мај/јуни 2014)

· Парк  на  Ветерните  електрани  Богданци  (II  фаза)  -  ќе  се  направат  анализи  за можностите  за  реализација  на  втората  фаза  од  проектот  преку  јавно  приватно партнерство, преку концесија или како самостојна инвестиција на државата (2015-2017)

· Искористување  на  водниот  потенцијал  за  изградба  на  мали  хидроелектрични централи преку понуда на неколку пакети на локации на приватни концесиониери по претходно изготвени студии за исплатливост (2014-2018)

· Искористување  на  сончевата  енергија  за  производство  на  електрична  енергија преку  создавање  услови  за  целосно  реализирање  и  склучување  на  договори  за откуп на електричната  енергија од фотонапонските електрични централи (2014–-2018)

· Искористување на биомасата и биогасот за производство на електрична енергија преку обезбедување услови за реализирање и склучување на договори за откуп на електричната енергија од електрични централи кои како енергенс користат биомаса и биогас (2014-2018)

· Искористување   на   геотермалната   енергија   преку   издавање   на   концесии   за користење   на   геотермалната   вода   и   воведување   на   повластена   тарифа   за откупување  на електрична  енергија  од централи  кои како  енергенс  ја користат геотермалната енергија (2014-2018)

· Субвенции  за  инсталирање  на  топловодни  сончеви  системи  во  домаќинствата (континуирано)

Енергетска ефикасност и системски подобрувања

Во следниот периодот Владата ќе продолжи да работи на зголемување на енергетската ефикасност преку реализација на следните проекти:

· Формирање Фонд за енергетска ефикасност кој ќе придонесе кон подобрување на енергетската  ефикасност на објектите во јавниот сектор, со што ќе се заштеди енергија, ќе се креираат нови работни места и зачуваат природните ресурси (2015- континуирано)

· Градење на капацитети за воспоставување на енергетски менаџмент на локално ниво и следење на енергетските политики на општинско ниво (2014–2016)

· Подобрување на ефикасноста на пазарот на електрична енергија (2014-2017)

· Воспоставување на државен Институт за енергетика (2014)

· Стипендирање на студенти на насоките за енергетика (2014-2018)

 

Развој на преносниот електроенергетски систем

Ќе продолжиме да ја зајакнуваме преносната и интерконективна високонапонска мрежа како и системите за управување со цел да обезбедиме сигурно снабдување со електрична енергија. Ќе ги завршиме следните започнати проекти:

· Изградба на 400 kV интерконективен далекувод Штип (Р. Македонија) – Ниш (Р.Србија) (со 400 kV поле во ТС Штип) (втората половина на 2015)

· Изградба на двосистемски 110 kV далекувод ТС Битола 3 - ТС Битола 4 (септември 2014)

· Реконструкција на 110 kV далекувод Скопје 1 – Тетово 1 со 110 kV поле во ТС Југохром  (втора половина на 2015)

· Реконструкција на 110 kV далекувод ТС Скопје 1 – ТС Куманово 1 (2014)

· Набавка и инсталација на нов SCADA/EMS систем за потребите на Националниот диспечерски  центар,  резервен  диспечерски  центар  и  маркет  менаџмент  систем (2014)

· Набавка  и  инсталација  на  системи  за  автоматизација,  управување,  заштита  и сопствено напојување во 9 трансформаторски станици (2014)

· Набавка и монтажа на нов 400/110 kV енергетски трансформатор со авторегулација (ТС Скопје 1/5) (2014)

· Разграничување на преносната и дистрибутивната електроенергетска мрежа (2014) Покрај започнатите активности, со цел за понатамошен развој на преносниот електроенергетски систем на Република Македонија, во наредниот четиригодишен период АД МЕПСО ќе започне со реализација и на следните нови проекти:

· Изградба на 400 kV интерконективен далекувод ТС Битола 2 (Р. Македонија) – ТС Елбасан (Р. Албанија) и 400/110 kV трафостаница во Охрид (2017-2019)

· Изградба на втора 400 kV интерконективна врска со електроенергетскиот систем на Р. Косово во должина од 19 километри (2018)

· Реконструкција на осум 110 кV далекуводи постари од 40-50 години (2015-2018)

· Набавка и инсталација на примарна опрема (2014-2017)

· Далечинско следење, видео надзор и управување на трафостаниците (2015-2017)

· Поставување   на  оптички  кабел   во  преносната   мрежа   и  нејзино  комплетно затварање во оптички прстен (2015-2018)

· Реконструкција и ревитализација на ТС Дуброво (2015-2017)

