Владата нуди нова можност невработените да започнат бизнис

Почитувани,

Стратешки приоритет на Владата на Република Македонија е реализација на политиката на отворање на нови работни места и вработување на граѓаните. За оваа цел се спроведува поширока палета мерки и активности, како што се подобрување на условите и можностите за бизнис заедницата за отворање на нови работни места, привлекување на странски компании да отворат капацитети во нашата земја и да отворат нови работни места, и реализација на оперативните мерки, активности и планови за вработување на граѓаните.

Токму за оваа последно спомената област, сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување во текот на следната недела ќе објават оглас во кој ќе бидат содржани повеќе мерки и можности за давање на финансиска помош од страна на држава во форма на евтини кредити, со помош на кои невработените лица ќе можат да започнат бизниси и да се вработат, или пак во веќе постоечки претпријатија да се отворат нови работни места.

Генерално, самиот оглас ќе содржи две категории, и тоа Самовработување со кредитирање, и Кредитирање на микро и мали претпријатија за отворање на нови работни места.

Првата категорија Самовработување со кредитирање, во суштина претставува можност невработените лица кои се на евиденција на Агенцијата за вработување макар 1 ден пред распишување на огласот, да можат да добијат евтин кредит за да отворат бизнис, или пак да се здружат повеќе невработени лица и да добијат кредит за да отворат бизнис.

Во рамките на оваа категорија постојат три можни варијанти.

1.За основање на бизнис од мал обем, можат да се здружат најмногу 3 лица и да работат во рамките на тој бизнис, што значи да се отворат 3 нови работни места. Притоа за секое новоотворено работно место ќе добијат кредитни средства во висина од 3000 евра, или максимум 9000 евра за сите 3 работни места. Рокот на поврат на средствата од кредитот е 3 години, со вклучен грејс период од 1 година и каматна стапка од 1 процент на годишно ниво.

2. За основање на бизнис од поголем обем, можат да се здружат најмногу 5 лица и да работат во рамките на тој бизнис, што значи да се отворат 5 нови работни места. Притоа основниот кредитобарател може да добие 5000 евра кредитни средства, а за секое од останатите 4 новоотворени работни места да се добијат кредитни средства во висина од 3000 евра по работно место(значи 12000 евра за четирите работни места), или максимум 17000 евра за сите 5 работни места(5000 евра за основниот кредитобарател и по 3000 евра за секое останато ново работно место). Рокот на поврат на средствата од кредитот е пет години, со вклучен грејс период од една година и каматна стапка од 1 процент на годишно ниво.

За првата и втората варијанта кои се претходно наведени може да се добијат и дополнителни стимулативни средства до 1000 евра по новоотворено работно место, доколку се вработат лица кои се невработени по основ на технолошки вишок, стечај или ликвидација и што имаат користено паричен надоместок најмалку 6 месеци и се невработени повеќе од 3 години. Во таков случај вкупниот обем на средства кој може да се добие за основање на бизнис од мал обем со 3 новоотворени работни места е 12000 евра, а за бизнис од поголем обем со 5 новоотворени работни места е 22000 евра.

 3. Третата варијанта би сакале особено да ја акцентираме. Доколку се работи за основање на бизнис од страна на невработени лица кои имаат под 29 години старост, кои сакаат да отворат 5 нови работни места, тогаш може да се добијат и до 23000 евра. Притоа основниот кредитобарател кој има под 29 години може да добие 7000 евра, а за секое од останатите 4 новоотворени работни места на кои би се вработиле млади под 29 години, да се добијат кредитни средства во висина од 4000 евра по работно место (значи 16000 евра за четирите работни места), или максимум 23000 евра за сите 5 работни места (7000 евра за основниот кредитобарател и по 4000 евра за секое останато ново работно место). Рокот на поврат на средствата од кредитот е 7 години, со вклучен грејс период од 18 месеци и каматна стапка од 1 процент на годишно ниво.

Втората категорија од огласот Кредитирање на микро и мали претпријатија за отворање на нови работни места може да ја искористи секое веќе постоечко претпријатие кое е регистрирано најмалку 1 година, има вработено најмалку 1 лице минимум 3 месеци пред огласот, и не го има намалено бројот на вработените во последните 6 месеци.

Во рамките на оваа категорија постојат две варијанти.

1.Доколку се  отворат нови 3 работни места и на нив се вработат 3 невработени лица кои имаат НАД 29 години старост, тогаш за секое новоотворено работно место може да се добијат кредитни средства во висина од 3000 евра или максимум 9000 евра за 3 нови работни места.

2. Доколку се  отворат нови 3 работни места и на нив се вработат 3 невработени лица кои имаат ПОД 29 години старост, тогаш за секое новоотворено работно место може да се добијат кредитни средства во висина од 4000 евра или максимум 12000 евра за 3 нови работни места

И во двете варијанти рокот за поврат на средствата е 2 години, со грејс период од 1 година, и каматна стапка од 1 процент на годишно ниво.

Ова се навистина добри можности и услови кои се нудат, со добра финансиска помош од страна на државата, со ниски каматни стапки на поврат на средствата и добар период за поврат на средствата, за да може да се започне бизнис или пак да се отворат нови работни места во веќе постоечки бизнис. Апелираме лицата кои се невработени да ги разгледаат можностите, да направат план и анализа и да се охрабрат да основаат бизнис и да овозможат своја професионална реализација и егзистенција. Исто така, апелираме кон веќе постоечките претпријатија кои ги исполнуваат условите да размислат да ги искористат овие можности, да отворат нови работни места и да вработат граѓани, и на тој начин да остварат корист и за општеството преку вработувањата, и за своите компании со зголемениот обем на работа и продуктивност на лицата кои ќе ги вработат.