Премиерот Никола Груевски се сретна со делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (четврток, 10 јули 2014 година) оствари средба со делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа составена од г-дин Стефан Шенах и г-дин Роберт Валтер.

На средбата позитивно беа оценети досегашните заложби за исполнување на критериумите за членство во Европската Унија, како и соработката која се остварува со Парламентарното собрание на Советот на Европа во насока на реализацијата на зацртаните цели.

Соговорниците се осврнаа на повеќе актуелни теми и прашања кои се во насока на подобрување на стандардите, градење на доверба и унапредување на интегративните процеси. Беше разговарано за формите и можноста за искористување на механизмите кои ќе придонесат за поинтензивна соработка во остварување на стратешките цели на државата.

Премиерот Никола Груевски посочи дека Владата на Република Македонија останува посветена на реализирање на програмата и проектите кои се од интерес за граѓаните. Тој истакна дека главен приоритет е подобрување на животниот стандард, економското зајакнување и придвижување на интегративните процеси, за што е потребен и се очекува ангажман од сите чинители кои може да го помогнат тој процес.

Премиерот Груевски се осврна и на дијалогот со опозицијата при што искажа отвореност за разговори за сите разумни и делотворни прашања кои ќе овозможат напредок на државата и се исклучиво во интерес на граѓаните. Тој истакна дека успехот на тој процес зависи од сите страни, како и од подготвеноста отворено да се разговара за предизвиците.

Од страна на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа беше истакната поддршката на интегративните процеси на државата и членството на Република Македонија во ЕУ. Тие упатија честитки до премиерот Груевски и неговата Влада за изборниот успех и формирањето на новиот владин состав. Преставниците на делегацијата изразија подготвеност активно да придонесат во процесот на исполнување на критериумите, како и благодарност за отвореноста на Владата за соработка на тој план.