Јанакиески: Поголем економски развој за источна Македонија со изградбата на патната инфраструктура

Побезбеден и помодерен сообраќај ќе  овозможи реконструкцијата на патот Велес-Штип на делницата до Кадрифаково која е во должина од девет километри, а за чија изградба денеска се информираше министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски и градоначалниците на Велес, Штип и Лозово.

Инветицијата вреди 6,5 милиони евра, а предвидува проширување на три коловозни ленти односно 11 метри.

- Овој патен правец е ветување во програмата на Владата, но исто така и барање и потреба од граѓаните. Оваа делница е стара над 50 години, а по завршување на градежните работи ќе се овозможи побезбеден и помодерен сообраќај, истакна Јанакиески.

Реконструкцијата на патoт  со одредено проширување чини околу 15 милиони евра, а вкупно се опфатени 24 километри. Еден дел од патниот правец веќе е завршен, информира Јанакиески.

Тој потенцира дека сега  се работи и на проектирањето за проширување и реконструкција на делницата од Штип до Кочани, кој се очекува да започне со градба кон крајот на наредната година. Моментално се работи и на патот од Делчево до Голак.

Согласно владината програма во иднина планиран е и експресен пат од Штип до Радовиш кој треба да почне да се гради кон крајот на 2017 година.

Во тек е изградбата и на  патот од Скопје до Штип, а Јанакиески истакна дека паралелно се работи на голем број локални патишта со што Владата работи посветено на реализација на програмата ветена пред граѓаните.

- Изградбата на патната инфраструктура во Источна Македонија ќе значи поголем економски развој за Источна Македонија како и побрзо и побезбедно патување на граѓаните, потенцира Јанакиески.

Директорот на ЈП за патишта Љупчо Георгиевски истакна дека рокот за изградба на оваа делница е 18 месеци,а работите започнаа во мај годинава. - За оваа година можеме да им ветиме на граѓаните дека до крајот на годинава ќе биде поставен првиот носечки слој на асфалтот, а финалниот во  наредната година согласно програмата на Владата и на Министерството за транспорт и врски, потенцира Георгиевски.