Фондот за иновации ќе поврзува субјекти со меѓународни организации за финансирање проекти

Информираме дека вчера (четврток, 13.03.2014 година) во Владата на Република Македонија се одржа седумнаесеттата  седница на Комитетот за претприемништво и иновации со која претседаваше премиерот Никола Груевски. На седницата присуствуваа и меѓународни експерти од областа на претприемништвото и иновациите и притоа разменија искуства и мислења со своите македонски колеги, професори и владини функционери.

На седницата се презентираа тековните активност на Фондот за иновации и технолошки развој како институција и средство за зголемување на иновацискиот и претприемничкиот потенцијал на македонската економија. Беше разгледуван нацрт правилникот за работа на Фондот, при што беше заклучено истиот да се финализира по добивањето на мислење за неговата структура од страна на меѓународните финансиски институции со кои соработува нашата држава и по коментарите на меѓународните експерти од областа на иновациите со кои се развива оваа институција.

Комитетот го разгледуваше и напредокот на реализацијата на Стратегијата за иновации, при што беше заклучено дека таа досега се реализира согласно предвидениот план и динамика.

Посебен акцент беше ставен на можностите за искористување на меѓународните извори на средства во врска со финансирање на проекти од областа на иновациите и претприемништвото, и тоа од страна на институциите но и на приватниот сектор во државата. Во оваа насока, беше утврдено дека Фондот за иновации и технолошки развој треба да подготви програма преку која ќе обезбеди советодавна и логистичка помош за поврзување на заинтересираните субјекти со меѓународните организации кои финансираат ваков вид на проекти, по што истата ќе се разгледува на владина седница.

Исто така, се анализираа можностите за поддршка на македонските компании и иноваторите преку предвидените инструменти за поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој наменети за зајакнување на иновацискиот потенцијал, бројот на иновации, успешноста и реализацијата на тие иновации и подобрување на претприемништвото.

Не седницата се разгледуваше и компаративната анализа од европските земји за модалитетите за унапредување на соработката и партнерствата меѓу универзитетите и фирмите. Беа истакнати неколку препораки и предлози за креирање на форми на соработка кои треба да бидат разгледувани од страна на Владата.

На седницата присуствуваа и претставници на Сојузот на здруженијата за техничка култура на Македонија и Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија кои ја претставија работата на овие организации и ги презентираа своите идни планови и проекти.

Исто така, во рамките на седницата д-р Лилјана Симјановска, ембриолог во болница и иноватор во Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија, пред членовите на Комитетот го презентираше својот успех, кој го постигна за време на четвртото биенале на Меѓународната европска мрежа на жени пронаоѓачи и иноватори (EUWIIN), кога освои специјална награда за иновацијата Инкубатор со уред за директно контролирано јонизирање на воздух.