Конференција на тема „Систем на компетенции во државната служба“

Отворањето дискусија за најдобрите европски практики  во управувањето со човековиот капитал во државната администрација е основата цел на третата годишна конференција на Мрежата на сектори/одделенија за управување со човечките ресурси во државната служба на тема „Систем на компетенции во државната служба“, што денеска се одржува во Скопје.

Конференцијата, предводена од Министерството за информатичко општество и администрација со поддршка од Британската амбасада во Македонија, е наменета за пренесувањето на британсктие искуства во делот  на управувањето со човечки ресурси во јавната администрација од страна на претставниците на Националната школа на Велика Британија и Северна Ирска.

Поделена е на три тематски целини, од кои првата е за лидерството и управувањето во државните служби, втората за системот на управување заснован на компетенции и третата за новините од Законот за државни службеници.

-  Јавната администрација секаде во светот, па и кај нас се соочува со постојани притисоци и предизвици да иновира и да ја подобрува својата ефикасност и ефективност. Ова го прави преку изнаоѓање на нови начини за подобрување на квалитетот во  работењето, вклучувајќи ги и начините како да создаде визија за промени кои треба да се остварат, рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на отворањето на конференцијата. 

Тој посочи дека градењето на ефикасна, модерна и транспарентна  државна служба која ќе обезбеди висок квалитет во работењето е една од клучните определби на Владата на Република Македонија.

- Мојата визија е да изградиме сервисно ориентирана професионална администрација со современи информациски технологии во функција на просперитети квалитетен живот на граѓаните на Република Македонија, ослободена од политичките влијанија. Администрација која ќе биде отворена, чесна, доверлива и одговорна кон граѓаните, а стручна и професионална за оние кои работат во неа со услуги достапни за секого без било каква дискриминација со промовирање на начелата на еднаквост, еднакви можности и фер третман, рече министерот Ивановски.

Грижата за луѓето, нивниот развој и перформанси, отвореноста и заемната почит, поттиккувањето на иновации и креативност, подобрувањето на меѓусебната комуникација и координација, но и комуникацијата со граѓаните и споделувањето на новите практики, нагласи, се вредност кои мора да се практикуваат и кои ќе придонесат за подобрувањето на јавната администарција.

- Воведувањето на признаени меѓународни методи за оценка и подобрување на квалитетот на работа и управувањето се исклучително важен чекор во административните реформи, праша Ивановски и се заблагодари за британската поддршка  на иницијативите за модернизација на државната служба во земјава.

Амбасадорот на Велика Британија и Северна Ирска Кристофер Ивон истакна дека неговата земја е голем поддржувач на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и оти му е многу мило што токму британската администрација била избрана за партнер во проектот за унапредување на јавната администрација во Македонија. 

- Ние во Велика Британија немаме совршен систем на јавна администрација, но мислам дека имаме исклучително добри практитки од секојдневниот живот што ќе ги споделиме со вас. Нашите обучувачи не можат да ви кажат што е најдобро за вас бидејќи тоа треба вие сами да го оцените. Ќе ви презентираме и некои наши грешки за да не ги повторите, а има и некои добри практики кај вас од кои можеме и ние да научиме, им порача амбасадорот Ивон на учесниците на конференцијата.

Тој рече дека поддршката на јавната администрација сама по себе ќе помогне и ќе ги мотивира луѓето од администрацијата и ќе им овозможи добро да ја вршат својата работа, но и да добиваат задоволство од работата.

Ивон, кој, како што рече, и самиот е дел од британската администрација им пренесе и дел од своите искуства во обуката и раководењето со администрацијата.