Јанкулоска: Со елиминирање на предрасудите во борба против говорот на омраза

Елиминирањето на сите наметнати, лажни стереотипи што се користат како подлога за создавање национална верска или друга нетрпеливост меѓу младите е од клучно значење во борбата против говорот на омраза, заклучи денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

На работилницата на тема „Говорот на омраза меѓу младите-моментална состојба и предизвици“, министерката Јанкулоска нагласи дека елиминирањето на тие предрасуди е прв и најважен чекор што гарантира успех во борбата против говорот на омраза.

- МВР посветено ги следи сите дефинирани приоритети на Владата, а тие се одлучно и бескомпромисно елиминирање на причините за таквото социо-девијантно однесување, негово детектирање и превенирање со цел првенствено да ги заштитиме младите создавајќи здрав општествен амбиент, каде примарни ќе бидат почитувањето, разбирањето, прифаќањето и негувањето на различностите, рече Јанкулоска.

Говорот на омраза чија суштина содржи нетрпеливост, нетолерантност, исклучивост, шовинизам, насочени кон оној што е поинаков од нас и различен, независно дали се работи за етничка, религиозна, социолошка и друга различност, според министерката, по својата природа е деструктивен феномен што најчесто ја таргетира младата популација.

- Тоа е посебно воочливо во времето во кое денес живееме, динамично, каде социјалните мрежи и интернетот ја максимизираат достапноста до сите информации, но колку што се достапни информациите, толку се достапни и дезинформациите. МВР согласно надлежностите јасно и недвосмислено ја декларира позицијата за нулта толеранција и превенција на говорот на омраза кај младите. Досега успеавме во она што е наша надлежност успешно да ги предупредиме, алармираме, неутрализираме повеќе обиди или тенденции за посериозно инструментализирање на говорот на омраза во некои несакани правци, нагласи Јанкулоска.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески истакна дека кампањата „Говорот на омраза меѓу младите-моментална состојба и предизвици“ е насочена кон младите од 13 до 30 години и не треба да се сфати како лимитирање на слободата на говорот.

- Напротив, нејзината цел е преку активности да се подигне свеста за говорот на омраза на интернет со сите свои ризици за демократијата и младите, да ги поддржи младите во борбата за човекови права, онлајн и офлајн и конечно да се намали нивото на прифаќање на онлајн говорот на омраза. Кампањата мошне брзо стана препознатлива меѓу младите во нашата држава и преку досегашните активности не само што придонесовме за подигање на свеста кај младите за последиците од дискриминацијата и говорот на омраа, туку истовремено посветено работевме на градење мрежа на организации и институции, но и млади активисти против овие негативни појави, додаде Спасески.