Нова инвестиција со 5.000 вработувања најави премиерот Груевски

Турската компанија „Веибо груп“ ќе реализира инвестиција од 400 милиони долари во Македонија со нови 5.000 работни места, најави премиерот Никола Груевски.

Одлуката за оваа инвестиција ја објави денеска турската компанија, која ќе отвори свои капацитети во североисточниот дел од земјата. Компанијата се занимава со производство на кошули, костуми, палта, јакни, панталони. Производството ќе се пласира на пазарите во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија, Италија, Шпанија, Кина, Јужна Кореја и Јапонија.

- Нашата првенствена задача како Влада и политичари е подобрување на стандардот на граѓаните. Мој личен фокус беше и останува раст на економијата и отворањето нови работни места. Исклучително се вредни миговите кога се прават конкретни резултати на тој план, рече премиерот Груевски.

Првичната инвестиција ќе биде 180 милиони долари, а во рок од пет години вкупните инвестиции во Македонија ќе бидат 400 милиони долари. Во рок од пет години се очекува извозот да достигне 600-800 милиони долари.

Планот на „Веибо груп“, наведе Груевски, е да отворат ткајачница, предилница, фарбара што ќе значи враќање на базичниот текстил во Македонија, што изумре во транзицијата. 

- Планираат да градат свои капацитети на околу 40.000 хектари. Планираат, исто така, за пет години да инвестираат 400 милиони долари. Почетната инвестиција ќе биде 180 милиони долари. Во последниот квартал од оваа година ќе почне изградбата на фабриката, а ќе биде оперативна следната година. Тие практично ќе станат најголем работодавач во Македонија бидејќи планираат да вработат до 5.000 луѓе. Тоа е огромна бројка и планираат да се стационираат некаде во североисточна Македонија на потегот меѓу Крива Паланка, Ранковце, Куманово и Кратово затоа што сакаат да привлечат вработени од сите овие општини, појасни Груевски.

 Тој нагласи дека компанијата планира да ги реализира 5.000-те вработувања во рок од 4 години, но и оти ќе се отворат уште 1.000 до 2.000 индиректни вработувања.

- Ќе има потреба од различни сервиси, одржувања, набавка на храна за работниците, набавка на различни други работи, делови, шрафови и се друго што ќе им биде потребно за производството. Тие нема ништо друго да произведуваат освен базичен и конфекциски текстил. Се друго ќе набавуваат од Македонија, ќе имаат свои бизнис-партнери во Македонија, така што според некои пресметки мислам дека уште најмалку 1.000 до 2.000 вработувања. Дефинитивно ќе стане збор за најголем работодавач во Македонија. Сега најголем работодавач е „Дрекселмаер“ со 4.000 вработувања, а во иднината очигледно ако не се појави некој друг што ќе биде поголем, најголем работодавач ќе биде „Веибо груп“, рече Груевски. 

Контактите со „Веибо груп“ почнале од минатата година, а првичниот контакт бил преку министерот без ресор Хади Незир, по кој во преговорите подоцна се вклучиле директорот на ТИРЗ Виктор Мизо и вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски.

 Според Груевски, клучна за привлекување на инвеститорите е одличната бизнис клима, а активностите за привлекување инвестиции почнале да резултираат со олабавување на светската економска криза. Премиерот потсети дека пред три недели две компании од Германија објавија инвестиции во Охридско-струшкиот регион, едната со 1.000 вработувања, а втората со 800 вработувања, а италијанска компанија најави изградба на фабрика во близина на Скопје со директни 200 вработувања. Инвеститор на холандската компанија што се гради во Кочани најави уште 100 вработувања, а и грчки инвеститор најави изградба на откупен центар во Гевгелија каде ќе инвестира 6 милиони евра. Груевски ги наброја и најавите за инвестирање од компанијата КСС во Кичево, со 1.000 вработувања, како и од украинска компанија за производство на пречистителни станици и договорот за стратешко партнерство на Тутунскиот комбинат Прилеп со компанијата „Филип Морис“.

Категорија: