Јанакиески на одбележување на првата пруга: Со воз во Бугарија до 2022

Железничко поврзување со Бугарија до 2022 година и подобрување на комплетната инфраструктура во железницата, најави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на одбележувањето на првата пруга од Солун до Велес и 141 година од Македонските железници.

Честитајќи им го јубилејот на вработените во Железници, Јанакиески рече дека интенција на Владата е во 2022 година да стане реалност железничкото поврзување со Бугарија. 

- 141 година е период за почит, но моја и желба на Владата е во 2022 година да започне движењето на воз меѓу Македонија и Бугарија. Тоа е проект којшто веќе е започнат со реализација. Започната е изградбата на првата делница од Куманово до Бељаковце, а обезбедуваме средства и за останатите две делници, рече Јанакиески на официјалното отворање на дводневните спортски игри што се организираат по повод 141 година Македонски железници.

Говорејќи за инвестициите во железницата, Јанакиески најави дека до крајот на годинава треба да започнат и градежните активности за изградба на делницата од Битола до Кременица.

-  До јуни или јули очекуваме да стигнат понудите, по што ќе следува склучување на договор и кон крајот на годината да започнат градежните активости кои треба да се одвиваат во рок од 24 месеци. Тоа е инвестиција од околу 20 милиони евра, рече Јанакиески.

Во делот на набавката на вагоните, Јанакиески очекува следната година возиот парк на МЖ-Транспорт да биде обновен со нови патнички вагони.

- На 14 овој месец ќе се достават финансиските понуди за набавка на нови сет-вагони во делот на патничкиот сообраќај. Очекувам тие да бидат добри и квалитетни, по што ќе следи склучување на договор и следната година АД Транспорт да биде обновен со нови вагони што ќе значи побезбедно патување и подобри услови за патниците, потенцира Јанакиески, додавајќи дека за неколку месеци треба да пристигнуваат и товарните возови.

Како дел од инвестициите се и реконструкциите на делниците на Коридорот 10, инвестиција вредна од околу 18,6 милиони евра.

Во 1873 година за првпат била пуштена во фунцкија пругата Солун - Велес. Истата година завршила изградбата на првата железничка пруга во Македонија, меѓу Солун и Скопје и на железничката станица во Скопје пристигнал првиот воз.