Јанакиески: Обнова на уште 100 локални патишта

Во текот на оваа и наредната година ќе продолжи обновата на локалните патишта. Предвидена е реконструкција на повеќе од 100 патишта со должина од над 200 километри, изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Целата програма за обнова на локалните патишта, нагласи Јанакиески, треба да заврши во 2015 година.

- Во периодот 2010-2013 на територијата на РМ се изградени 288 локални патишта, односно реконструирана или целосно изградена е вкупна мрежа од 566 километри. Никогаш претходно во земјава не се инвестирало толку во делот на локалната мрежа, рече министерот Јанакиески, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Велес.

Со велешкиот градоначалник Славчо Чадиев извршија увид во текот на градежните работи на локалниот пат Мумутчево-Иванковци во реонот на Велешко.

Според Јанакиески, патот Мамутчево-Иваноковци, што е изграден во 1976 година,  бил во најлоша состојба во државата, а се гради на барање на 2.000 жители од двете населени места. - Задоволен сум од текот на градежните работи, од кои преостануваат да се доизгради односно доасфалтира уште 1,5 километри од патот. Очекуваме согласно потпишаниот договор, динамиката на работа на изградба на патот да заврши некаде во мај, а со тоа да добиеме модерен реконструиран пат во должина од околу 10 километри, со вредност од 750 илјади евра, средства кои ги обезбеди Владата на Република Македонија, рече Јанакиески.

Градоначалникот на Велес Чадиев информира дека освен жителите на селата Мамутчево и Иванковци изградбата на патот ја барале и жителите од соседното село Кумарино.

Во преговори се со Министерството за транспорт и врски за изградба и на локалниот пат кон селото Сливник. - Со тоа завршувеме целосно со реконструкција на сите патишта во велешко, потенцира Чадиев.