· Електрификација на села (2015-2018)

 

 

Гасификација на Република Македонија

По изработката напроектната документација за петте магистралните правци на територија на Република Македонија, делница 1 Клечовце–Штип–Неготино во должина од 96,65 км, делница 2 Неготино–Прилеп–Битола во должина од 91,70 км, делница 3 Штип–Радовиш–Хамзали  (Република  Бугарија)  во  должина  од  59,96км,  делница  4 Хамзали–Стојаково (Р.Грција),  во должина од 50,39 км, делница 5 Скопје–Тетово–Гостивар со можност за поврзување со Кичево во должина од 110 км, се отворија можностите за изградба на Националниот гасификационен систем на Република Македонија.

Делницата од  Клечовце–Блок  станица  5,  Штипско,  ќе  се  реализира  во  согласност  со Законот за  реализација на инфраструктурен проект за изградба на магистрален гасовод, Делница Клечовце–Блок станица 5, Штипско, кој беше донесен врз основа на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за регулирање на обврските на поранешниот СССР. Во тек е постапка за склучување на договор по кој се очекува да почне изградбата.

Во периодот  до  2018–2019  година  се  предвидува  изградба  на  останатите  делници  од приоритетниот  магистрален правец како прва фаза, а преостанатиот дел од целокупната мрежа на гасоводот од околу 450 км се предвидува во втора фаза во периодот од 2017-2022.  Зависно  од  прогресот  во  реализацијата  на  меѓународните гасоводни  системии нивната  изградба  во  регионот,  ќе  преземеме  активности  за  поврзување  на  Република Македонија кон овие гасоводи.

Се  очекува  најдоцна  до  почетокот  на  2015  година  да биде  склучен  договор  за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување,  одржување  и  развивање  на  дистрибутивниот  систем  на  природен  гас  во регион   1,   Скопски   регион. Во   2014   година   ќе   бидат   објавени   јавни   повици   за воспоставување на јавно приватно  партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување,  одржување  и  развивање  на  дистрибутивниот  систем  на  природен  гас  во останатите региони во Република Македонија.

 

 

Минерални суровини

Во насока на унапредување на можностите и условите за експлоатацијата на минералните суровини во следниот период ќе се реализираат следните проекти:

· Изготвување на два посебни закони во делот на минералните суровини и тоа Закон за геолошки истражувања и Закон за рударство (октомври 2014)

· За   минералните   суровини   добра   од   општ   интерес   (металите,   неметалните минерални  суровини и подземните води) предвидено е воведување на планирање во истражувањата и  експлоатацијата на минералните суровини преку анализа и оценка на   досега истражените   минерални   суровини,   ниво на истраженост, веродостојност  на  резерви  и  економски импликации  во  однос  на  постојната законска регулатива

· Доделување на 10 концесии за проспекциски истражувања од кои 5 концесии за истражување  на  гасови,  јаглеводороди  (нафта)  и  друго  во  Охридско-струшкиот басен, Пелагониски басен, Тиквешки басен, Струмички басен и Овчеполски басен и 5 концесии за нови наоѓалишта на металични минерални суровини во источниот централниот и западниот дел на државата (почеток на постапката во јуни 2014)

· Доделување  на  минимум  30  концесии  за  експлоатација  на  украсен  камен  и останати неметалични минерални суровини (2014-2018)

· Отворање  на  нови  рудници  за  експлоатација  на  металични  минерални суровини. Во наредниот период од 4 години, доколку нема нова надворешна криза во Европа и светот, се  очекува да се отворат следните рудници: 1/ Стогово (мај 2014); 2/ Тајмиште (прва половина од 2016); 3/ Иловица (2016-2017); 4/ Плавица (Црн врв) (2017); 5/Казандол (2017); 6/ Луке–Тораница (2016); 7/ Лојане–Липково (2017); 8/ Саса Македонска Каменица (крај на 2014); 9/ Боров Дол–Конче (крај на 2017)

· Искористување  на  техногените  минерални  суровини  (јаловишта  во  Пробиштип, Лојане, троската  од топилницата во Велес и други). Доколку има заинтересирани компании, овие концесии ќе се доделат во јуни–јули 2014 година

· Развој  на  проекти  за  искористување  на  енергија  од  карпи  и  создавање  на петротермална енергија (2014-2018)

· Бенефиции  и  поттикнување  на  преработка  на  минералните  суровини  преку концесиски олеснувања за отворање на нови погони за финална преработка

Симнете ја програмата во PDF